Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

Брзото читање не е способност со која се раѓаме, туку вештина која може да се стекне. Ќе ви посочиме неколку начини кои ќе ви помогнат да ја совладате оваа техника. Придобивката не се состои само во тоа што побрзо ќе читате, туку ќе ви ја зголеми и самата желба за читање книги.

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

1. Користете покажувач

Вашите очи не остануваат постојано фиксирани на едно место. Тие прават кратки отстапувања од центарот на фокусот со цел да соберат повеќе информации.

Кога вашето око ќе го оттргне погледот, потоа мора да се врати за да дојде на претходната позиција. За жал, додека читате, позицијата постојано се менува. Она што ви го одвлекува вниманието предизвикува намалување на темпото на читање бидејќи постојано треба да ја барате вашата позиција за читање. Затоа, решението е во користењето некаков покажувач. Тоа може да е и вашиот прст, показалецот. На почеток, ова можеби ќе делува на намалување на темпото на читање, но со тек на време, кога ќе се навикнете на движењето, ќе забележите значително подобрување.

Совет за напредните брзи читачи: Додека го движите прстот, не доближувајте се сосема до маргините на страницата. Вашето око може да ги забележи зборовите во радиус од околу 2,5 см, така што на овој начин можете да го забрзате движењето.

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

2. Контролирајте ја брзината

Не значи дека луѓето кои брзо читаат, успеваат да процесираат помалку информации или дека сфаќаат помалку колку што читаат побрзо. Брзото читање се состои во контролирање на брзината на читање, не само во брзањето.

Покажувачот е една алатка за контролирање на брзината бидејќи неа ја прилагодувате, не само со очите, туку и со движењето на раката. Ако ја движите побрзо, побрзо ќе читате, ако забавите, побавно ќе биде и читањето. Ова е важно зашто ќе ви овозможи да го забавите движењето на посложени и важни делови, а да го забрзате на очигледните или споредни парчиња текст.

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

3. Читајте без да ги изговарате зборовите

Повеќето луѓе, кога ќе научат да читаат, читаат на глас. На поголема возраст, ќе забележат дека ваквата пракса им го забавува процесот, па почнуваат да читаат во себе. Но, и покрај тоа, не престануваат да ги изговараат зборовите внатре во нивната глава.

Изговарањето на зборовите во себе не е секогаш лошо. Тоа помага да ја следиме и сфаќаме нарацијата. Но, тоа не е неопходно за да се разбере прочитано. Итсо ккао шот сеокј моеж да ја сфтаи оава рчееница, исто така повеќето луѓе не мора да го уловат секој збор за да го сфатат значењето на реченицата.

Ова е особено практична тактика за лесни текстови. Но, тоа не значи дека треба да се откажете од првиот чекор кон постигнување на крајната цел, вашиот показалец.

Совет: Обидете се да поминувате со показалецот побрзо одошто би можеле да ги прочитате зборовите во себе. Ова ќе ве оддалечи од навиката да читате „на глас“ дури и кога читате во себе.

4. Не читајте го секој збор поединечно

За да го постигнете ова, пред сè, треба да ја поставите книгата на поголема оддалеченост (60 см). Целта е да не го читате секој збор поединечно, туку да фаќате по два-три со еден поглед.

5. Не навраќајте се назад

Ова е чест проблем кој го кочи процесот на брзото читање. Многумина се навраќаат да препрочитаат збор или реченица, без воопшто да знаат дека го прават тоа. Најпрво треба да го осознаете проблемот доколку го имате, а потоа да се борите да не ù подлегнувате на лошата навика. Секако, на помош и овој пат доаѓа показалецот. Но…

6. Читајте активно

Повеќето луѓе читаат пасивно, очекувајќи дека информациите сами ќе се „залепат“ во мозокот. Ова е во ред додека разлистувате списанија, но не и доколку сакате да прочитате нешто важно.

Брзото читање подразбира активно читање. Тоа значи дека треба да бидете љубопитни и истражувачки настроени. Пред да почнете да читате, подгответе го умот запрашувајќи се со какви нови знаења ќе се стекнете. Дури и ако не сте сигурни што ќе научите, оваа подготвителна вежба ќе му овозможи на мозокот да ги забележува релевантните детали многу побрзо.

Брзото читање исто така подразбира подзапирање на специфичните места. Можеби оваа тактика не делува како да се однесува за брзо читање, но дефинитивно е начин на паметно читање. Кога ќе наидете на интересна информација, подзастанете за да ја повторите или дури забележете ја во книгата. Подобро е да ја запаметите информацијата додека ја читате сега, одошто да ја изгубите само ден потоа.

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

7. Знајте кога да го забавите темпото

Многу луѓе се фалат колку брзо ја научиле техниката на брзо читање. Но, истите тие луѓе подоцна признаваат дека паметат многу малку од прочитаното. Исто како што е корисно да забрзате кога наидувате на парче текст со малку информации, така е важно да намалите со брзината за да ги фатите важните или збунувачки содржини. Читањето е како возење на отворено, можете слободно да стиснете на гаста кога се наоѓате на широк прав автопат, но кога се искачувате по планини со многу кривини, мора да ја намалите брзината за да го постигнете истото – едноставно да го извозите патот.

Брзото читање се состои и во имањето свест за сопствената брзина. Повеќето луѓе читаат со две брзини: прелистување и читање. Но, со оваа техника треба да ги „одглавите“ сите брзини помеѓу: прелистување, читање без изговарање, брзо читање, читање, бавно читање и забавено читање при соочување со збунувачки и тешки делови.

8. Направете си ја содржината поинтересна

Книгата по статистика, здодевната историја или политичките системи на големите сили не можат да станат интересни со сила, но вашиот пристап кон книгата може да направи значајна промена. Ако тргнете со позитивен пристап, полесно ќе останете фокусирани на содржината.

Наместо да си речете: „Лелееее, кој ќе ја фаќа книгава пак?“, помислете си на сите важни и корисни работи кои можете да ги научите од неа доколку си го дозволите тоа. Ако содржината ви стане интересна, ќе можете да читате со потполн фокус. Потполниот фокус ќе ви го скрати времето на читање за 1/3, без да губите на разбирање на содржината.

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

9. Брзината на читање се постигнува со вежбање

Иако показалецот и неизговарањето на зборовите во себе, многу ќе влијаат на брзината на читање, сепак најважно е да го практикувате читањето. Ако редовно читате книга на неделно ниво, вашата брзина ќе се подобри. Едноставно: читајте повеќе за да читате побрзо!

Ако не читате на вашиот мајчин јазик, секако дека ова ќе ви биде најголема пречка бидејќи ќе треба да подзастанувате на секој непознат збор на кој ќе наидете.

Но, дури и ако читате на вашиот јазик, многу автори имаат стил кој се карактеризира со многу јаки зборови, за кои најдобро е да ги побарате во лексикон, но само доколку често се повторуваат. Ако читате на англиски, користете го Гугл впишувајќи „define: зборот“.

Друга придобивка од вежбањето на оваа тактика е добивањето осет за брзината на читање која треба да се примени на одреден тип содржина. Колку повеќе читате, толку повеќе вашата интуиција за овие работи ќе се зајакнува.

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

10. Почнете пребрзо, па подзабавете

На почеток, поставете си пред себе тешка задача. Почнете да читате побрзо одошто можете да разбирате, а по 2 прочитани страници, сменете го темпото така за да ви одговара. Повторно споредба со автопатот: кога возите со 100 км на час и ќе намалите на 70, тоа ви изгледа бавно, но ако возите со 50 и потоа качите на 70, ви делува како многу брзо иако се работи за истата брзина.

Обидете се!

Сакате да знаете колку изнесува вашата брзина на читање? Земете нова книга и направете го следново:

  • Поставете го тајмерот на една минута
  • Означете ја линијата од која почнувате да читате
  • Почнете да читате и застанете кога ќе сигнализира тајмерот
  • Означете ја линијата на која сте запреле
  • Избројте ги линиите што сте ги прочитале
  • Избројте ги зборовите што сте ги прочитале – изберете ја втората линија и вклучете ги сите зборови, вклучително и сврзниците, кратките заменски форми, честичките…

Бројот на линии x Бројот на зборови во една линија = Брзината на читање

Вежбајте повеќе пати и повторно измерете ја својата брзина. Сигурно ќе има подобрување.

Водич: Совладајте ја техниката на брзо читање

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Данче Reply

    Дали ова ќе ми помогне да читам побрзо и посигурно , бидејќи јас мислам дека имам трема кога читам на глас а преттоа не сум го прочитела тоа и како да имам трема и понекогаш го почитувам како да помине мојот ред а кога има многу бучава скокам редови но ова го правам кога нешто читам на глас а не сум го читела претходно но кога ќе го прочитам два три пати тогаш читам со самодоверба и без трема на глас пред луѓе може ли да ми помогне со мојата трема

Напиши одговор на Данче Откажи одговор