Писмо до моите деца: 11 вредни лекции што ќе ви го променат животот

Ова писмо го напишала Колин Темпл за порталот „Motherly“, а тоа со сигурност е потпишано од секоја мајка. Во продолжение прочитајте го нејзиното искрено писмо.

Писмо до моите деца: 11 вредни лекции што ќе ви го променат животот

Драги деца,

Неодамнешното заминување на прекрасната 27-годишна жена Холи Бачер, чија порака на Фејсбук беше полна со совети, лекции за животот и лични размислувања, ме инспирираше да седнам и да ви напишам нешто затоа што има работи што треба да ги знаете за животот, за љубовта и за тоа како функционираат работите. Јас сакам да бидам таа што ќе ви го каже тоа.

Животот е премногу краток и никогаш не знаеме што носи денот и што носи ноќта, па затоа треба да го префрлам ова на хартија (поточно, на Интернет) и тоа веднаш.

1. Животот ќе биде лудница

Понекогаш ќе се збуните со упатствата што треба да ги следите. Но, сите ние имаме наш пат – само треба да веруваме во процесот и напорно да работиме. Имајте верба и вложете го потребното време. Не плашете се од паѓање. Токму во тоа е магијата – во паѓањето, во обновата, во инспирацијата, во враќање кога ќе бидете посилни од кога било. Вака се остваруваат соништата и се исполнуваат целите.

2. Семејството ви е поддршка

Ништо не е поважно од семејството. Јас, вашиот татко и вие. Вашите роднини, тетки, чичковци, баби и дедовци… Ние ќе бидеме таму едни за други. Ќе се сакаме, дури и кога сме лути едни на други. Ќе навиваме едни за други дури и за време на најмалите предизвици. Ќе направиме сè што е потребно едни за други.

Бидете верни едни на други. Бранете се едни од други. Вежбајте простување. Грижете се едни за други и не дозволувајте ништо да стои меѓу вас.

3. Вашите пријатели ќе ви бидат сродни души

Тие ќе бидат покрај вас кога ќе ве остави партнерот, симпатијата или кога срцето ќе ви биде скршено. Тие се тука за да ве насмеат кога тоа ви треба најмногу и да танцуваат со вас до доцна во ноќта. Ќе станат дел од вас, ќе ви бидат како семејство.

Некои ќе бидат со вас до крајот на животот, а некои само во одредени фази од вашиот живот. Ќе се појават во вашиот живот со причина. Бидете добри пријатели. Одвојте време за нив.

4. Работата е потребна и инспиративна

Веројатно ќе имате неколку различни работни места во животот. Понекогаш вашата професионална патека нема да изгледа како што сте замислувале. Затоа, не плашете се да пробате различни страсти во животот и да видите каде ќе ве одведат.

Сакам да изберете кариера што ве исполнува, што ве тера да растете и да се развивате и да го искористите максимумот од вашиот потенцијал.

5. Парите се и подарок и товар

Ќе има денови кога ќе откриете дека сè си има своја цена. Ако работите и штедите, тоа е добро. Сепак, дури и ако работите правилно, честопати ќе ви биде стресно да управувате со парите.

Но запомнете – парите не се сè. Животот е многу повеќе од сметки и стрес за тоа дали да потрошите пари на нова маица или не. Верувајте дека сè ќе биде како што треба, дури и кога не сте во можност да издвоите пари за себе, за семејството, за врската и за децата.

6. Некогаш вашето тело ќе ви биде пријател, а некогаш непријател

Телото ми даде три неверојатни подароци – моите деца. Му се восхитувам низ што сè помина – три бремености и раѓања. Јас го почитувам моето тело за сè што ми даде и што направи за мене и сè уште сум строга кон него. Има денови кога посакувам повторно да изгледа како пред бременостите затоа што сакам да ги носам омилените фармерки од пред пет години. Тогаш посакувам да ја немав опуштената кожа во пределот на абдоменот и стриите во пределот на бутовите.

Но, здравото тело е подарок и така треба да се однесуваме кон него. Кога сум строга кон него, само гледам во вас и сфаќам колку е навистина прекрасно. Тогаш ги отстранувам сите негативни мисли.

7. Љубопитноста ќе ви донесе успех

Бидете љубопитни. Поставувајте прашања. Нема лоши прашања затоа што поставувањето прашања значи дека вие го почитувате процесот на учење до таков степен што сакате да бидете сигурни дека правилно ги усвојувате информациите. Тоа е многу важно.

8. Технологијата може да ве измами, но и да ви биде од корист

Го имаме светот на дланката и којзнае што ќе ви понуди технологијата кога ќе пораснете.

Социјалните мрежи ќе ви бидат интересни. Јас не пораснав на тој начин. Создадов профил на Фејсбук дури кога студирав, а вашиот живот ќе биде целосно документиран, па внимателно изберете што ќе споделите со светот.

Социјалните мрежи се добра алатка за поврзување со луѓе и за размена на идеи. Но, тие може да бидат опасни. Не дозволувајте сè да допре до вас. Направете пауза кога мислите дека ви е потребна. Има многу прекрасни работи што се случуваат околу вас.

9. Љубовта ја има во изобилство

Се надевам дека вашиот живот ќе биде целосно исполнет со љубов. И сигурна сум дека ќе биде. Јас и вашиот татко ќе ве сакаме секогаш.

Кога ќе се заљубите во личноста која самите ќе ја изберете, се надевам дека ќе го отворите своето срце целосно и ќе ја пуштите внатре.

10. Љубезноста е одговор

Кога не сте сигурни, бидете љубезни. Секогаш однесувајте со љубезно, дури и кога другите се однесуваат поинаку.

11. Сè ве чека

Купете поскапа маскара, патувајте, гледајте ги луѓето во очи, не срамете се кога танцувате, читајте книги, сонувајте, дарувајте крв, простете, одете на концерти, бидете корисни, работете напорно, заземете став кога тоа е потребно, бидете ентузијасти. Имате еден живот. Извлечете го максимумот.

Со љубов,

Мама

Прочитајте го и ова отворено писмо за љубовта на една мајка до својата идна ќерка.

 


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар