Книга: „Ветерници на боговите“ - Сидни Шелдон

Книга: „Ветерници на боговите“ – Сидни Шелдон

Возбудливо дело на легендарниот автор чии страници нема да можете да ги оставите до крајот

Наслов на оригиналот: Windmills of the Gods – Sidney Sheldon

Книга: Ветерници на боговите - Сидни ШелдонВеројатно не постои човек вљубен во пишаниот збор кој нема слушнато за Сидни Шелдон – автор на 18 новели, 200 сценарија, 25 филмови и 6 претстави на Бродвеј. Секоја од новелите на Шелдон кои вкупно се продадени во преку 300 милиони копии била бестселер според Њујорк Тајмс, читана во 180 земји а преведена на 50 јазици. Благодарение на неговата кариера и искуството во шоу бизнисот, скоро сите негови новели добиле и своја верзија на филмското платно.

Често велел дека успехот кој го доживеал, особено на полето на пишување книги е вистинско чудо, а земено предвид неговото детство никој не би му противречел. Тој бил првиот во своето семејство којшто завршил средно образование, но затоа пак бил свесен за својот талент и решен да успее.

Книга: Ветерници на боговите - Сидни ШелдонСакал да биде сценарист и се преселил во Лос Анџелес каде што буквално чукал од врата на врата на големите студија прашувајќи со кого да разговара за да стане писател. Колку и да звучи смешно и наивно, младиот Шелдон набрзо со вработил, читал книги и сценарија за продуцентите кои немале време да го прават тоа сами, пишувал препораки и рецензии за по неколку години веќе да ги има напишано првите претстави за на Бродвеј. Скромните почетоци биле само увертира во неговата блескава кариера.

Инаку, станува светски познат откако на 50 години почнува да ги пишува неговите феноменални новели и оттогаш влегува во историјата како еден од најчитаните автори во светот.

„Ветерници на боговите“ е напишана 1987 година.

Синопсис

Пол Елисон е избран за нов претседател на САД, либерал, идеалист, кој брзо станува миленик на народот држејќи го својот легендарен говор на инаугурацијата, промовирајќи ја својата визија за еден поинаков свет во кој „огромните бездни кои постојат меѓу САД и земјите зад железната завеса“ ќе бидат надминати со цврсти мостови. А под „цврсти мостови“ Елисон мисли на обновување на односите со сите земји со кои биле прекинати дипломатските односи во минатото, меѓу кои и Романија, земја со која владее немилосрдниот Александар Јонеску. Решен, наместо момчињата во ригести костуми да испрати човек од доверба, за нов амбасадор во Романија Елисон ја избира Мери Ешли, млада професорка по политички науки на Државниот Универзитет во Канзас, но аматер во дипломатијата и извршување на работите со странски земји.

Мери Ешли e посветена сопруга и мајка на две деца, вљубена во својата професија и во животот кој го стекнала. Додека го балансира времето помеѓу домашните обврски, лудилото кое го создаваат две деца кои влегуваат во тинејџерските години и докторската кариера на нејзиниот сопруг, Мери успева да стане и еден од најуспешните млади професори на нејзиниот факултет и наскоро очекува понуда за постојана работа. Она што не го очекува е повик од новиот претседател на државата со можност за одлична работа која никогаш не претпоставила дека токму неа би ѝ ја понудиле – амбасадор во Романија. Првично ја одбива работата бидејќи САД сигурно може да најде подобар амбасадор за Романија, а малото гратче во кое живеат никогаш не би пронашло подобар доктор од нејзиниот брилијантен сопруг. Но, доктор Едвард Ешли набрзо умира во сообраќајна несреќа…

Ѓаволски бистра, со одлични познавања на состојбата на Романија благодарение на нејзините корени и со ставови кои во целост се согласуваат со визијата на новиот американски претседател, Мери Ешли е новиот амбасадор кој има животна шанса директно да влијае врз светските настани. Но како и по обичај во возбудливите книги на Сидни Шелдон, станува дел од политички интриги, злосторства а воедно и мета на немилосрден, мистериозен платен убиец.Книга: Ветерници на боговите - Сидни Шелдон

Лична критика

Јас и Сидни Шелдон си имаме посебна врска, а таа врска е мајка ми. Таа ме запозна едно досадно попладне и паметам дека оттогаш постоеше период кога не читав ништо друго освен делата на Шелдон од домашната библиотека, а и кој би ми замерил? Книгите се возбудливи од почеток до крај, секоја со оригинална приказна и со уште пооригинален завршеток. Едно време мислев дека се имам заситено, дека на некој начин го прераснав, но „Ветерници на боговите“ дефинитивно ме потсети зошто толку многу уживав во неговите дела.

Книгата брзо се чита и иако, типично за Шелдон, скока брзо меѓу настани и ликови, сè си има совршен тек. Отсекогаш ми се допаѓала неговата способност да ме изненади и да ме тера да размислувам за сто различни верзии како би завршила книгата. И на крај те остава да висиш на раб, таман кога мислиш дека си дошол до одличен завршеток, сфаќаш дека можеби тука е почетокот на нова, возбудлива приказна. За оние кои веќе се вљубиле во неговите дела нема потреба од топла препорака, а за оние кои сè уште се немаат запознаено – што чекате?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. ana Reply

    Се согласувам со тебе Симона за тоа дека кога влезеш во лавиринтот од делата на Сидни Шелдон едноставно неможеш да запреш, а за крајот се разбира не постои човек кој би го предвидел, што значи дека е најоригнален. И јас топло им го препорачувам на сите љубители на добра книга 🙂

Напиши одговор на ana Откажи одговор