Нежната страна на Магичниот Мајк: Ченинг Тејтум ги искажува емоциите кон ќерка му во искрено писмо

Многу татковци го замислуваат животот на нивните ќерки уште додека се во стомакот на мајката. Но, малкумина од нив би посакале нивната мала ќеркичка да ја „истражува сопствената сексуалност“. Иако ќерка му има само 3 години, Ченинг Тејтум отворено ги изразува неговите желби и надежи за нејзиниот иден љубовен живот. Прочитајте го неговото емотивно писмо до ќерка му што го напишал за познатото списание „Космополитан“ (Cosmopolitan)…

Нежната страна на Магичниот Мајк: Ченинг Тејтум ги искажува емоциите кон ќерка му во искрено писмо

Во чест на првата изведба на „Магичниот Мајк“ во живо во Лас Вегас, моите пријатели од Космо љубезно ме замолија да напишам нешто за вас. Колку повеќе размислував за ова, толку повеќе си замислував како ќерка ми ја чита статијава еден ден. Ја замислив во нејзините доцни тинејџерски години или рани 20-ти, со надеж дека ќе ја истражува и открие сопствената сексуалност и дека ќе сонува да најде вистинска љубов.

Се обидов да си замислам што би сакал таа да чита, работи кои би ѝ помогнале подобро да ги разбере мажите, сексот и врските и во тој момент сфатив нешто многу чудно. Не сакам таа да ги бара одговорите во надворешниот свет. Мојата најголема надеж за неа е дека таа ќе биде доволно бестрашна за секогаш да биде оригинална и своја, без оглед на машкото мислење.

Мислев на моментот кога за прв пат ја запознав Џена. Знаев дека нашата поврзаност е многу моќна, но не знаев каква ќе биде нашата врска. Потоа еден ден, на Џена ѝ се испушти дека точно знае што сака во животот и дека не мора и понатаму да го бара тоа, бидејќи го нашла. Мислеше на мене. Немаше поим што ќе кажам или како ќе реагирам, но беше искрена. Се сеќавам дека почувствував неверојатен набој на емоции – тоа беше најпривлечното нешто што некогаш го направила за мене. Почувствував сила, бидејќи во тој момент таа го имаше прифатено секој дел од мене, и добрите и лошите страни. Знаев дека не сум на аудиција и дека не морам да исполнам нечии очекувања. Нејзината радикална автентичност беше она што ме натера да се заљубам во неа до уши. Пред да го доживеам тоа, не би знаел како да го побарам. Сега знам дека отсекогаш сум копнеел по тоа. Токму тоа го посакувам за мојата ќерка. Да нема никакви очекувања од љубовта и да не им дозволи на предодредените стандарди да ѝ влијаат. Сакам да се запраша што сака таа и да се чувствува доволно моќна за да преземе нешто во врска со тоа.

Сите знаеме дека секој од нас е различен и има посебна мапа до нашите срца. Учиме како да управуваме со неа со тоа што целосно ѝ се препуштаме на љубовта и даваме сѐ од себе без да очекуваме ништо за возврат. Она што мажите би сакале жените да го знаат е дека тие самите се доволни. Кога повеќе жени ќе почнат да чувствуваат таква моќ во себе, светот ќе стане толку магичен што ќе добијам главоболка.

Живееме во општество кое ги има истренирано мажите и жените да играат одредени улоги и убавината на овој неверојатен момент е тоа што конечно можеме да се ослободиме од тие улоги. Жените особено сфаќаат дека не мора да им се потчинуваат на правилата за општествено прифатливо сексуално однесување, а тоа ги менува нивните очекувања од мажите, како и генералната улога на мажите.

Решив да го претворам „Магичниот Мајк“ во шоу кое ќе се изведува во живо, затоа што сакав да создадам простор каде што ќе можеме да ги истражуваме овие теми на забавен и провокативен начин. Сакам жените да почувствуваат како е да се постои во свет каде што мажите навистина ги слушаат и се однесуваат со нив како со божици. Свет каде што можат да се чувствуваат пријатно и гордо да ја покажуваат нивната сексуална енергија. Сакам да дознаат дека тие се повеќе од доволни…

Прочитајте го и писмото на Чарли Чаплин до неговата ќерка Жералдин.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар