Како парфемот подолго да се задржи на вашата кожа?

На секој од нас честопати му се случува да не мириса на парфем после само неколку часа од неговото нанесување, па дури и ако е купен од познат, скап бренд. Составот на парфемот, типот на вашата кожа, па дури и светлината на која го изложувате вашиот парфем, играат витална улога за тоа колку долго тој ќе мириса. Доколку забележите дека парфемот брзо испарува од вашата кожа, прочитајте ги следниве совети кои ќе ви помогнат да го одржите мирисот на нанесениот парфем на вашето тело, во текот на целиот ден.

Како парфемот подолго да се задржи на вашата кожа?

1. Користете млеко за тело

Истражувањата покажале дека мирисот подолго се задржува на мрсна и влажна кожа, а побргу испарува кога се нанесува на сува кожа. Затоа, доколку сакате парфемот подолго да ви трае, после туширањето нанесете млеко за тело за да ѝ ја дадете потребната влажност на кожата. Уште подобро е ако имате гел, млеко и парфем од иста колекција, за мирисот на вашата кожа да биде уште поинтензивен и подолготраен.

2. Нанесете го на вистинските точки

Мирисот многу подолго трае доколку го прснете на т.н. пулсирачки точки како што се рачните зглобови, зад ушите, кај крајниците, на слепоочниците, на внатрешната страна од лактите, помеѓу градите или на задната страна од колената. На овие точки од телото кожата е потенка и крвните садови се поблиску до неа. Поради тоа, кожата може да произведе повеќе топлина, која го зголемува интензитетот на вашиот парфем. Исто така, погрешно е да се трие парфемот помеѓу рачните зглобови, бидејќи со тоа само го бришете парфемот. Напрскајте се со парфем пред да облечете облека, за да избегнете создавање дамки на неа. Добро е да прснете од парфемот во воздух на оддалеченост од 20 см и потоа да поминете низ него, за да се разнесе мирисот по целото ваше тело.

3. Замастете ги пулсирачките точки

Одлично решение за вашиот парфем подолго да трае, е да нанесете вазелин, путер за тело или маслиново масло на пулсирачките точки на кои планирате да прснете парфем. На овој начин, парфемот се задржува на кожата и подолго трае.

4. Чувајте го во соодветни услови

Правилното чување на шишенцето со парфем, е исто така многу важно за трајноста на неговиот мирис. Екстремното изложување на топлина и сончева светлина го уништува парфемот, бидејќи овие фактори прават промена во неговиот состав. Најдобриот начин да ги заштитите вашите парфеми е да ги чувате во нивните оригинални кутии, на масата за шминкање или во шкафче, на собна температура.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар