Дел од шармот на годинешниот Fashion Week во Скопје

Дел од шармот на годинешниот Fashion Week во Скопје

Автор: Софија Сионова
Фотографија: Христина Трајкоска

Имавме можност да присуствуваме на четвртиот ден од Модната недела во Скопје. Префинетост и хипи боем, блескави, нежни и шарени бои е она што го видовме на деветтото издание на FWSK. Во продолжение ви ги претставуваме креациите на Оливера Штакоска, Ивана Јованоска, Јасмина Дракул.

del-od-sharmot-na-godineshniot-fashion-week-vo-skopje-kafepauza.mk

Хипи боемски стил: Оливера Штакоска

Под насловот „Lace“, Оливера Штакоска за првпат во рамките на FWSK, преку сопствената призма ни ја претстави својата хипи боемска колекција исполнета со весели и игриви бои надополнети со пријатни и лесни материјали покажувајќи како треба да се изгледа во топлите летни денови. Едноставните и секојдневните комбинации исполнети со племенски мотиви беа полн погодок, а најзастапени беа свилените фустани со детали од тантела и долгите макси фустани со џебови, во цигански стил. На нозете манекенките носеа лесни римјанки со мали чантички во рацете, а косата им беше во релаксирана варијанта, најчесто во бушава плетенка.

Моден перформанс: Ивана Јованоска

Освен Штакоска, деби перформанс имаше и Ивана Јованоска која со својата елеганција и префинетост ќе ве остави без здив. Иако за првпат се претстави на Модната недела, Ивана Јованоска покажа дека целосно го заслужи вниманието, пофалбите, како и местото покрај веќе добро познатите дизајнери. Манекенките пленеа со својата убавина, слатките лица и интересните кокови, а често се слушаше и звук од златните синџири кои елегантно висеа на фустаните така што акцентот беше ставен на рамениците. Најзастапена беше белата боја со примеси од злато, а целокупниот изглед беше надополнат со златни или крем шпиц чевли.

Во полн сјај: Јасмина Дракул

Софистицираност, грациозност и шарм се зборовите кои најдобро ја опишуваат колекцијата на Јасмина Дракул. „Во полн сјај“ е насловот на колекцијата, а Дракул ни ја претстави својата замисла за пролетта со грациозни коктел фустани и неколку величествени тоалети. Палетата на бои се движеше од жолта до бела, со по некој црн фустан, а необично беше тоа што на свиленикавите делови беа рачно додадени и цветови. Фризурите беа со ретро кадрици, карактеристични за златната ера во Холивуд, а моделите чекореа во беж и црна боја високи потпетици.

На настанот ја сретнавме модната блогерка Фросина Дамјановска. Низ муабет таа ни откри дека трендот за оваа сезона ќе биде цветниот принт, кроп топот, високите шпиц потпетици и белата боја, а според Фросина, на овој FWSK најубава била ревијата од Мила Кадриу.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. krokodil Reply

    Kreaciite na Ивана Јованоска kiceraj neviden…losoooo

  2. Katherine Reply

    Првите 3 слики на Оливера :O Shut up and take my money!!!

Напиши одговор на krokodil Откажи одговор