Книга: „Девојката која ја бркаше месечината“ – Сара Адисон Ален

Емили Бенедикт доаѓа во Мулаби со цел да ги разреши мистериите поврзани со животот на мајка си. Но загатките нема лесно да ги реши во овој чуден и маѓепсан град…

Книга: „Девојката која ја бркаше месечината“ – Сара Адисон АленНаслов на оригиналот: The girl who chased the moon – Sarah Addison Allen

Сара Ален се опишува себеси како личност која отсекогаш обожувала добра литература и вкусна храна. Нејзиниот татко е новинар (така ја објаснува љубовта кон пишаниот збор), а нејзината мајка одлична готвачка (од тука љубовта кон гурманските специјалитети).

Делата на Сара се мешавина од фикција, магија како од сказните, романса која го топи срцето и опишување на приказни од малите градови. Токму тоа се карактеристиките на книгата која е предмет на оваа рецензија. Топла и загадочна приказна за мал и магичен град.

 

Синопсис

Емили Бенедикт доаѓа во Мулаби, Северна Каролина, родното место на нејзината мајка. Таа има една цел – да ги одгатне мистериите поврзани со животот на мајка ѝ. Како на пример, зошто мајка ѝ толку брзо и ненадејно го напуштила Мулаби заколнувајќи се дека никогаш повторно нема да се врати, која е нејзината поврзаност со семејството Кофи и во каков скандал била вмешана таа.

Но, наскоро Емили дознава дека Мулаби не е обичен град, туку град полн со мистерии и место каде секој има свои тајни. Во Мулаби како да владее некаква магија. Просто тоа е град на чудесии. Дедото на Емили (кого таа никогаш претходно не го запознала), е чуден, но внимателен и нежен џин, тапетите во нејзината соба менуваат бои и дезени во зависност од нејзиното расположение, а некоја чудна светлина поминува во нејзиниот двор околу полноќ.

Нејзината сосетка, Џулија Винтерсон, се спријателува со Емили и покрај тоа што мајката на Емили, Дулчи Шелби, ја измачувала во средно. Но и Џулија не е ништо помалку чудна од другите во овој мистичен град. Таа може да ја почувствува осаменоста на луѓето, а ја чувствува и осаменоста на Емили. Но и таа самата е осамена. Џулија постојано пече надеж во форма на торти, со цел да го задоволи апетитот на нејзините сограѓани, но пред сè бидејќи верува дека така ќе си ја поврати загубената љубов.

Книга: „Девојката која ја бркаше месечината“ – Сара Адисон Ален

Дали тортите ќе успеат да ѝ ја вратат загубената љубов на Џулија? Дали навистина има дух во градината на Емили? Зошто жителите на Малибу немаат добро мислење за Дулчи Шерби и во каков скандал била вмешана? Дали Џулија ќе успее да ги реши мистериите поврзани со животот и смртта на мајка си?

Лична критика

Иако полна со мистерии и загадочни ситуации, би рекла дека книгава содржи елементи на типична романса. Како на пример, романсата на Џулија, која во средно била незабележителна, со популарното момче во школото. Или, како што би се очекувало, инстантната поврзаност меѓу Емили и Вин Кофи. Во секој случај, духот кој навечер поминува во градината на Џулија, нејзиниот дедо–џин, чудните граѓани на Мулаби, тапетите кои менуваат бои во зависност од расположението и уште еден куп чудесии во овој град, придонесуваат оваа приказна да биде една поинаква романса. Мистериите на Мулаби ќе ве заинтригираат сè до самиот крај.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар