Учи за да не работиш
Те молам продолжи да се жалиш, тоа е просто музика за моите уши! Видете, немам јас ништо против ситуација во која сум приморана да бидам во иста просторија со луѓе кои не ги познавам само под услов да молчат. Да, тоа звучи како да сум страшно недружељубиво суштество. Кога влегувам во такси сакам таксистот да ме однесе таму каде сум му рекла, кога одам на фризер сакам да ја добијам новата фризура и да си одам. Зарем многу барам? Зошто попатно да слушам како бензинот поскапел, како ние младите за бадијала учиме кога немаме иднина во државава, како е сè за нигде и работата никогаш нема да се оправи. Замислете, сето тоа го слушаш во 10 од сабајле. Епа имај убав ден! Фала и ти исто.

Нашата грешка е што сакаме да одиме напред кога со мислите сме заглавиле во некое друго место и време. Кога сè било државна сопственост, луѓето само требало да си го истераат работното време, да останат на работа до 3 или 4, во меѓувреме да имаат 10 кафе паузи, да си ја пикнат платата во џеб и да си одат дома. И во цела фирма ќе се погоделе неколкумина кои стварно си ја вршат работата за и другите да земаат плата. Сега кога се тежнее кон приватната сопственост, извинете ама има да работите оти на вашиот газда џебот му е многу драг. И не ви чини, па нормално дека не ви чини кога мора да одите на работа за да работите а не за да безделничите.
Порано на децата им велеле „Учи за да не работиш.“ Логика? Нула, ска, нема. Како бе учи за да не работиш? Учи за да работиш. Ја гледам мојата генерација и си велам со што се задоволува (со чести исклучоци)? Со џепарлак од мама и тато за да пие кафиња цел ден. Во мојот град околу 2 часот, откако добро ќе се изнаспијат, џаболебарите зафаќаат позиција по кафулињата и кладилниците, леб за без пари да им даваа немаше да киснат таму по цел ден. Т.е. тие кај мене барем менуваат положба. Слободно прошетајте во градот на конзулите, поминете по Широк сокак, потоа поминете пак по еден час. Ќе ги најдете истите лица на истите места кои го пијат истото кафе и во истата позиција се ѕверат по сокакот за да не им избега ништо што мрда и прета. Па не за џабе второто име на улицата ѝ е „Улица Биди Виден“.
Што правиш со животот? – Пијам кафе.
Мислам кафето е супер, и јас обожувам да го консумирам, ама додека размислувам за иднината.
Ако бидеме сосем искрени, првично кон самите себе, и си ја погледнеме објективно целата наша генерација, што ќе видиме?
Поправете ме ако грешам, на 60 години ич нема да ви биде гајле која ви била профилната слика, каде сте се тагнале и што другите мислат за вас. Ќе се навраќате на спомени кои ви го обележале животот. Ќе правите резиме на сето она што сте го сработеле, што сте го постигнале, на местата кои сте ги посетиле, на животните искуства, на моментите кои ви го одзеле здивот, мигови кога сте посакале да врескате од среќа и возбуда, ќе се сеќавате на љубовта од порано и на онаа со која сè уште ќе се ситите. Ќе ги гледате сликите од вашите матури и дипломски, а не од вашите профилни сликнати во теретана.
Постојат луѓе кои немаат покрив над глава и кои ова утро се грижат како ќе си ја нахранат фамилијата. Ама ти ќе твитнеш колку животот ти е за нигде од проста причина што кафето ти се истурило на омилената блуза. Worst day ever!!! Денес некој доктор, пожарникар или полицаец ќе спаси нечиј живот а ти ќе се пофалиш со слика дека си пиел кафе на некое добро место?
Дали ќе научиме да се радуваме на вистинските вредности во животот или полека но сигурно ќе ни се излизгаат од раце? Ќе научиме да се бориме, да работиме, да создаваме, да одиме напред или ќе се задоволиме со некој наш внатрешен нагон кој нè наговорува на плиткост? Важно е да си убаво облечен, да те видат и да бидеш виден?
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
