Трикови и совети за подобри фотографии

Трикови и совети за подобри фотографии

Дигиталните фотоапарати имаат сè поголема улога во нашиот живот. Без разлика дали пред некој ден сте го купиле вашиот прв фотоапарат или веќе со години ги фотографирате најдобрите моменти од вашиот живот, погледнете ги овие неколку трикови и совети. Доколку се придржувате до нив, вашите фотографии ќе бидат многу подобри, повпечатливи и попрофесионални од досегашните…

Трикови и совети за подобри фотографии

Проверете ги поставките пред да почнете со фотографирање

Веднаш по притискањето на копчето „on“ проверете ги „сетинзите“ на вашиот фотоапарат. Можеби последниот пат кога сте го употребиле сте биле на затворено или пак, било навечер. Доколку поставките не одговараат добро за фотографирање во околината, би можеле целосно да ги уништите наредните неколку фотографии.

Забрзајте го вашиот фотоапарат

Најголемите жалби се однесуваат на недостиг од брзина помеѓу фотографиите. Секако вие не можете да го претворите фокусот во ферари, но има неколку трикови кои ќе ви помогнат да не притискате бесцелно со прстот на копчето за сликање додека чекате претходната фотографија да се запомни.

Прво најдете ја опцијата „Burst“ или „Continuous mode“ во менито и одберете ја најголемата брзина. Потоа исклучете ја опција за преглед на фотографиите (да не се појавуваат на мониторот после секое снимање). Добар додаток на овие трикови би било и доколку имате побрза мемориска картичка.

Трикови и совети за подобри фотографии

Секогаш одбегнувајте дигитален зум

И покрај тоа што ја имате таа можност, фотографиите со дигитален зум изгледаат ужасно. Најдобро би било доколку не го надминувате оптичкото зголемување кое го нуди вашиот фотоапарат или едноставно исклучете ја таа можност од менито.

Одлични портрети – во секое време

Вградениот блиц на вашиот фотоапарат би требало да се употребува за повеќе работи, а не само за внатрешни забави. Наредниот пак кога ќе сликате портрет, погрижете се да ви биде вклучена опцијата „Fill Flash“ или „Forced Flash“ во зависност од моделот. На овој начин и покрај дневната/собната светлина, вашиот блиц ќе се активира и ќе ви го осветли секој дел од ликот рамномерно, елиминирајќи ги несаканите сенки.

Трикови и совети за подобри фотографии

Трикови за штедење на батеријата

Нема ништо полошо од празна батерија во критичен момент. Секако дека најдоброто решение за ова би било доколку ги наполните батериите вечерта пред да излезете. Но, постојат и други начини на дополнително искористување на батеријата доколку таа е при крај.

Доколку на вашиот фотоапарат имате WiFi или вграден GPS, исклучете ги целосно. Исто така доколку имате оптички стабилизатор за фотографиите, исклучете го и него. Можеби фотографијата на крај ќе ви излезе малку матна, но барем ќе ја имате. Намалете ја и светлината на мониторот и исклучете ја и опцијата за преглед на фотографиите.

Не пробувајте да заштедите батерија така што ќе го исклучувате фотоапаратот после секоја фотографија, бидејќи на тој начин само побрзо ќе ја дотрошите.

Секогаш фотографирајте со најдобар квалитет

Веднаш по купувањето на нов фотоапарат, проверете ја оваа опција. Бидете сигурни дека квалитетот на фотографијата (резолуцијата или пикселите) се на највисоко ниво, а потоа проверете ја компресијата доколку ви е достапна. Тука можете да наидете на многу ѕвезди, броеви и зборови како добро, подобро, најдобро. Секогаш одбирајте го највисокoто ниво, што е еднакво на најмала компресија, бидејќи тоа значи и попрецизна фотографија во поглед на деталите.

Трикови и совети за подобри фотографии

Вклучете ја координатната мрежа на мониторот

Оваа можност ќе ви помогне да не правите „криви“ фотографии. Поставете ги линиите на мониторот паралелно со хоризнтот и ќе добиете совршено „права“ фотографија. На овој начин пејзажите, вертикалните и групните фотографии ќе ви изгледаат многу попрофесионално. Дополнително, точките каде што се пресекуваат линиите се добра позиција за поставување на вашите предмети на фотографирање.

Совети од Холивуд

Режисерите од Холивуд постојано работат напорно за усовршување на нивната работа, но и вие можете многу лесно да направите добро видео. Прво, проверете дали ви е вклучен стабилизаторот за фотографиите и дали се наместени поставките на највисок квалитет. Откако ќе започнете со снимање, секогаш одржувајте го вашиот фотоапарат во хоризонтална положба и воздржувајте се од нагли движења лево-десно или горе-долу, како и од многу брзо зумирање. Доколку сакате да снимите убав пејзаж, секогаш движете го фотоапаратот многу бавно од лево кон десно.

Трикови и совети за подобри фотографии

Не бидете премногу сензитивни

Производителите секогаш се фалат за сензитивноста на нивните фотоапарати, тврдејќи дека тие можат да прават одлични фотографии на многу слаба светлина. Во некои случаи тоа е вистина, но во повеќето не е.

Сензитивноста се мери преку ISO рејтинг кои се движи од 100 до 16.000 и повеќе… Кога опцијата ви е поставена на „Auto“, фотоапаратот ќе избере максимална ISO вредност при услови на слаба светлина. Но, ова може да даде ужасни резултати како дигитални точки кои ја прекриваат фотографијата, на која едвај може да се види што се наоѓа.

Доколку вашиот фотоапарат има лимит во овој поглед, изберете од 400 до 800 и на тој начин ќе имате почисти фотографии. Но, доколку имате време тестирајте во затворени простории, без блиц, со различна сензитивност и потоа проверете ги фотографиите да видите со кој ISO рејтинг ќе имате најдобри резултати и во иднина употребувајте го него.

Експериментирањето е одлично

Убавината кај дигиталните фотоапарати е што можете да направите илјадници фотографии за многу брзо време. Испробајте ги сите комбинации на копчиња кои ви изгледаат примамливо, па ако нешто не ви се допаѓа можете многу брзо и лесно да го избришете и да почнете од почеток.

Доколку притиснете нешто погрешно и после не знаете како да се вратите на првичните опции, не грижете се… Отидете во менито и од поставките изберете ја опцијата „Reset All“. Во ретки случаи при вакви експерименти може да ви се замрзне мониторот на фотоапаратот и тогаш најдобро би било да ја извадите батеријата и повторно да ја вратите. Кога ќе го вклучите фотоапаратот ќе биде како ништо да не се случило.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. Име Reply

    “Секогаш фотографирајте со најдобар квалитет”, не е секогаш препорачано ова. Конкретно кај мене, “quality image” е наместено на “normal”, ако е наместено на “fine”, се јавува потреба од користење на статив.

Напиши одговор на Име Откажи одговор