Инспиративни приказни со среќен крај

Сподели

Животот е вечна борба. Борба за подобра иднина, борба за здрав, исполнет и успешен живот. Но, понекогаш среќата не е на наша страна. Некои од нас боледуваат од тешки болести, други просат за сува корка леб, трети се родени со хендикеп, четврти не можат никаде да ја сретнат нивната потенцијална сродна душа… Сите имаме разни проблеми, но животот мора да се турка напред, со силна верба во подобро утре.

Инспиративни приказни со среќен крај

Ова е нашата селекција на 15 инспиративни приказни од сајтот Makes Me Think, кои истовремено ќе успеат да ве насмеат, расплачат и облеат со милион емоции. Се надеваме ќе уживате во психолошкото патување, исто колку што уживавме и ние.

Денес, мојот син наполни 7, а јас 23 години. Да, го родив на денот кога наполнив 16. Одлуките кои ги донесов кога бев тинејџер беа будалести и понекогаш се грижам да не му дадам лош пример на мојот син. Но, денес го однесов во паркот за да ги прославиме нашите родендени. Тој со часови си играше со девојче, чие лице беше речиси целосно покриено со лузни од изгореници. Кога мојот син дојде до мене на пауза за ручек, покажа со прст кон неа и рече: „Таа е толку убава и интересна!“ Тоа ме наведе да помислам: сепак мора да правам нешто добро како мајка!

Денес, во 1 часот после полноќ, мојата баба која страда од Алцхајмерова болест, стана, влезе во автомобилот на татко ми и отиде некаде. Се јавивме во полиција. Пред да ја пронајде полицијата, двајца студенти дојдоа пред нашата куќа со баба ми. Едниот го возеше автомобилот на татко ми, а другиот возеше зад него, во нивниот автомобил. Тие ни рекоа дека ја слушнале како плаче на празна бензинска станица оддалечена 10 милји од кај нас и велела дека се изгубила. Баба ми не можела да се сети на домашната адреса, но им го кажала на децата нејзиното име и презиме. Тие го пребарале нејзиното име на интернет, ја пронашле нејзината адреса на живеење и ја превезоа дома.

Денес, мојот татко наполни 91 година. Тој едвај има сила за да зборува. Но, секојпат кога мојата мајка (таа има 84) ќе влезе во собата да го провери како е, тој ѝ вели: „Здраво убавице“.

Денес, кога отидов да ја земам ќерка ми од градинка, таа седеше долу на земја во едно ќоше, во делот за деца со посебни потреби, во друштво со три слепи деца. Секое од нив имаше насмевка на лицето. Воспитувачот на одделот за деца со посебни потреби ми кажа дека ќерка ми секое попладне од оваа седмица, поминува време со овие три ученици, одговарајќи им на прашања и живописно објаснувајќи им како изгледаат разни предмети, луѓе и животни.

Денес, кога таа се разбуди од шестмесечна кома, ме бакна и ми рече: „Ти благодарам што беше тука, ми ги раскажуваше тие прекрасни приказни и никогаш не се откажа од мене… И да, ќе се омажам за тебе“.

Денес, пронајдов старо ливче напишано од мајка ми, кога таа била четврта година средно. На него имаше листа на карактеристики кои таа се надевала дека еден ден ќе ги пронајде во некое момче. Листата е општо земено, точен опис на татко ми, кој го сретнала дури кога имала 27 години.

Денес е мојот 18-ти роденден. Пред точно 18 години, една жена била соочена со суровиот факт дека дотогаш имала четири спонтани абортуси и едно мртвороденче. При следната бременост, докторите ја информирале дека има ризична бременост. Тие ѝ објасниле дека постојат големи шанси, таа или бебето да не можат да преживеат. Таа решила сепак да му даде предност на бебето. И јас и мајка ми го преживеавме тој ден, и сме живи и здрави до ден денес.

Денес помина една седмица откако донирав три торби облека на локален дом за бездомници, кога видов една бездомничка како седи на клупа во паркот и ја носи мојата маица, која самата си ја обоив, кога бев тинејџерка. Поминав покрај неа и ѝ реков, „Ја обожавам твојата маица!“ Таа се насмевна и ми рече: „Ти благодарам. И мене многу ми се допаѓа“!

Денес, еден човек дојде да аплицира за работа во мојот ресторан. Делуваше како шармантен, љубезен, информиран и дружељубив човек. Подоцна, кога тргнав да му се јавам за да му кажам дека му ја нудам работната позиција, забележав дека на ливчето, под телефонскиот број има напишано „повикајте ме мене“. Телефонскиот број беше од дом за бездомници. Но, јас ќе го прифатам ризикот и ќе го вработам, без разлика на тоа.

Денес, во авион ја запознав најубавата жена на светот. Земајќи предвид дека нема никогаш повеќе да ја сретнам, откако се запознавме, ѝ кажав дека сметам дека е многу убава. Таа ми возврати една искрена насмевка и рече: „Никој не ми го кажал тоа десет години“. На крајот испадна дека двајцата сме во своите доцни триесетти години, никогаш не сме биле во брак, немаме деца и живееме на 5 милји оддалеченост еден од друг. Имаме закажано љубовен состанок за следната сабота.

Денес, јас сум мајка на две деца и баба на четири. На 17-годишна возраст останав бремена со близнаци. Кога моето тогашно момче и пријателите дознаа дека нема да го абортирам, ми го свртеа грбот. Но, јас продолжив понатаму. Работев со полно работно време додека учев во средно училиште и на колеџ. На предавањата сретнав едно момче, кое ги сака моите деца како да се негови, во текот на последниве педесет години.

Денеска, како што спиев, ме разбуди гласот на ќерка ми. Јас сум се успала на фотелјата во нејзината болничка соба. Кога ги отворив очите ја видов нејзината преубава насмевка. Мојата ќерка беше во кома 98 дена.

Денес, на десетгодишнината од нашата свадба, таа ми подаде проштално писмо, кое го напишала на 22 години, кога сакала да се самоубие. Таа рече: „Во сите овие години, не сакав да дознаеш колку глупава и нестабилна бев кога се запознавме. Но, и покрај тоа што ти не знаеше за ова, сакам да знаеш сега, дека тогаш ми го спаси животот“.

Денес, бездомникот кој имаше обичај да спие во близина на мојот апартман, се појави пред мојата врата носејќи бизнис-одело, кое му го дадов пред околу 10 години. Ми рече: „Сега имам свој дом, работа и семејство. Пред 10 години го носев ова одело на сите интервјуа за работа на кои отидов. Ти благодарам“.

Денес, кога ја отворав мојата продавница во 5 часот наутро, покрај вратата на подот имаше коверт. Во него имаше 600 долари и белешка на која пишуваше: „Пред пет години, провалив во вашата продавница навечер и украдов храна вредна 300 долари. Жал ми е. Очаен бев. Еве ги парите со 100% камата.“ Интересното е тоа што никогаш не го пријавив случајов во полиција, бидејќи сметав дека кој и да ја украл храната, навистина му била потребна“.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. М. Reply

    Стварно се расплакав… прекрасно, навистина прекрасно!

  2. Данче Reply

    преубаво ме трогна в крај

  3. Ивана Reply

    Прекрасни приказни. За ова вреди да се живее. Да знаеш дека си направил некој друг среќен со тоа што си бил тука за него и си го слушал дури и кога не го барале тоа. :)

  4. Катерина Reply

    Навистина прекрасни приказнки, кога сите би правеле секој ден по една добра работа за друг светот би бил подобро место за живеење.

  5. sandra Reply

    navistina inspirativno…..dokaz deka sekogas i koga mislime deka e kraj na svet , vsusnost e pocetok na edno novo podobro vreme…

  6. Smiley Reply

    <3

  7. Никола Reply

    Веројатно најубавата статија на вашиот сајт што некогаш сте ја објавиле :)) Ви благодарам

  8. г.м Reply

    Животот е чудо

Остави коментар