Фин МекКул и неговата мудра жена – легендата зад Џиновскиот гребен

Џиновскиот гребен е уште едно необично дело на природата кое се наоѓа на североисточниот брег на Северна Ирска во округот Антрим. Настанал како резултат на вулканска ерупција пред 60 милиони години, а сега опфаќа огромна површина на која се наредени и испреплетени 40.000 карпи од базалт. Површините на карпите со текот на времето добиле изглед на скалила со различни големини, некои високи и до 12 метри. Дел од столбовите се издигнати над морската површина во вид на пат.

Фин МекКул и неговата мудра жена - легендата зад Џиновскиот гребенФин МекКул и неговата мудра жена - легендата зад Џиновскиот гребенФин МекКул и неговата мудра жена - легендата зад Џиновскиот гребен

Она што е можеби најинтересно во врска со ова место, освен необичниот поглед кој го нуди, е легендата која старите Ирци ја раскажуваат за неговото настанување. Всушност Џиновскиот гребен не го добил своето име поради огромната површина која ја зафаќа, туку благодарение на добро познатиот лик од ирските легенди – џинот Фин МекКул.

А легендата започнува вака…

Фин МекКул и неговата мудра жена - легендата зад Џиновскиот гребен

Во дамнешните времиња, кога во северниот дел од Ирска живееле џиновите, Фин МекКул бил најголемиот, најсилниот и најубавиот од сите – или барем тој така си мислел. Неговата сила и херојски подвизи биле надалеку прочуени, што секако е очекувано за водачот на Фиана – групата храбри војници кои го бранеле кралството Ирска. Ниту една задача не била премногу тешка за овој храбар џин, не постоела карпа која што не можел да ја дигне ниту пак река која што не можел да ја прескокне со еден чекор.

Токму поради ова Фин бил навистина изненаден и навреден кога го предизвикале на натпревар во Шкотска, уверувајќи го дека никогаш не би можел да ги победи џиновите кои таму живееле и биле уште поголеми и посилни од него. Секако, предизвикот веднаш бил прифатен и Фин МекКул се зафатил со работа – се решил да изгради пат преку морето со цел достоинствено и без капка вода да го намокри да пристигне на натпреварот. Ја бакнал својата убава жена Онах за збогум и ѝ кажал дека многу брзо ќе се врати – само да го изгради патот преку морето и да им покаже на шкотските џинови кој е главен.

Фин напорно работел, носел карпи од планините и ги фрлал во морето едни над други сè додека не се појавиле над површината на водата формирајќи пат. По само три дена половина пат веќе бил изграден, а самодовербата на Фин растела со секоја фрлена карпа во морето. Одненадеж на брегот се појавил негов пријател, вознемирен, и го прекинал во неговата работа.

Фин МекКул и неговата мудра жена - легендата зад Џиновскиот гребен

„Фин не сакам да те исплашам,“ му рекол неговиот пријател – но слушнав озборувања за некој чуден џин од Шкотска кој се упатил накај твојот дом и решил да ти покаже кој е навистина главен. Некои велат дека го скокнал морето со само еден чекор без да му треба брод или мост. Не само што бил голем, овој монструм бил и многу силен!“

„Ах, сигурно!“ извикал Фин. „Не верувам ниту еден збор, не постои толку голем џин!“ Иако звучел самоуверено, сепак длабоко во себе за првпат почувствувал страв. „Како и да е, џинот слушнал дека ти си најголемиот, најсилниот и најубавиот џин во цела Ирска, и тоа сигурно воопшто не му се допаднало штом решил да те растргне на парчиња“ – му возвратил пријателот.

„Ќе видиме за тоа!“ – Фин звучел решително. „Уште веднаш си одам дома, ќе седнам и ќе го чекам, па само нека се осмели да се појави пред мојата врата.“ Само што стигнал дома, Фин седнал разочаран и ѝ раскажал сè за чудниот џин на својата убава жена.

„Ако е вистина, ќе ме смачка како мравка!“ – се жалел кутриот Фин, а неговата жена прснала во смеа: „Секогаш се фалиш за твоите мускули, но редно е еднаш да го употребиш и твојот мозок. Сега смири се и остави сè на мене.“ Онах брзо нашла големи, мазни камења кои ги ставила во чинија заедно со едно овесно колаче кое претходно го обележила со својот прст. Во меѓувреме Фин ги искористил своите мускули и набрзина изградил огромна колепка која ја поставил до огништето. Само што ја завршил, земјата почнала да се тресе.

„Тој е, што ќе правам сега?“ – Фин исплашено почнал да лелека на што неговата жена смирено му одговорила: „Земи ја наметкава и капава, облечи се и легни во колепката.“ Фин целиот исплашен од огромниот џин кој се приближувал ја послушал својата жена, па за кратко време веќе бил облечен како бебе и мирно лежел во колепката.

„КАДЕ Е ФИН МЕККУУУУЛ?“ – се слушнал продорен глас од пред вратата, а кога Онах ја отворила таму стоел најголемиот џин што некогаш го видела. „КОГА ЌЕ ГО НАЈДАМ ЌЕ МУ ПОКАЖАМ КОЈ Е НАЈГОЛЕМИОТ И НАЈСИЛЕН ЏИН ВО ЦЕЛО КРАЛСТВО!“

„Се плашам дека се разминавте со мојот маж“ – му возвратила Онах смешкајќи се мило. „Замина на брегот на морето утринава за да изгради мост до Шкотска, ќе заврши до пладне, може да го почекате.“ Огромниот џин промрморел едно срамежливо благодарам под неговите мустаќи и ја прифатил поканата да влезе внатре.

„Навистина, подобро би било да влезеш и да каснеш нешто пред да се врати мојот маж. Искрено, ќе ти треба сила доколку си решил да се бориш со него, изгледаш како џуџе покрај него!“ – го убедувала Онах. А во колепката, Фин исплашено молчел и се надевал дека неговата жена нема дополнително да го налути огромниот џин.

„Еве, повели колаче“ – му понудила Онах на џинот, ставајќи еден од мазните камења во неговата чинија. Џинот лакомо го грабнал „колачето“ и загризал со сласт „АХХХ!“ – извикал и почнал да плука искршени заби.

„Леле, не ти се допаѓаат?“ – загрижено го прашала Онах. „Омилени му се на нашето бебе!“ Го зела обележниот колач и му го подала на Фин во колепката. Фин го грабнал и со задоволство го изел.

„Зарем е тоа бебето на Фин МекКул?“ – зачудено гледал во колепката. „Навистина е огромно!“

„Да да, веќе му пораснаа и запчиња, стави го прстот во неговата уста и сам ќе се увериш“ – му рекла Онах. Џинот се приближил кон колепката и внимателно го ставил својот мал прст во устата на Фин, а тој со целата сила загризал. „ЛЕЛЕЕЕЕ…“ – извикал од болка џинот. „Ако е толку силно и големо бебето на Фин МекКул нема да седам овде и да чекам да видам колкав е тој!“ – и со трчање п0бегнал од нивната куќа.

Фин МекКул и неговата мудра жена - легендата зад Џиновскиот гребен

Фин излегол од колепката и ѝ се заблагодарил на мудроста на својата жена која со сигурност му го спасила животот. Мостот никогаш не го завршил ниту пак добил желба некогаш да оди во Шкотска и да се бори со тамошните џинови. Единствено што сакал, е да биде дома и да ги поминува деновите до крајот на неговиот живот заедно со неговата убава и паметна жена. И така, Џиновскиот гребен никогаш не бил завршен.

Интересно нели?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. :) Reply

    Interesno :)

Остави коментар