Најубавите барови на карипските плажи

Карибите изобилуваат со прекрасни егзотични плажи на кои постојано е забавно, а дел од вината за тоа ја сносат и овие уникатни барови распоредени по нивните рајски песоци.

Дјун Презерв, Ангвила

Дјун Презерв е преубав тропски бар на плажата во заливот Рандеву на малиот остров Ангвила. Изграден е исклучиво од остатоци од бродови кои заринкале или потонале во заливот. Студените пијалaци и богатата музичка сцена која ја нуди овој бар го прават привлечен и за некои холивудски ѕвезди.

 Најубавите барови на карипските плажи

Соги Долар Бар, Британски Девствени Острови

Соги Долар барот е скриен зад еден ред палми кои се наоѓаат на островчето Јост ван Дајк, а до него гостите најчесто доаѓаат со чамец или пливајќи од другата страна на брегот, кој е многу блиску. Затоа оние кои се разладуваат и забавуваат во него главно се боси и во костими за капење.

 Најубавите барови на карипските плажи

Пеликан, Јамајка

Барот Пеликан не е баш на самата плажа, туку околу 800 метри во вода. До него најлесно се стигнува со чамец, а водата не е многу длабока така што повеќето можат да застанат во вода без да потонат. Целиот е изграден од бамбусово дрво и лисја од палма.

 Најубавите барови на карипските плажи

Рикс Кафе, Јамајка

Рикс Кафе се наоѓа на добро познатата плажа Негрил во Јамајка, на самиот раб на еден карпест предел. Додека сонцето силно свети преку ден, посетителите се забавуваат скокајќи од карпите меѓу кои се формира мал базен од морската вода која се пробива до таму. Приквечер барот е атрактивен поради спектакуларната глетка на карипското зајдисонце, а навечер се лудува на реге-звуците.

 Најубавите барови на карипските плажи

Инфинити, Туркс и Каикос

Минијатурните островчиња Туркс и Каикос се местото каде што е сместен барот Инфинити, веројатно најдолгиот на Карибите. Покриен е со прекрасен црн мермер којшто се протега кон океанот, а се наоѓа на Грејс Беј, една од најубавите плажи на Карибите.

 Најубавите барови на карипските плажи

Кау Врек Беј, Британски Девствени Острови

Кау Врек Беј е популарен помеѓу сурферите и оние кои уживаат само да ги гледаат другите како сурфаат додека се ладат со студено пиво, рум или коктел. Сместен е во еден зафрлен тивок дел на Анегада, еден од најмалите од Британските Девствени Острови.

 Најубавите барови на карипските плажи

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар