Важноста на пријателството

Важноста на пријателството

„Можеме да ги избираме пријателите, но не и семејството“.

Зборови кои објаснуваат дека личната и позитивна природа на пријателството е доброволна. Ние сме социјални суштества и нам ни е потребно она чувство на припадност и почит од и за луѓето кои ни значат. Затоа, вредните и долготрајни пријателства се многу ценети и чувани.

Важноста на пријателството

Блиските пријатели ги споделуваат своите искуства и на некој начин стануваат дел од меѓусебните животи. Тие скоро секогаш имаат слични погледи, ставови и вредности, а понекогаш ги делат и потеклото и традициите. Тие ги сведочат подемите и падовите во животот и неочекуваните промени кои се случуваат во него. За разлика од нив, луѓето кои немаат блиски пријатели често ја искусуваат ранливоста од осаменоста, онаа специфична состојба која повеќето од нас барем еднаш сме ја почувствувале во одреден период од животот.

Пријателствата најпрвин се развиваат во детството, кога младите учат да стапуваат во меѓусебни односи и комуникација со другите. Тие учат како да се согласуваат и да не се согласуваат со другите, да разменуваат зборови и гестови, да се прилагодуваат на темпераментот и карактерот на другите и да стекнуваат нови пријатели. Овие рани вештини и сознанија ги претставуваат основите за сите подоцнежни пријателства. Пријателите ги разменуваат сите слави и радости, разочарувања и грижи. Кога луѓето се чувствуваат тажни, тие често го бараат вниманието на своите стари пријатели за да ја задоволат потребата од разбирање, за да ја поделат својата мака со некој кој знаат дека ќе ги ислуша и ќе се обиде да им помогне. Иако понекогаш, во оние периоди на депресија, тие можат и да избегнуваат контакт со другите. Независно дали причина за тоа претставува недостатокот на енергија или затоа што мислат дека не се доволно вредни и достојни, луѓето се повлекуваат кога најмногу им е потребна поддршката од блиските.

Според едно истражување спроведено врз социјалниот живот на возрасните, се открило дека луѓето кои имале подолготрајни пријателства многу подобро се справувале со дневните предизвици и проблеми од оние кои биле помалку социјални. Блиските пријателства ги подобрувале функциите и расположението и позитивно влијаеле на психичкото и физичкото здравје.

Социјалните медиуми како Фејсбук, Твитер, Инстаграм и многу други, наводно им овозможуваат на луѓето да го прошират својот круг од пријатели или да создадат нов. Но, за жал многу од овие пријателства се повеќе виртуелни отколку реални, а односот кој се развива има мало значење. Во духот на создавање нови пријателства, интернетот, иронично, може уште повеќе да ги раздели луѓето. Електронските и социјалните медиуми никогаш нема да можат да ја заменат автентичноста и интимноста на личната комуникација.

Добрите пријатели се отворени и искрени меѓу себе. Тие ги толерираат своите маани и слабости, ги ценат и почитуваат разликите и критикуваат само во оние моменти кога е потребно. Според многумина, моментите кои ги споделуваме со најблиските се едни од најнезаборавните моменти од нашиот живот, а добрите пријателства се најубавиот дел од него.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар