Дали сакам да имам деца во вакво време?

Бев малечка кога Врчак беше популарен со песните за дрогата. Паметам дека, додека другите мајки им ги покриваа очите на децата, мајка ми не ми забрануваше да ги гледам неговите спотови. Како вчера да беше паметам кога рече дека треба да знам што се случува во светот, дека човек не е никогаш премногу мал за да знае дека постојат лоши работи. И тие се тука. Да излезеш на улица и ќе те мавнат по чело.

Лекцијата која треба да им се одржи на малите деца, не е од типот на Црвенкапа – не зборувај со непознати. Не е тоа доволно, особено не во нашево време. Ги спасуваме децата ако им ги затвориме очите пред ужасите или пак ги правиме многу поранливи, бидејќи кога-тогаш ќе мора да излезат од стакленото ѕвоно.

Да се разбереме, лошотилукот не е пронајдок на новото време, го имало отсекогаш. Но дали полека но сигурно достигнува кулминација?

Дали сакам да имам деца во вакво време?

Светот се дели на сиромашни и богати, на слаби и дебели, на високи и ниски, на геј и срејт, на провинцијалци и граѓани, на црни и бели, на христијани и муслимани… и ова е само мал вовед во сите поделби. А за да ги видиш злобата и нетрпеливоста не треба да одиш далеку. Доволно е да притиснеш плеј на видео со ознака ВОЗНЕМИРУВАЧКО. И да имаш силен стомак за да поднесеш макар дел од тоа.

Се сеќавам на случка од основно. Дете од мојот клас пријави дека дечко од поголемите класови го заплашувал и му нудел дрога. Најталентираната личност во моето училиште – училишниот психолог, го изнесе детето пред оној обвинетиот и го праша дали тој е тој што му се заканувал. Детето, се разбира од страв негираше. Бев мала, но и тогаш сфатив дека тој „психолог“ има пилешки мозок.

Денешните родители ги испраќаат децата на училиште со грч во стомакот. Дали денес некој ќе го навреди или натепа моето дете, дали некој ќе му понуди дрога, дали моето дете ќе го избере вистинскиот пат во животот? Но и покрај сè ќе кренат раце од обидот да побараат помош кај школскиот педагог или психолог, оти знаат дека тој/таа не сака да му/ѝ биде расипан раатот и паузата за кафе и цигара (која најчесто е со времетраење од полно работно време) – рака на срце и големо извини за екстремно ретките исклучоци.

Новите генерации имаат голема одговорност – да донесат на свет здрави, сакани и заштитени деца во ерата на нетрпеливоста, осудувањето и насилството. Како идни професори, полицајци, пожарникари, доктори, психолози, педијатри… имаме обврска да дадеме сè од себе и да го заштитиме и туѓото исто како да е наше, бидејќи така ни налага работата. Таа професија сме ја одбрале зашто ја сакаме, зашто сме способни и грижливи, зашто треба да дадеме 100% од себе за да го направиме макар малку подобар светот. А ако си на таа позиција оти татичко те сместил или оти сакаш да наредуваш и да си го полниш џебот, само помагаш светот да се упати побрзо по ѓаволите.

Сте виделе како лебедите се движат со своите малечки? Мајката напред, малите во средина, таткото позади. Ги заштитуваат од напад, од зло, од несреќа. Родителскиот инстинкт го имаат и животните. А некогаш на луѓето им треба животински инстинкт и сила за да си ги заштитат децата. Џексон пееше за човекот во огледалото. Пееше дека секој треба да започне од себеси. Токму тоа и да го сториме. Се погледнувам во огледало. Сакам ли да имам деца во денешно време? Ќе успеам ли да ги заштитам? Што ќе биде ако не успеам да бидам со нив до моментот кога ќе бидат доволно силни да застанат на свои нозе? Бидете искрени, како идни родители ви се вртат тие мисли во главата понекогаш.

Затоа дајте го најдоброто од себе. Можеби нема да го промениш светот, ниту да спречиш војна, но ќе направиш заштитна обвивка околу себе и ќе промениш макар еден живот, а тоа понекогаш е повеќе од доволно.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар