13 инстинктивни стравови кај луѓето (и причините зад нив)

Додека некои викаат дека луѓето нема од што да се плашат освен од самите себе, всушност многу работи во нашата ДНК имаат влијание на нашите стравови. Зошто некои работи се страшни? Дел од нив бидејќи ни будат негативни сеќавања, а другиот дел поради физичкиот одговор кој го предизвикуваат во нашите тела. И иако некои фобии се навистина чудни, има многу работи кои предизвикуваат инстинктивен страв кај луѓето, и тоа со добра причина. Стравот е клучна компонента за секојдневното преживување, вградена во нас уште од најстарите предци. Нема сомневање дека во природата постојат навистина страшни работи. Некои научници претпоставуваат дека стравовите се пренесуваат преку нашата ДНК, што значи дека стравот од некои работи ни е вроден. Погледнете за кои стравови станува збор.

13-instinktivni-stravovi-kaj-lugjeto-kafepauza.mk

1. Страв од височина

Стравот од височина се активира кога вашето внатрешно уво чувствува зголемена гравитација и им кажува на другите ваши сетила за тоа. Со ова го предупредува вашето тело за растојанието помеѓу вас и земјата. Ако, на пример, растојанието надминува 10 метри, вашето тело преминува во паничен режим штом очите испраќаат визуелни сигнали до мозокот.

Стравот од височина е фасцинантен бидејќи додека нашето тело е програмирано да искусува промена во гравитацијата, ние не го поседуваме овој страв од раѓање. Со едно истражување спроведено во универзитетите во Калифорнија и Кјото, научниците успеале да откријат во која фаза од нашиот развиток го развиваме овој страв. Според нив, тој се појавува откако бебето ќе почне да учи некои моторни вештини, како лазењето. Луѓето „учат“ да се плашат од височина кога почнуваат да добиваат перцепција за просторот и движењето.

2. Страв од змии

Античките луѓе биле цицачи со живеалишта на дрва и затоа многу често биле храна за змиите. Уште од почетокот на времето ние сме имале страв од змии. Поради ова, нашите очи развиле способност да ги гледаат боите поживо – не за да можеме да сликаме виножита, туку за да ги избегнуваме змиите.

За да се докаже ова, едно истражување од 2001 година покажало дека децата многу побрзо наоѓаат змии отколку цвеќиња. Всушност, нашиот нервен модул за страв е одговорен за оваа способност. Тоа е исто како да имаме вградено аларм за змии.

3. Страв од пајаци

И овој страв е вграден во нашата ДНК благодарение на нашите предци. Пајаците претставувале многу поголема закана за луѓето во античките времиња. Дури и каснување од пајак што не е отровен можело да биде смртоносно. Археолозите претпоставуваат дека способноста за распознавање и стравот од пајаците резултирале со повеќе преживеани потомци на нашите предци.

Аракофобијата, или стравот од пајаци, често е поврзана со стравот од змии. Она што е интересно е дека овој страв повеќе го има кај жените. Женските бебиња (некои и само со 11 месеци) веќе имаат поголеми шанси да се плашат од пајаци во споредба со машките бебиња на иста возраст. Ова најверојатно се случува бидејќи доколку во минатото жена била касната од пајак, нејзиното дете веројатно би умрело без неа. Во време кога мажите биле воини, а жените биле оние кои се грижеле за другите, пајаците претставувале поголема закана за нив и нивните деца.

4. Страв од очи

Дали имате забележано како избегнувате контакт со очи со некој патник во автобус? Вие најверојатно следите антички инстинкт. Дури и децата несвесно го тргаат погледот кога пар очи што не го познаваат ќе погледне во нив. Има причина зошто очите ги нарекуваме прозорци на душата – тие им кажуваат многу на другите луѓе. Пар очи што покажува страв или тага може да предизвика реакција кај оној кој ги гледа.

Кога вашиот мозок ќе налета на емотивни очи – посебно на негативни – забрзано ја зголемува веројатноста за опасност со тоа што испушта агресивни хормони. Слично на ова, ако видиме дека некој гледа во нас, мозокот исто така се активира. Наречен скопофобија, стравот од тоа да бидеме набљудувани е анксиозно нарушување прв пат забележано во 400-тата година пред нашата ера. Луѓето инстинктивно пробуваат да ги проценат другите животни, вклучувајќи ги и другите луѓе. Помислата дека се набљудувани може да предизвика страв и тоа повеќе кај жената отколку кај мажот.

5. Страв од јавно зборување

Јавното зборување не е страв кој го гледаме само кај повлечените средношколци – тоа е универзален страв кој го чувствуваат луѓето низ целиот свет. Дури и луѓето кои не се смртно исплашени од јавното зборување чувствуваат некои од симптомите поврзани со овој страв: пеперуги во стомакот, потење, несоница во текот на претходната ноќ. И тоа е бидејќи коренот на овој страв е вграден во нашата ДНК.

Овој страв доаѓа од амигдалата – делот од нашиот мозок кој ги регулира емоциите и реагира на оние емоции што ги гледаме на лицата во публиката. Некои изрази на овие лица можат да бидат прочитани како закани на примитивно ниво. Крајниот резултат е парализирачки страв кој речиси секој од нас го има искусено. Нашиот инстинкт кога сме соочени со море од лица, посебно со непознати, не е да продолжиме со говорот, туку да победиме во она што нашиот мозок го претставило како натпревар во гледање. Заради ова некои луѓе кога ќе се соочат со јавно зборување само гледаат во публиката. За да го надминат овој страв, односно глософобијата, многу луѓе си замислуваат нешто бизарно како идејата дека публиката е само во долна облека.

6. Страв од нагли движења, звуци или изненадувања

Како што изгледа, всушност и можете да бидете исплашени до смрт. Ова е бидејќи луѓето се програмирани да имаат физички реакции кога се исплашени од нагло движење, некој звук или изненадување. Кога сме во нормална, невознемирена состојба, нашето тело на некој начин одмара. Кога нешто ќе се случи – врева, некој влегува во собата, неочекувано придвижување – се активира нашиот рефлекс за плашење, нешто што сме го развиле како алатка за преживување.

Ова е напната хемиска реакција каде што адреналинот ги „поплавува“ вашето тело и вашиот мозок предизвикувајќи реакција. Некои луѓе уживаат во ова чувство па затоа опседнатите куќи се толку популарни. Но некои луѓе не можат да го сопрат дотокот на адреналин, па доживуваат паничен напад.

7. Страв од мали простори

Клаустрофобијата, или стравот од мали простори, се смета за научен страв. Но, истражувачите почнуваат да веруваат дека и овој страв може да потекнува од нашите предци. Кога човек се соочува со пречка или стресна ситуација, природниот рефлекс е „бори се или бегај“. Ова се активира во адреналната медула, која праќа хормони низ целото наше тело кажувајќи му или брзо да бега или да се бори.

Луѓето со клаустрофобија искусуваат анксиозност во мали простори што го вклучува нивниот „бори се или бегај“ рефлекс. И оние кои не се способни да го потиснат својот страв ги искусуваат сите физички рефлекси на стравот. Некои научници веруваат дека избегнувањето мали простори е инстинктивен механизам за преживување, и оние кои го искусуваат „бори се или бегај“ рефлексот во мали места реагираат со заспано средство за преживување.

8. Страв од крв

Многу луѓе се плашат од крв. Некои пак, не се плашат, но стануваат несигурни кога ја гледаат или кога донираат. Научниците претпоставуваат дека причината за ова е еволуционарен рефлекс за страв. Кога некои луѓе гледаат крв, се активира вагусниот нерв кој се протега од главата до срцето. Тој му испраќа сигнал на срцето да забави, со што се намалува дотокот на крв во мозокот. Овој сигнал се испраќа поради многу причини – недоволно јадење, низок шеќер во крвта, недостаток на сон.

Но зошто се случува кога луѓето гледаат крв? Од еволуциска гледна точка, видливата крв значи дека некој е повреден. Во деновите кога сме биле ловци, тоа веројатно значело напад од животно. За да избегне смрт од напад од животно (или друг човек) нашето тело се „исклучува и се преправа дека е мртво.“ Тогаш сигналот што ни го забавува срцето стапува во акција и предизвикува несвестица. Како и да е, колку повеќе крв гледа еден човек, толку поретко се праќа овој сигнал. Затоа докторите имаат повеќе „живци“ да гледаат крв отколку некое дете.

9. Страв од темница

Многу деца (а и возрасни) се плашат од темницата. Дури и пред да се научат децата дека лоши работи се случуваат во ноќта, тие сепак се плашат од темница. Како се случува тоа? Овој страв најверојатно доаѓа од фактот дека нашите предци најчесто биле ловени навечер и во тој период, всушност постоеле ѕверови. Предаторите како лавиците, тигрите и мечките е познато дека ловат навечер.

Некои поголеми предатори ја користат темницата како камуфлажа за да можат да го следат нивниот човечки плен. И ние луѓето сè уште го имаме стравот дека навечер нè лови некој ѕвер. Па кога мало дете ќе ја помине ноќта барајќи во гардероберот и под кревет некое страшно суштество, тоа само го следи стариот инстинкт за страв од темница.

10. Страв од летање

Стравот од летање е универзална фобија како никоја друга. И ова е бидејќи стравот од летање е комбинација од повеќе стравови кои повеќето луѓе ги имаат, вклучувајќи го и стравот од висина. Стравот од летање нема ништо заедничко со стравот од паѓање на авионот, тоа е перцепцијата што нашето тело ја има за тоа дека сме високо над земјата во мал простор.

Додека некои луѓе развиваат страв од летање после исклучително лош лет, многу луѓе имаат вроден страв од тоа да бидат високо над земјата. Сепак, како и многу други стравови, и овој може да биде намален со ментални вежби за намалување на стресот.

11. Страв од смрт

Речиси секоја фобија се „врти“ околу оваа – стравот од смрт. Секој од нас инстинктивно пробува да се одржи во живот. Луѓето го имаат овој страв од две причини, а една од нив е вродената желба за живеење. Ние сме програмирани да преживееме. Па, многу од стравовите што ги перцепираме како закана се дел од нашиот страв од смрт.

Стравот од смрт од предатор е страв дека нешто буквално ќе нè убие, без разлика дали е животно, човек или ситуација. Егзистенцијален страв од смрт – знаењето дека животот во еден момент ќе заврши, е друг вид страв од смрт. Овој е многу помоќен бидејќи е внатрешен страв. Доаѓа од фактот дека ние луѓето сме самосвесни битија со морални стандарди. Па бидејќи луѓето еволуирале да бидат интелигентни, исто така сме еволуирале да имаме внатрешен страв од тоа што ќе се случи откако ќе умреме – нешто што другите животни не го искусуваат.

12. Страв од глувци и стаорци

Зошто некои од нас викаат во ужас кога ќе видат глушец? Во просек овие глодари не достигнуваат повеќе од 400 грама, и тоа оние големите. Но ние сме програмирани да се плашиме од нив благодарение на нашите не толку далечни предци од раната цивилизација.

Истражувачите сметаат дека глувците и стаорците почнале да стануваат страшни за луѓето кога сме почнале да создаваме заедници. Овие суштества многу често носат болести и ги заразуваат изворите на храна. За време на црната чума во Средниот век, глувците биле оние кои ги разнесувале заболените болви низ различни краеви на светот, што предизвикало да изумрат милиони луѓе.

13. Страв од дупки

Додека трипофобијата можеби се прослави преку Интернетот, стравот од дупки всушност потекнува од биолошка реакција. Во развивањето на Интернетот, трипофобијата ги заинтересирала научниците благодарение на страните посветени на овој страв. Во суштина тоа е страв од натрупани дупки, и луѓето кои страдаат од него изјавиле дека имаат панични напади, или се чувствуваат нервозно откако ќе видат некоја таква слика. Додека сè уште не е направено истражување за овој страв, двајца британски научници сметаат дека причината за него е начинот на кој ги гледаме дупките.

Според истражувчите, тесно групирани дупки на некоја слика привелкуваат повеќе внимание отколку слика со пејзаж, на пример. Нашите очи ни кажуваат дека нешто е чудно во врска со изгледот на овие слики, праќајќи му сигнал на нашиот мозок да биде исплашен од сликата. Па, зошто е овој страв релативно нов? Со зголеменото изложување на слики преку Интернетот – посебно слики со висока резолуција – луѓето почнуваат да имаат плашливи реакции кон овие дезени. Еден научник рекол дека ние сме го имале овој страв како вроден – шарите на змиската кожа на пример – само што сега сме повеќе изложени на фотографии кои содржат група од дупки.

Прочитајте дополнителни информации за тоа од каде потекнуваат нашите стравови и фобии!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар