Книга: „Вулф Хол“ - Хилари Мантел

Книга: „Вулф Хол“ – Хилари Мантел

Фантастично патување низ највозбудливиот дел од Британската историја
1-kniga-vulf-hol-hilari-mantel-kafepauza.mkНаша оценка: 10
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (2 гласа, просек: 10,00 од 10)
Loading...

Не сум голем вљубеник во историјата, барем не во онаа историја која ни ја предаваат и која нè тераат да ја „бубаме“ во текот на образованието. Додека некој не ти пренесе на вистински начин некое делче од бројните настани кои го обележале создавањето на светот таков каков што е денес, џабе се сите имиња, бројки и години. Можеби не знам која година започнала и завршила секоја војна на оваа планета која не знае за мир, но знам доста за историјата на Велика Британија. Отсекогаш ми била интересна, плус во ниту една книга по историја до сега (да бидеме реални, немам многу од нив прочитано) не сум сретнала поглавје за Хенри VIII, па не успеале да ми го направат здодевен. Всушност, не верувам дека такво нешто е изводливо.

Ја имав и таа среќа да го видам Хемптон Корт и сфатив дека со право историчарите, писателите и режисерите се опседнати со тој дел од Британската историја, бидејќи е едноставно непресушен извор на приказни. Секако, многу се случувало пред и после Хенри VIII, но може да се каже дека случувањата во негово време оставиле огромна трага врз историјата на Велика Британија. Плус, ретко кој лик е поврзан со толку контроверзии.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Хилари Мантел ја има освоено наградата Man Booker Prize два пати, еднаш во 2009 година за Вулф Хол, а потоа и во 2012 година за продолжението „Bring up the bodies“ што претставува неверојатен успех и признание само по себе. Тешко е човек да пронајде лоша критика за овие две дела, што е зачудувачки доколку се земе предвид колку многу обиди се направени да се рекреира повторно преку некое дело тој дел од Британската историја. Сепак, Вулф Хол е автентичен роман кој следи одредени историски настани прецизно и точно, но се разбира низ писателската призма и имагинација на авторката. Она што Вулф Хол го нуди е еден сосема свеж пристап кон лик кој секогаш имал централна улога, но конците ги влечел од позадина – Томас Кромвел.

2-kniga-vulf-hol-hilari-mantel-kafepauza.mk

Роден во кал и беда, под постојаниот притисок на тупаницата на татко му, војник кој се борел во Франција, правник и семеен човек, но најважно од сè, советник на кардиналот Волси, а потоа и еден од најважните советници на кралот. Често опишуван како пресметан и лукав, некој кој единствено ги спроведувал наредбите и каприците на кралот, во книгата Кромвел е лик со кој лесно ќе се поврзете и целосна спротивност од кој било опис кој можеби сте го сретнале претходно. Хилари се чини дека повторно сака да го постави на спротивната страна од неговиот противник, Томас Мор, но овој пат им доделува различна улога. Историјата го помни Томас Мор како лојален советник на кралот, но уште поголем поданик на Бога, човекот кој ја има напишано „Утопија“ и кој ги следел своите морални принципи до самиот крај кога не сакал да го потпише разводот помеѓу Хенри VIII и Катарина Арагонска. Во книгата Мор е радикален верник кој ги мачи и убива протестантите само затоа што се протестанти. Веројатно тоа се должи на релативноста, историјата го извлекла она што го сакала од двата лика, но Хилари ја користи токму таа релативност за да креира една сосема нова слика.

Книгата бара внимание и посветеност, има голем број ликови кои сепак не е толку тешко да се следат, особено ако се земе предвид дека на самиот почеток авторката ги издвојува најважните од секое поглавје со кратко објаснување. Сеедно, ова не е „Тудорите“ и иако Џонатан Рис Мејерс беше убав за гледање во сите тие набиени и напнати сцени во спалната соба, тука се работи за нешто сосема друго. Уживав максимално во описите, во стилот на пишување и во конверзацијата помеѓу ликовите. Хилари Мантел се занимава со најинтересните моменти од дворецот и истите одлично ги пренесува. Книгата е едноставно задолжителна.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 28 јануари 2015.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Zheljko Reply

    #СакамКнигаОдТРИ
    Жељко Младеновски

  2. Aleksandra Reply

    #СакамКнигаОдТРИ Александра Анаќијева

Напиши одговор на Aleksandra Откажи одговор