Седум заблуди за изучувањето на странски јазици

Во светот се зборуваат над 6.000 јазици. Некои се поважни од другите, не подобри туку поважни. Станува збор за јазици кои се зборувани и активно употребувани од поголем број луѓе. Како на пример, не би рекле дека нашиот македонски јазик не е доволно добар или напреден, само не им е важен на луѓето од Финска, на пример. За разлика од англискиот јазик, со чие владеење имате многу отворени можности за комуникација во целиот свет.

Седум заблуди за изучувањето на странски јазици

Со оглед на тоа што кинеската култура наголемо влијае во светот во многу области, како уметноста, технологијата, филозофијата, храната, медицината, и Кина прави вистински „бум“ во светската економија, кинескиот јазик дефинитивно вреди да се научи. Затоа не се вели дека е подобар, туку е поактивен и корисен поради одредена цел.

Шпанскиот, францускиот, италијанскиот и португалскиот, се еден вид дијалекти кои потекнуваат од ист јазик, односно имаат заедничка основа. Така што, изучувањето на еден од тие јазици носи поголема можност да се научи и друг од истата група. Истото се случува доколку некој странец научи македонски, така ќе може да се разбере со луѓето кои ги зборуваат другите словенски јазици.

Седум заблуди за изучувањето на странски јазици

Во денешно време е лесно да се научи странски јазик. Покрај тоа што речиси во секое училиште се изучува макар еден странски јазик, интернетот ни носи голема погодност во овој поглед. Може да симнете програма и да го научите јазикот сами. А да не зборуваме и за други работи кои секојдневно ни се достапни на телевизија и на интернет. Голем е бројот на луѓе кои совладале странски јазик на задоволително ниво само преку следење серии или гледање филмови со нативни говорители на јазикот.

Но, дали е толку едноставно? Според едно канадско истражување, после 12 години активно изучување на Францускиот јазик, само еден ученик од вкупно 147, постигнал средно ниво на владеење на јазикот. Дали изучувањето на јазикот во училница има мала ефикасност?

Секој нов научен јазик е уште еден отворен прозорец кон светот. Без разлика за каква струка би се определиле во иднина или веќе сте се определиле, изучувањето на странски јазици е неизбежно. Еве некои од најчестите заблуди поврзани со учењето нов јазик.

1. Изучувањето на странски јазик е тешко

Изучувањето на нов јазик е тешко само доколку немате желба и не сте доволно мотивирани. Да, треба време да се научи, но не е тешко. Начинот на кој најчесто се изучувани јазиците во училиштата е она што ја формира оваа заблуда. Две основни работи кои треба да ги правите за да го научите јазикот се слушање и читање. Со доволна желба, за скоро време ќе го почувствувате задоволството кое го носи владеењето на уште еден јазик.

Седум заблуди за изучувањето на странски јазици

2. За да изучувате јазици треба природно да сте надарени

Точно е дека некои луѓе имаат природна дарба и полесно ги совладуваат јазиците. Но природната дарба не е клучен фактор. Во Шведска и Холандија, на пример, повеќето луѓе зборуваат повеќе од еден јазик. Дали тоа значи дека сите се природно надарени? Кога станува збор за изучувањето јазик, важен е ставот, а не способноста. Оној кој има желба да го научи јазикот ќе го совлада лесно.

3. Мора да живеете во средина каде се зборува јазикот

Помислете колку луѓе во Македонија активно го зборуваат и добро го владеат англискиот јазик. Пожелна е посета на некоја земја каде јазикот кој го изучувате е мајчин, но тоа е во крајниот стадиум кога сакате да го совладате акцентот. За да го научите јазикот не мора да бидете во средина каде тој активно се зборува.

4. Само децата можат добро да совладаат друг јазик

Од една страна, навистина постои одреден критичен период за изучување јазици. Возрасните се веќе навикнати на нивниот мајчин јазик, така што им е многу потешко да се прилагодат на нови граматички правила, вокабулар и изговор. И најчесто мајчиниот јазик влијае многу на формирање на неточни форми во вториот или третиот јазик кој се изучува. Но, не значи дека возраста е пречка, напротив. На возрасниот му треба детската желба да експериментира со јазикот и да комуницира без страв од осуда или потсмев. Многу луѓе научиле странски јазици дури после 50-тата година од својот живот.

5. За да се научи јазикот потребно е формално образование во училница

Напротив, колку е побројна групата толку е помала ефикасноста. За жал, многу аргументи и истражувања не го вреднуваат формалното образование. Учениците најчесто се незаинтересирани, професорите не можат да обрнат доволно внимание на секој поединец, а да не зборуваме за многу погрешни методи кои се употребуваат во формалното изучување. Во модерно време, сè повеќе се става акцент на самостојно изучување на јазикот. Формалното образование, книгите и учебниците, се сепак од голема важност кога станува збор за владеење на граматичките правила. На крајот, сè зависи од заинтересираноста и желбата на самиот поединец. Но доколку помисливте дека нема да го научите јазикот само поради тоа што не можете да си дозволите курс или предавање, нека не ви биде пречка. Канадскиот дипломат, Стиф Кауфман има свој блог за изучување на странски јазици кој би ви бил од помош.

Седум заблуди за изучувањето на странски јазици

6. Мора да зборувате со цел да научите

Секако дека зборувањето на јазикот е ваша цел, но може да почека. Откако ќе го совладате јазикот на одредено ниво, ќе имате можност и да го употребувате. Најпрво ставете акцент на слушањето. Не треба да зборувате за да научите, треба да научите за да зборувате. Но во никој случај не останувајте постојано пасивни слушатели. Откако ќе се издигнете на одредено ниво, есенцијално е да учествувате во разговори и да комуницирате, макар и да правите грешки.

7. За да го научите јазикот ви треба многу време

И покрај тоа што има многу аргументи против, сепак прифатено е дека до некаде човекот има некаква внатрешна способност за изучување јазици. Големата предност на изучувањето јазик е тоа што не бара од вас да седнете над книга и да повторувате. Јазикот до некаде доаѓа природно. Треба да го слушате и да го „впиете“. Секогаш може да најдете време за изучување јазик, впрочем во никој случај нема да ве деконцентрира од другите обврски. Симнете програма, слушајте песни, гледајте филмови. Дозволете си да се зближите со јазикот. Ќе видите како за многу скоро, зборовите сами ќе си дојдат.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Sakura Reply

    Dali vie ste prijaveni na blogot za proucuvanje stranski jazici ?

    • Ели Радеска Reply

      За кој блог станува збор? :)

Остави коментар