Водич за подобрување на говорот на телото

Водич за подобрување на говорот на телото

Она што го кажувате гласно е само врв во комуникацијата што ја остварувате со другите. Останатиот дел од комуникацијата се сведува на говор на телото.

Водич за подобрување на говорот на телото

Што е говор на телото?

Јазикот на кој зборува телото или „по нашки“, говорот на телото, претставува сплет од фацијални експресии, физичка блискост кон другите, држење на телото, навики, движења со очите, начин на кој се допираме себеси, начин на кој се поврзуваме со она што го допираме, па дури и дишењето.

Водич за подобрување на говорот на телото

Свесното наспроти потсвесното

Многу наши гестикулации се случуваат потсвесно, а така ги доживуваме и туѓите. Всушност, кога запознаваме некого, мали се шансите да го запомниме неговото име во првите две минути од разговорот, бидејќи мозокот потсвесно се фокусира на говорот на телото на другата личност. Затоа, ако сакате да го запомните името на личноста која штотуку сте ја сретнале, потрудете се да го повторите во понатамошниот тек на вашиот разговор, после тие две минути.

Сепак, контролирањето на нашиот говор на телото е нешто што можеме свесно да го правиме. Идентификувајќи ги навиките кои ги имаме, притоа отфрлајќи ги оние кои не ни носат добри работи, а прифаќајќи ги оние кои ни овозможуваат подлабоко поврзување со другите луѓе, можеме свесно да влијаеме на подобрување на говорот на нашето тело, а со тоа и на нашите комуникациски вештини. Ова понатаму може да ви помогне да ја добиете посакуваната работа, да бидете повикани на состанок од личноста за која ви трепери срцето или едноставно да го подобрите впечатокот кој другите луѓе го имаат за вас.

На почеток, некои од тактиките може да ви изгледаат неприродно и исфорсирано, но со тек на време, вашето тело ќе го говори јазикот со сигурност и самодоверба, полека станувајќи дел од вашите нови навики.

Секако, мора да предупредиме дека при толкувањето на говорот на телото нема универзални правила. Така, прекрстени раце можат да значат поставување блокада во комуникацијата, но може да сугерираат и чувство на студ или удобност во положбата. Триењето на очите може да значи фрустрација, но може и едноставно да е резултат на чувство на чешање или замор.

Исто така, во различни култури, некои знаци во говорот на телото може да имаат различно значење, па според тоа луѓе од различни делови од светот може да имаат различна дефиниција за личниот простор кој го оставаме кога се доближуваме до некого. Исто така, контактот со очи е многу важен елемент кој покажува самодоверба во западните култури, но во други покажува непочитување и закана. Затоа, обидете се „да не ги читате буквално“ другите.

Водич за подобрување на говорот на телото

16 начини да си го подобрите говорот на телото

1. Бидете свесни

Првиот чекор во подобрувањето на говорот на телото е свеста. Обрнувајте внимание на сè што правите и кога ги правите тие работи. На пример, можеби понекогаш имате навика да го фаќате увото или обетката додека разговарате со одредени личности. Запрашајте се зошто и кога го правите ова.

2. Проучувајте ги другите

…особено луѓето на кои им се воодушевувате. Какво е нивното држење? Што би сакале да научите од нив?

3. Имитирајте ја другата личност

Доколку седите спроти некого, имитирајте ги движењата кои таа личност ги прави, обидете се да зборувате со истиот тон на гласот и да го држите истото темпо во разговорот. Не правете го ова на очигледен и неприроден начин. Но, дури и суптилно имитирање може да создаде конекција, па после некое време и двајцата ќе го правите тоа природно, не забележувајќи кој кого следи.

4. Бидете свесни за начинот на кој ги прекрстувате рацете и нозете

Би било глупаво да се рече дека прекрстувањето на нозете и рацете е недозволиво, бидејќи на многу луѓе тоа им претставува состојба на удобност. Единствено, треба да внимавате како го правите тоа. Кога ги прекрстувате нозете, внимавајте тоа да биде во насока на вашиот соговорник со што ќе покажете интерес за разговорот, но избегнувајте ја положбата во форма на „4“, одмарајќи го глуждот од едната нога на коленото од другата, бидејќи ова може да покажува тврдоглавост или ароганција.

Внимавајте и на другите форми на прекрстување. На пример, жените често си го фаќаат спротивното раме или лакот, а луѓето генерално, понекогаш ја фаќаат пијачката во барот со спротивната рака. Ова се знаци на недостаток на самодоверба или затворање на своето тело и ум за комуникацијата од која сте дел.

5. Правете контакт со очите

Очите се прозорец на душата. Колку пати и да ја прочитате оваа изрека, секогаш ќе биде точна, бидејќи тие навистина многу комуницираат со средината. Освен ако не се наоѓате во средина каде што треба да се воздржувате од гледање во очи на постари и непознати луѓе, не плашете се да го насочите погледот директно кон соговорниците. Не само што ќе кажете многу за себе, туку многу и ќе научите за другите.

Водич за подобрување на говорот на телото

6. Опуштете ги рамената

Ако ги држите рамената згрчени, близу ушите, покажувате тензија и со тоа го ставате соговорникот во иста состојба.

7. Не подгрбувајте се

Претерано е да седите исправени како пушка нон стоп, но внимавајте да не бидете подгрбавени. И вашиот грб, но и вашиот социјален живот, ќе имаат корист од ова.

8. Гледајте го човекот со кого разговарате

Исто како што погрешното прекрстување на рацете и нозете може да покаже степен на ангажираност во разговорот, така и негледањето во партнерот во дискусијата, може да сугерира невнимание или незаинтересираност.

9. Навалете се кон соговорникот

Забележете како кога имате некоја интересна дискусија во која двете страни уживаат, соговорниците се навалени еден кон друг.

10. Внимавајте на вашите гестикулации

Многу луѓе сакаат да си играат со разни предмети додека разговараат, превртуваат капаче од шише, ги преместуваат предметите на масата, непрекинато ја пуштаат запалката. Проблемот со овие гестикулации е што може да бидат знак на нервоза или во најмала рака, да им го одвлекуваат вниманието на другите. Исто така, избегнувајте да си го фаќате лицето или да поминувате со прстите низ косата.

11. Не наведнувајте ја премногу вашата глава

Благо наведнување на главата може да значи интерес, но ако се премине границата (за ова повеќе склоност имаат жените), може да покажува покорност.

12. Не завршувајте ги речениците со повишен глас

Ова не спаѓа баш во говор на телото, но вреди да се спомне бидејќи најчесто е несвесна активност. Ставањето прашалник на секоја реченица покажува несигурност, а тоа директно ги спречува другите да имаат доверба во вас.

13. Ракувајте се цврсто

Не стискајте ги луѓето кои ги запознавате за да поцрвенат од болка, но поздравете ги пријатно и цврсто. Добро е да се обидувате да го прилагодувате ракувањето според личноста која ја запознавате, но тоа пак не значи дека е пожелно да ги следите и оние млитави поздрави.

Водич за подобрување на говорот на телото

14. Знајте каде ви се рацете

Држењето на рацете зад грбот е знак на самодоверба. Плус, ви овозможува да ги држите прибрани доколку немате што да правите со нив. Ова е одличен совет за јавните говорници. Спротивно, рацете в џеб сугерираат досада или преголема самодоверба.

15. Седете во соодветна положба

Седењето точно еден спроти друг, најчесто значи конфронтација. Уште полошо е ако меѓу вас има маса или биро, што создава и бариера во разговорот. Трудете се да седите под агол од 45 степени. Ова ќе ви даде доволно комфор и простор, а истовремено ќе ви овозможи да ги имитирате движењата на соговорникот и да се ангажирате во разговорот.

16. Опуштете се!

Сега сте хиперсвесни за сè што правите и сè што не правите. Но, време е длабоко да воздивнете и да се опуштите. Не форсирајте се. Со доза на свесност и со благо применување на овие техники, со тек на време ќе го кажувате сето она што сакате да го кажете, како со зборови, така и со вашето тело.

Водич за подобрување на говорот на телото

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Ана Reply

    во рамките на една емисија слушнав како да препознаете по говорот на телото кога некој ве лаже, а после како вие да ги лажете другите. хммм…

Напиши одговор на Ана Откажи одговор