Учи за да не работиш

Те молам продолжи да се жалиш, тоа е просто музика за моите уши! Видете, немам јас ништо против ситуација во која сум приморана да бидам во иста просторија со луѓе кои не ги познавам само под услов да молчат. Да, тоа звучи како да сум страшно недружељубиво суштество. Кога влегувам во такси сакам таксистот да ме однесе таму каде сум му рекла, кога одам на фризер сакам да ја добијам новата фризура и да си одам. Зарем многу барам? Зошто попатно да слушам како бензинот поскапел, како ние младите за бадијала учиме кога немаме иднина во државава, како е сè за нигде и работата никогаш нема да се оправи. Замислете, сето тоа го слушаш во 10 од сабајле. Епа имај убав ден! Фала и ти исто.

Учи за да не работиш

Нашата грешка е што сакаме да одиме напред кога со мислите сме заглавиле во некое друго место и време. Кога сè било државна сопственост, луѓето само требало да си го истераат работното време, да останат на работа до 3 или 4, во меѓувреме да имаат 10 кафе паузи, да си ја пикнат платата во џеб и да си одат дома. И во цела фирма ќе се погоделе неколкумина кои стварно си ја вршат работата за и другите да земаат плата. Сега кога се тежнее кон приватната сопственост, извинете ама има да работите оти на вашиот газда џебот му е многу драг. И не ви чини, па нормално дека не ви чини кога мора да одите на работа за да работите а не за да безделничите.

Порано на децата им велеле „Учи за да не работиш.“ Логика? Нула, ска, нема. Како бе учи за да не работиш? Учи за да работиш. Ја гледам мојата генерација и си велам со што се задоволува (со чести исклучоци)? Со џепарлак од мама и тато за да пие кафиња цел ден. Во мојот град околу 2 часот, откако добро ќе се изнаспијат, џаболебарите зафаќаат позиција по кафулињата и кладилниците, леб за без пари да им даваа немаше да киснат таму по цел ден. Т.е. тие кај мене барем менуваат положба. Слободно прошетајте во градот на конзулите, поминете по Широк сокак, потоа поминете пак по еден час. Ќе ги најдете истите лица на истите места кои го пијат истото кафе и во истата позиција се ѕверат по сокакот за да не им избега ништо што мрда и прета. Па не за џабе второто име на улицата ѝ е „Улица Биди Виден“.

Што правиш со животот? – Пијам кафе.

Мислам кафето е супер, и јас обожувам да го консумирам, ама додека размислувам за иднината.

Ако бидеме сосем искрени, првично кон самите себе, и си ја погледнеме објективно целата наша генерација, што ќе видиме?

Поправете ме ако грешам, на 60 години ич нема да ви биде гајле која ви била профилната слика, каде сте се тагнале и што другите мислат за вас. Ќе се навраќате на спомени кои ви го обележале животот. Ќе правите резиме на сето она што сте го сработеле, што сте го постигнале, на местата кои сте ги посетиле, на животните искуства, на моментите кои ви го одзеле здивот, мигови кога сте посакале да врескате од среќа и возбуда, ќе се сеќавате на љубовта од порано и на онаа со која сè уште ќе се ситите. Ќе ги гледате сликите од вашите матури и дипломски, а не од вашите профилни сликнати во теретана.

Постојат луѓе кои немаат покрив над глава и кои ова утро се грижат како ќе си ја нахранат фамилијата. Ама ти ќе твитнеш колку животот ти е за нигде од проста причина што кафето ти се истурило на омилената блуза. Worst day ever!!! Денес некој доктор, пожарникар или полицаец ќе спаси нечиј живот а ти ќе се пофалиш со слика дека си пиел кафе на некое добро место?

Дали ќе научиме да се радуваме на вистинските вредности во животот или полека но сигурно ќе ни се излизгаат од раце? Ќе научиме да се бориме, да работиме, да создаваме, да одиме напред или ќе се задоволиме со некој наш внатрешен нагон кој нè наговорува на плиткост? Важно е да си убаво облечен, да те видат и да бидеш виден?

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Anonymous Reply

    Ne e celta da go reci toa nekoj koj po cel den e na kompjuter i pie kafe dodeka pisi statia, ovi luge rabotat po cel den za da zarabotat cesno za svojot dom a gazdata privatenik im go odzema sekoj mig so familijata mislejki deka ako nekoj e vraboten kaj nego e i negov rob i treba da raboti po cel den za nego. I poslem da se svrtime kon drugi vrednosti koi se tie semejstvo i familija aj gledaj semejstvo koga nekoj ne te ostava da se vidis so semejstvoto, sedi kaj so si i ne zboraj za drugite ne ja znajs nivnata maka .

    • јули Reply

      Ако мислите дека некој си газда,кој можеби нема толку мозок, колку има среќа, заслужува да ви го краде времето кое треба да минувате со вашето семејство тогаш бујрум молчете. Треба да се борите за вашите права, но сите молчите и само напразно зборувате. Правете дела. Девојката е сосема во право. Ако знаеме да ги цениме и вреднуваме најважните работи во животот ќе имаме време за се.

  2. Maxim Reply

    Верувам дека она што авторката сакаше да го каже е колку се тривијални, небитни, исфорсирани тие навидум “значајни” моменти како тагирање, чекирање, кафена стриктно на одредено место, итн, итн… А и да укаже на апсурдноста на луѓето што ги практикуваат овие глупости. И јас тотално се согласувам со неа на ова поле. Не се сите такви, далеку од тоа, но сепак нивниот број е значајно голем.

  3. Филип Стојанов Reply

    Браво Ели целосно и непокобливо си во право!Сите тие безделници се луѓе без цел кои си го трошат животот за комплетни и 100% тривијалности кои подоцна ништо не би значеле.Ја имаш целосната моја подршка и те подржувам во организираноста и перфекционизмот кои се и мои најголеми сопатници!!!

  4. Gorjan Reply

    Draga Eli,jas mislam deka mislata “Uci za da ne rabotis” e totaltno tocna. Eden del od lugeto rabotat bez da misalt,a drugite misalt za da ne rabotat. Jas ne planiram vo zivotot nista da rabota,sakam samo da ucam,setam,sportuvamzabavuvam i sl. Toa za da se postigne treba da se ima znaenje. Pod rabota podrazbiram fizicka rabota,a umstvenata mnogu ja pocituvam . Mislam deka mudrosta vo zivotot e kako da se otfrli rabotata od nasiot zivot. Mozebi gresam,ama jas taka si ziveam. Pozdrav :)

  5. Filip Reply

    Sekoja cest za tekstot. Vie go kazavte ona ssto postojano go mislam no se plasev da go kazam pred drugi bidejki ne veruvav deka nekoj razmisluva kako mene. Toa pokazuva deka mnogu, mnogu lugje treba da go smenat mentalniot sklop.Pozdrav

Остави коментар