Што е тоа што ги прави луѓето вредни и достојни?

Што е тоа што ги прави луѓето вредни и достојни?

Која е личноста што ја гледате во метафорското огледало на животот? Дали таа ви се допаѓа? Дали ја цените и ја почитувате? Луѓето отсекогаш се интересирале за автентичните лични квалитети. Сите ние водиме комплицирани животи и различно реагираме на секојдневните ситуации. Постојат моменти кога се потценуваме, но крајно сакаме да ни биде удобно во сопствената кожа и да се чувствуваме добро за тоа што сме.

Што е тоа што ги прави луѓето вредни и достојни?

Во различните истражувања спроведени врз илјадници субјекти се покажало дека повеќето индивидуи имаат слични погледи за тоа што предизвикува да ја ценат сопствената вредност. Заклучокот бил јасен. Материјалното богатство, скапите предмети и статусот не се оние работи кои ја одредуваат вредноста на една личност, туку таа зависи од нашата способност да се постигне состојбата од четирите главни карактеристики на себевреднувањето: постоењето, припаѓањето, верувањето и љубезноста.

1. Постоење (лично)

Луѓето кои имаат смисла за постоењето, имаат смисла и за внатрешниот мир и прифаќањето себеси. Тие се благодарни за она што постанале и за начинот на комуникација и поврзување со луѓето. Имаат реалистична слика за себе и свесни се за своите маани и недостатоци. Се ценат и почитуваат себеси и покрај нивните грешки, несовршености и физички и психички лузни. Тие се љубезни и дарежливи кон другите и знаат да простат, најпрвин себеси, а потоа и на другите.

2. Припаѓање (социјално)

Луѓето кои имаат чувство на припаѓање се членови на барем една општествена група која им е важна и каде се чувствуваат ценето, но и го враќаат тоа чувство. Тоа може да биде семејство, клуб, банда, тим, пријателски круг и слично. Членовите чувствуваат органска припадност и удобност со другите луѓе со кои ги делат своите мислења, ставови, традиции и нудат поддршка, почит и пријателство. Овие врски ја спречуваат анксиозноста која доаѓа од осаменоста и придонесуваат за физичкото и емоционалното здравје и квалитетот на животот, воопшто.

3. Верување (етичко/духовно)

Смислата за верувањето се однесува на водечките вредности и етиката на однесувањето. Милиони луѓе веруваат во својот Бог кој им дава надеж и поттик за да продолжат понатаму и им обезбедува морални правила за нивното однесување. Но, еден човек не мора да верува во некоја виша сила за да биде морален и етичен. Религиозните следбеници не се попринципиелни или поемпатични од агностичарите и атеистите. Она што е навистина важно е тоа што треба да веруваме во еден систем на морални принципи и цивилизиран однос. Кога се водиме по принципи засновани на религија, хуманизам или некоја друга човечка, социолошка филозофија, нашите животи стануваат позначајни во моментите на радост или тага. Кога секојдневно се прашуваме за проблемите кои се поголеми од секојдневниот материјализам и сме воодушевени од тоа колку сме минијатурни во споредба со милионите универзуми, тогаш бегаме од баналното секојдневие и се транспортираме во духовното царство на разбирањето.

4. Добродушност

Чувството на добродушност е свесноста за тоа колку добри и дарежливи сме биле или можеме да бидеме во нашиот живот и за позитивните ефекти кои ги имаме врз другите. Добродушноста и добротата се кулминација на претходните три карактеристики на човечката вредност. Нашите лични наследства се најдобро претставени од нашите дела на пристојност, грижа и добрина кон другите. Кога нема да ја сметаме нашата историја на агресивност и насилство, тогаш можеме слободно да кажеме дека ние луѓето сме генетски предиспонирани да им помагаме на оние на кои им е потребна помош. Можеме да научиме да се однесуваме толерантно и дарежливо и да ги прифатиме другите. Добрината која ја даруваме на другите во текот на нашиот живот е есенцијалната компонента на добродушноста и врвот на нашата сопствена вредност.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар