Научно докажано: Психоделичните дроги можат да доведат до повисоко ниво на свесност

Дали навистина можеме да го доведеме нашиот мозок до повисоко ниво на свесност? Најновите истражувања покажуваат дека тоа е возможно. Научниците нашле докази дека диверзитетот на нервниот сигнал се зголемува кај луѓето кои се под дејство на психоделични дроги. Диверзитетот на нервниот сигнал е знак на тоа колку е комплексна активноста што се случува во мозокот: Диверзитетот е поголем кога сме будни од диверзитетот кога спиеме. Резултатите од ова истражување покажале дека нашиот мозок можеби е способен да достигне многу повисок стадиум одошто сме мислеле.

Научно докажано: Психоделичните дроги можат да доведат до повисоко ниво на свесност

Истражувачите од Универзитетот Сасекс, Велика Британија, велат дека диверзитетот на нервниот сигнал може да се зголеми додека сме будни и свесни за она што се случува околу нас.

„Откритијата покажаа дека мозоците кои се под дејство на психоделични дроги се однесуваат многу поразлично од вообичаено. За време на состојбата на психоделичност, електричната активност на мозокот не е толку предвидлива и интегрирана како што е случајот за време на нормалната свесна будност“, објаснил еден од истражувачите.

Диверзитетот на нервниот сигнал бил проучуван и претходно, но најчесто во помалку активни и попредвидливи состојби на свесност, како што е кај луѓето кои спијат или се наоѓаат во вегетативна состојба. За ова истражување, научниците одново ги анализирале податоците добиени од претходните експерименти во кои на волонтерите им било дадено псилоцибин, кетамин или ЛСД.

Според последното истражување, диверзитетот на нервниот сигнал кај учесниците бил повисок за време на сите 3 психоделични дроги, а тоа било утврдено со помош на посебен вид технологија за мерење на малите магнетни полиња што се создаваат во мозокот. Исто така, се покажало дека врските во мозокот биле послучајни, што се поклопува со случајноста на мислата која е очекувана кај луѓето кои земале дрога.

Сега за сега, научниците потенцираат дека ова не значи дека новата состојба на свесност е подобра или дека сите треба да ги додадеме психоделичните дроги во нашата исхрана, но сепак станува збор за нов и поинакво откритие. Ваквите сознанија би можеле да им помогнат на научниците да создадат лекови за контрола на менталните нарушувања, како што е депресијата.

„Фактот што сите 3 дроги покажаа слични промени во диверзитетот на нервниот сигнал и покрај нивната сосема различна фармакологија е многу интересно и тоа е доказ дека резултатите се веродостојни и повторливи“, изјавил еден од истражувачите.

Истражувањето исто така ни ја открива врската помеѓу тоа колку сме свесни и за што точно сме свесни, а тоа е нова истражувачка област што научниците допрва ќе почнат да ја испитуваат. Овие откритија можат да ни помогнат да разбереме како ги доживуваат халуцинациите оние кои земаат психоделични дроги и зошто ваквите дроги честопати се поврзуваат со ненадејните напливи на креативност.

„Луѓето честопати велат дека доживуваат откровение кога се под дејство на ваквите дроги, а ако тоа се случува во терапевтски контекст, може да очекуваме позитивни резултати. Моменталните откритија можат да ни помогнат да разбереме како се случува сето ова“, објасниле истражувачите.

Како што и самите научници напоменуваат, ова не значи дека психоделичните дроги треба да станат дел од нашето секојдневие, туку дека потребни се дополнителни истражувања за да се открие какво е нивното дејство и како можат да се искористат на најдобар можен начин.

Доколку ве заинтересира оваа тема, прочитајте каква е поврзаноста помеѓу уметноста и дрогата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар