Помалку познати ментални болести за кои би требало да бидете свесни

До неодамна, менталното здравје се сметаше за табу тема која не треба да се дискутира. Денес, бариерите полека се рушат и многу луѓе повеќе не се плашат да разговараат отворено за менталните болести. Не е чудно тоа што најчесто дискутираните нарушувања се оние кои се најмногу застапени, како што се депресијата, анксиозноста и нарушувањата во исхраната. Но, постојат и многу други ментални болести за кои помалку се зборува, иако би требало да знаеме дека постојат. Тие не се толку чести, меѓутоа важно е да бидеме свесни за нивното постоење за да можеме да ги препознаеме. Во продолжение прочитајте за помалку познатите ментални болести на кои треба да им се обрне повеќе внимание…

Помалку познати ментални болести за кои би требало да бидете свесни

Синдромот на Минхаузен

Луѓето со ова опасно нарушување намерно си предизвикуваат симптоми за физички да се разболат. Тие имаат интензивна потреба да се преправаат дека се болни или повредени и одат до екстреми за да го постигнат тоа, се повредуваат себеси или подлегнуваат на болни медицински тестови и процедури. Важно е да се напомене дека ова нарушување е многу поразлично од хипохондријата. Хипохондриците вистински веруваат дека се тешко болни, додека, пак, оние кои патат од ова нарушување знаат дека не се.

Луѓето со синдромот на Минхаузен имаат голема, но непостојана медицинска историја, променливи симптоми, навика да бараат терапија во голем број различни клиники и болници и влошувања веднаш штом нивното здравје се подобри. Тие може да поседуваат големо знаење за болниците и медицинските термини. Исто така, без проблем подлегнуваат на медицински процедури и операции, дури и кога истите се многу болни.

Причината за појавата на синдромот на Минхаузен е непозната, но многу експерти ја поврзуваат со запоставеноста во детството и историја на вистински физички болести за кои била потребна хоспитализација. Најчеста е кај младите луѓе, но не постојат точни податоци за нејзината застапеност. Тоа е така поради фактот што болеста се заснова на лаги и тешко е да се воспостави конечна дијагноза. За да се излечи потребна е терапија со цел да се идентификуваат емоционалните проблеми кои лежат зад неа и предизвикуваат пациентот да се преправа дека е физички болен.

Абуломанија

Абуломанија е патолошка неодлучност која е толку сериозна, што го спречува човекот да функционира во секојдневниот живот. Честопати болеста е придружена со анксиозност, депресија и голем стрес. Луѓето со абуломанија не си веруваат на сопствената проценка и затоа се парализираат и вознемируваат кога треба да одлучат нешто. Обично стануваат зависни од партнерот, бидејќи се плашат од тоа што ќе се случи ако останат сами. Други симптоми вклучуваат страв да бидат напуштени, преголема чувствителност на туѓите критики, пасивност во врската и проблеми при изразувањето несогласност со другите луѓе.

Психотерапијата е најефективна за лечење на ова нарушување, но на пократок период, бидејќи долгорочната терапија може да доведе до зависност од докторот. Терапевтот работи со пациентот и му помага да развие стратегии кои ќе го направат поодлучен и независен.

Помалку познати ментални болести за кои би требало да бидете свесни

Дисоцијативна амнезија

Амнезија е комплетно губење на меморијата од мозокот, но дисоцијативна амнезија се случува кога личноста блокира одредени сеќавања, најчесто затоа што се поврзани со некој трауматичен или екстремно стресен настан. Сеќавањата сѐ уште постојат, но толку длабоко се закопани, што немаат пристап до нив. Болеста е тесно поврзана со доживувањето или сведочењето на трауматични настани, како што се злоупотребата, природни катастрофи или војна. Основниот симптом на дисоцијативната амнезија се големите дупки во меморијата. Но, некои луѓе покажуваат и знаци на анксиозност и депресија.

Ова психолошко нарушување може да се излечи. Главната цел е да му се помогне на човекот да ги врати неговите изгубени сеќавања. Откако сеќавањата ќе избијат на површина, може да се продолжи со терапијата. Пациентите учат на здрав начин да се справат со нивните трауми и да функционираат во секојдневниот живот.

Антисоцијално растројство на личноста

Како што може да се заклучи од самото име, лицата со ова растројство често се повлекуваат и одбегнуваат голем број друштвени и професионални ситуации бидејќи се плашат дека ќе бидат понижени и осудувани. Тие се многу срамежливи и имаат ниска самодоверба, поради што се чувствуваат толку непријатно помеѓу други луѓе. Тие се сметаат себеси за инфериорни во однос на другите и тешко им е да создаваат пријателства и љубовни врски, бидејќи се плашат дека ќе бидат отфрлени доколку некој ги запознае интимно. Овие стравови и анксиозност доведуваат до тоа луѓето што патат од ова растројство да живеат во екстремна изолација.

Најефективната терапија за антисоцијалното растројство на личноста е разговорот, заедно со антидепресивите. Иако не може да биде целосно излечено, луѓето со ова растројство можат да ја зголемат нивната самодоверба и да најдат начин подобро да се поврзат со другите. Доколку ова растројство не се лекува, може да доведе до изолиран животен стил и развој на дополнителни нарушувања како што се депресијата и злоупотребата на супстанции.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар