Најубавото писмо за Пролет

Најубавото писмо за Пролет

Автор: Александар Димитров

najubavoto-pismo-za-prolet-kafepauza.mk

(Волјата на времето е безусловна.)

О, Време,
Навидум кротко, а проклето сето,
од каде извира твојот гласен молк?

Наслушнувам како вреска твојата нова рожба. И пак ќе ја крстиш Пролет. И твојата радост никој нема да ја расколеба. Но, додека се радуваш на животот кој го даруваш, душава ми се нажалува и тропа однатре за да те потсетам на оние што ги заборави.

Објасни ми! Зарем не ти е трула утробата кога ја проголта и неа? Како успеа да ми ја одземеш кога очиве и рацеве беа оков за неа? А јас никогаш не те пријавив за киднапирање…

Тоа што ја познаваш од првиот нејзин ден не ти дава право да ја сокриваш од мене. Та нели заедно ги мирисавме деновите од нејзиното детство? Та нели заедно ги пречекувавме пеперутките кои слетуваа во нејзината коса… онаа иста коса во која засолниште си наоѓаа пролетните ветрови? Та зарем… почекај, некој тропа на прозорец…

Дождот беше. Ме прашуваше пак за неа. Ме утешува дека ја бара. Јас, како по обичај, му велам да почека, да испечам нешто и ѝ испратам, ако наиде на неа. Не знам дали ќе ја нахранат солзите – жешки, честопати прегорени, но тој, дождот, го чувствувам како им се радува. Понекогаш дури се сомневам во неговата чесност… што ако на пола пат застанува и ги голта лакомо, пред да стигнат до неа?

Кажи ѝ Време, кажи ѝ дека не мириса ниту оваа пролет, трета по ред. Прати ѝ го писмово што ќе го свиткам како куферче со зборови, макар што зборовите не знам да ги здиплам по оној војнички ред. Пренеси ѝ дека не научив како се заборава. Секогаш кога се погледнувам во огледало, таа доаѓа одзади, ми го топли вратот, шепотејќи ги забира рацете околу мене, а нејзиниот стисок не ги гуши, ами ги буди копнежите. И кога се свртувам, таа исчезнува. Живее само во одразот во огледалото.

И тогаш те проколнувам. Душата за соговорник каменот го наоѓа. А, таа, сирота, секогаш те спомнуваше по добро. Еднаш, додека топев од медот на устето ѝ, ми прошепоти: „Ќе дојде Време, ќе ти облечам бело…“

Црнеат тие сеќавања. Срам да ти е! Злосторнику! Ја штитиш ли барем од болести, од погледи, од уроци? Ја храниш ли? Колку да знаеш, љубовта ѝ беше омиленото јадење. Затоа со писмово ти праќам и сронета трошка љубов за неа. Да живее за мене.

И навечер носи ѝ по едно јаболко. Најмногу ги сакаше оние од градината на баба ѝ, во кои ги мешавме нашите заби и се смеевме на фигурите што ги правевме. Кога ќе дојдевме до срцевината на јаболките, велеше дека ѝ наликуваат на анорексични манекенки со афро фризури и широко разиграни кратки фустанчиња околу колковите. Смеејќи се на забелешката, го затворавме преминот на сончевите зраци меѓу нашите тела, допирајќи си ги носевите, галејќи си ги усните, мешајќи си ги срцата… и сонцето немаше друг излез, освен да продре во нашите срца.

И вети ми дека ќе изградиш градина онаму каде што е таа… онаква како нашата – да заспива меѓу птиците, а ако таму не никне трева, дозволи да ја галат облаците.

О, Време, ти што вечно постоиш, ти што сведок и крадец си на сè, па и на мојата недоречена биднина, однеси ѝ го ова писмо. Колку да ја потсетиш за моето постоење; да ја потсетиш дека моето постоење е и нејзино живеење. И барем на мигови, кратки, делумно постоечки, навраќај ја нејзината вечност во моето сеќавање. Навраќај ги годините. Само, те молам, пролетта не ја навраќај.
Пролет беше и тогаш…

Од Александар,
твојот минувач


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар