Љубовни писма на Фрида Кало од тинејџерските години кои ќе ви предизвикаат бура од емоции

Кога ќе се спомене Фрида Кало, првите асоцијации што ни паѓаат на памет се нејзиниот неоспорлив талент, нејзината љубов кон Мексико и неговата култура, но и нејзината турбулентна љубовна врска со Диего, како и ранливоста што Фрида ја има покажано за време на таа врска. Но, и покрај сè, вистината е дека таа имала неверојатна способност да ги пронајде вистинските зборови и да ги извлече од длабочината на нејзината душа уште пред да го запознае Диего. Љубовните писма на Фрида од нејзините тинејџерски години не само што го потврдуваат тоа, туку и го докажуваат фактот дека таа била повеќе од легенда. Пред сѐ, таа била обично човечко суштество со чувства и емоции исто како и сите нас.

Прочитајте ги љубовните писма на Фрида Кало кои ќе ви предизвикаат бура од емоции

Во нејзината биографија „Фрида: Биографија на Фрида Кало“ од Хајден Херера, читателите добиваат можност да се запознаат со интимниот живот на оваа неверојатна жена додека била во нејзините тинејџерски години, пред да стане икона. Акцент се става на првата сериозна љубовна врска кога за прв пат почнала да копа во нејзиниот внатрешен бунар богат со емоции и душа. Соученикот Алехандро Гомез Ариас, успеал да го украде нејзиното срце, но и тој не останал рамнодушен. И двајцата се вљубиле еден во друг и набрзо почнале да си разменуваат лични и емотивни писма, за време на летото во 1923 година. Важно е да се спомене дека родителите на Фрида не ја поддржувале оваа врска.

Во чест на нејзиниот 109-ти роденден, кој да беше жива ќе го прославуваше вчера, на 6-ти јули, ви претставуваме дел од нејзините љубовни писма кои ќе ви го стопат срцето.

Започнуваме со едно од првите писма за Алехандро во кое Фрида почнува да го вади заштитниот вел и да ја открива нејзината ранлива и самосвесна личност…

Алекс: Ја добив твојата порака вчера, во 7 часот навечер, кога најмалку очекував дека некој ќе се сети на мене, а уште помалку доктор Алехандро, но за среќа, сум погрешила… Не знаеш колку бев среќна што имаше доверба во мене како да сум ти најдобар пријател и што ми зборуваше како што никогаш претходно не си ми зборувал, со оглед на тоа што со малку иронија ми велиш „Јас сум толку супериорен“ и „Јас сум многу над тебе“. Јас ќе ја видам основата на тие реченици и нема да го видам она што другите би го виделе во нив… И ти побара совет од мене, нешто што би ти го дала со целото мое срце, ако малото искуство од моите 15 (16) години вреди нешто, но ако доволна ти е само добрата намера, не само што мојот скромен совет е целосно твој, туку и целата јас сум целосно твоја…

Па, Алекс, пишувај ми често и долго, што подолго тоа подобро…

Прочитајте ги љубовните писма на Фрида Кало кои ќе ви предизвикаат бура од емоции

Многу искрено, нели? Сите ние сме имале силни тинејџерски чувства, но само неколкумина се осмелиле да признаат дека чувствуваат пеперутки во стомакот кога ќе видат некого. И тоа не завршува тука. Фрида не се срамела од ништо и таа е веројатно инспирацијата што очајно ни треба на сите за да собереме храброст и да ги признаеме нашите емоции без никаков срам. Фрида му ветила на Алехандро дека ќе му праќа писма секој ден за да му докаже дека не го заборавила…

Кажи ми ако не ме сакаш повеќе Алекс, јас те сакам иако ти не ме сакаш повеќе од болва.

Помеѓу 1923 и 1924, Фрида и Алехандро се разделиле за време на училишниот одмор, но и затоа што започнал бунтот против претседателот Обрегон. Навидум безнадежната разделба само уште повеќе го зголемила интензитетот на нивната врска, што со себе донело и зголемена параноја, несигурност и други негативни чувства кои никој не сака да ги има. На крајот, парот успеал пак да се соедини и покрај политичките немири во Мексико. Таа во едно писмо од декември 1924 година му пишува…

Мој Алекс: Те сакам уште од првиот момент кога те видов. Што велиш? Ќе поминат веројатно уште неколку дена пред да се видиме и затоа те преколнувам да не ја заборавиш твојата убава, мала жена… Понекогаш навечер многу се плашам и посакувам да беше до мене за да не бидам толку исплашена и да ми кажеш дека ме сакаш исто како порано, како минатиот декември, иако јас сум „лесна“, нели Алекс? Сигурно сакаш лесни работи.

Најтешко е кога се сомневаме во себе и не веруваме дека нашиот партнер нѐ сака и мисли на нас кога не сме заедно. Можете само да си замислите како таа се чувствувала во овој период. Млада жена со сите грижи и со целиот гнев што е нормален за секоја тинејџерка.

Прочитајте ги љубовните писма на Фрида Кало кои ќе ви предизвикаат бура од емоции

Врвот на нејзината самосвесност, храброст и искреност доаѓаат до израз во едно писмо од јануари 1925 година. Во него Фрида зборува за љубомората, нешто коешто дури и најразумните возрасни луѓе се обидуваат да го победат и разберат.

Што се однесува до она што ми го кажа за Анита Рејна, вообичаено не би се налутила дури ни да се шегуваш, пред сѐ затоа што ги сакам сите луѓе што ги сакаш или си ги сакал, само поради тоа што ги сакаш. Меѓутоа, не ми се допадна тоа дека сте се милувале, бидејќи и покрај тоа што разбирам дека е навистина многу згодна, чувствувам нешто како… Како да кажам… Како завидливост, знаеш? Но, тоа е природно. Друг пат кога ќе посакаш да ја милуваш, дури и да се работи само за сеќавање, милувај ме мене и мисли си дека е таа, важи? Мој Алекс?

…Прости ми за повторувањето на зборот „сака“. Пет пати по ред, но многу сум збркана.

И покрај тоа што биле многу заљубени еден во друг, двојката се разделила. Но, белегот што си го оставиле никогаш не избледел. Нивната љубов покажува колку се комплицирани врските, но и фактот дека дури и најневеројатните личности во историјата, како што е Фрида Кало, некогаш биле тинејџери. Чудни, несигурни и изгубени тинејџери.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар