Последици врз децата од конфликтите на родителите

Последици врз децата од конфликтите на родителите

Кога децата се сведоци на караница меѓу родителите или на физичко насилство, тоа остава трага врз нивната личност, иако насилството не е директно насочено кон нив. Во таква ситуација тие повеќе не го чувствуваат домот и семејството како прибежиште за заштита од сите опасности на овој свет.

Децата кои се сведоци на физичко насилство имаат слични последици како и оние кои го претрпеле тоа. Тоа неизбежно води до психолошки и емоционални проблеми, кои понатаму придонесуваат за социјални тешкотии. Вообичаено машките се повеќе склони кон агресија, тепачки, малтретирање на послабите од себе, лажење и мамење, додека кај девојчињата почесто се забележува повлеченост, вознемиреност и депресија. Но, и кај двата пола подеднакво се среќаваат проблеми со вербалните и моторните способности, како и тешкотии со разрешување на проблеми и конфликти, и секако, верување во ригидните конзервативни стереотипи за положбата и односите меѓу двата пола кои секогаш го ставаат мажот во супериорна позиција во однос на жената.

Последици врз децата од конфликтите на родителите

Сведоштво на каква било форма на насилство во домот им оневозможува на децата да развијат врска со родителот која ќе ги храни емоционално. Развиваат чувство на срам, се обвинуваат себеси, се плашат од напуштање, се чувствуваат слабо и беспомошно. Почнуваат да пројавуваат знаци на депресија, лажат со цел да избегнат каков било конфликт и не можат да засноваат однос на доверба, особено со возрасните. Некои од нив потоа стануваат многу таинствени, не зборуваат воопшто за своите семејства и не ги канат своите другари на гости кај нив дома. Постепено ги губат врските со другите околу нив, се лишуваат од емоционалната поддршка која можат да ја примат од околината и побавно созреваат, притоа развивајќи чувства на срам, збунетост, страв, а неретко и бес кој тешко се контролира.

Последици врз децата од конфликтите на родителите

Децата кои секојдневно ги гледаат конфликтите на своите родители имаат проблеми и за време на созревањето. Не само со бавноста на тој процес, туку и со понатамошното присуство на симптомите на анксиозност и депресија кои вообичаено ќе сакаат да ги решаваат со употреба на алкохол или дрога. Кога, пак, ќе почнат да излегуваат со лица од спротивниот пол, во нивните односи ќе се забележат истите карактеристики како оние на родителите. Кај таквите личности постои поголем ризик да бидат опседнати со тоа да имаат контрола над својот партнер.

Сепак, не сите деца кои биле сведоци на домашно насилство ги имаат овие проблеми. Некои од нив можат да покажат голема флексибилност и добро да се справат со проблемите. На пример, се трудат да се занимаваат со некој спорт или музика и со тоа помалку се изложени на она што се случува дома. Но, во секој случај, за да се избегне високиот ризик од претходно набројаните последици вистинскиот избор е да се избегне основање на семејство со насилни личности и на децата да им се пружи сета љубов и емоционална поддршка која им е потребна.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар