Работна швалеранција: Од нагонот сè започнува и со него сè завршува

Работна швалеранција: Од нагонот сè започнува и со него сè завршува

Сте се запрашале некогаш колку од врските кои ги гледаме и воспоставуваме секојдневно се испреплетени со други врски кои се кријат под површината на она што јавно го кажуваме и покажуваме? Секако да, а кој не? Јас, да. Се прашувате кој со кого имал секс, дали оној би имал секс со онаа – би биле сексуално компатибилни, дали тој би бил секси и без облека, дали таа е тазе депилирана под хулахопките – како би било да ги допирам нејзините нозе… Сето ова е нормално, светот се базира на секс, луѓето живеат за да постигнат многу нешта, но на крајот на краиштата – сè што прават е во функција на задоволување на нивните потреби. Размислете, кога би можеле да изберете редовен, доживотен страсен секс како од најинтимните фантазии или мнооогу пари, што би избрале? Ако избравте пари, зошто? Аха, добро, колата, куќата, стварите… А зошто, сето тоа? Ме сфаќате сега.

rabotna-shvalerancija-od-nagonot-se-zapochnuva-i-so-nego-se-zavrshuva-kafepauza.mk

И кога сето ова ќе се стави во контекст на секојдневниот живот и одењето на работа, зарем не е чудно сексот и понатаму да останува примарна потреба која секое зрело човечко битие тежнее да ја реализира!?

Не, не сум напален тинејџер, кој го гледа светот низ своите пречести ерекции, ниту девојка во оние години кога најмногу сака да го става своето тело на располагање на други како извор на обострано задоволство. Јас сум од оние кои биле ваму-таму, чуле за некој што се шврљл со друга, додека жена му дома гледа деца, а него едвај; од оние кои виделе во ресторан двајца луѓе кои во тој момент би требало да вечераат посебно, секој со своите „официјални“ партнери; па и искусиле нешто на своја кожа.

Кога ќе загледате вака човек отстрана, можете ли да претпоставите како функционираат неговите сексуални апетити. Како ги задоволува? Дали банкарот што работи на кредити ја мерка девојката на платен промет? Дали маж ѝ на другарката што беше да работи и студира две години во Англија, ѝ бил верен за сето време? Дали на семинарот момците што ги гледам од бината шушкаат за мојата презентација или за моето деколте?

Можеби не размислувате вака за луѓето, и рака на срце – не треба. Сите толку се трудиме да си ја зачуваме интимата, да имаме приватен живот, без да ги изложуваме валканите алишта на ачик, а само треба да дојде таков момент – да се подигне нивото на хормони во две човечки тела – и веќе пред целосен странец добиваш храброст да ја кажеш најголемата тајна што ја чуваш дури и од жена ти, особено од жена ти – сакам да те легнам.

Секако, ова се суптилни работи кои не можеме да ги видиме од страна, освен ако прељубопитно не навлеземе во длабока анализа на меѓучовечките односи.

Жената ја има таа огромна моќ, кога е згодна, да привлече погледи, внимание и наклонетост од другите, дури и од другите жени, но за некоја што не знае како да работи со својот сексапил, секогаш останува дилемата: дали го одбра мојот проект затоа што му се допаѓам или навистина цени како работам?

Во крајна линија, не е ни битно кој со кого се секса, кој кого шмека и дали секој од учесниците има друг „официјален“ партнер во својот живот. Работата е дека настануваат незгодни ситуации. Пример, кога идеш во печатница да ги одобриш боите, не очекуваш дека типот ти го земал бројот за.. па не за боите. Боите одобрени на лице место, СМС-ите почнуваат во моментот кога си заминуваш од таму. Како ли ме запишал во телефонот? Што ли би си помислила жена му ако знае? Сирото дете што ќе расте со ваков татко!

Или идеш на службен пат, среќаваш еден куп луѓе и никако не можеш да знаеш кој сака да се социјализира (networking, нели?), а кој сака ептен да се зближи. И нормално, ако згрешиш во проценката, треба или да се тргнеш на страна или да почнуваш со други луѓе да се зближуваш од почеток.

Некој тоа го сака. Во ред е да се трага по задоволување на потребите. Некој одлучува да се воздржи за да го направи тоа со оној што го чека дома, некој не сака да им се покори на правилата и ужива да ужива во „забранетиот“ секс. И тоа е во ред, кој како сака, така си прави.

И едните и другите го чувствуваат истото, некои само поразлично се справуваат со своите нагони за разлика од други. Не осудувам. Или живееш со страст или со совест, двете доведени до 100% на линијата за мерење не функционираат заедно.

Не би рекле дека сме сексуални суштества во кои врие желбата за задоволување на таа стимулирачка потреба која нè тера да правиме „гревови“ или макар да имаме „црни мисли“? Па зошто тогаш секоја е*ана бизнис комуникација помеѓу лица од спротивен пол (најчесто) се сведува на основната перцепција на другиот, степенот на општа привлечност, сопствените размисли да се биде нешто повеќе со другата личност? Зошто директорот има миленичка од другата канцеларија, кога ние во оваа даваме трипати подобри резултати во извештаите? Зошто колегата има женска со цицки на ѕидот и често дава недолични коментари за други жени кога неговата дома ги вади цицките за да го нарани нивното штотуку родено бебе? Зошто тој инсистираше да се видиме за да ми го даде цедето кога можев да пуштам да го земат со точак? Дека многу му се прави маабет со мене? Не би рекла, инаку не би го избрал кафичот што е толку скриен, што да сакам да отидам пак, нема да можам да го најдам.

Женети, мажени, со деца, без деца, со врска на далечина или со врска која опстојува во 40 квадрати – не е битно, нагонот и совеста не бираат по брачен статус. Инаку немаше да има толку разводи, откази добиени без јасна причина и незгодни ситуации помеѓу луѓе кои наеднаш не контактираат повеќе.

А да, ќе останам анонимна, не сакам да стане незгодно кога ќе се сретнам во ходник со колегата кој веројатно се пронашол во приказнава.

Анонимка

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Анонимен Reply

    браво

Напиши одговор на Анонимен Откажи одговор