Како музиката може да не направи помоќни?

Како музиката може да нѐ направи помоќни?

Музиката е можеби единствената работа за која сите ние луѓето се согласуваме. Не постои човек на планетава кој не сака да слуша музика. Поп, рок, џез… Постојат многу различни музички типови и сите ние уживаме во еден или повеќе од нив. Музиката која ја слушаме кажува многу за нас и влијае различно на нас, па често резултатот е среќно или тажно лице, насмеано или замислено, разиграност, моќ.

(1)-kako-muzikata-mozhe-da-ne-napravi-pomokjni-kafepauza.mk

На база на фактот дека музиката влијае на човекот, направени се низа експерименти кои покажуваат дека сепак музиката може да му даде на човек чувство на моќ што потоа резултира во однесување соодветно на тоа чувство. При тестирањата, на самиот почеток биле земени предвид 31 различен тип на музика со цел да се направи селекција на оние кои го предизвикуваат чувството на моќ, одлучност и доминација кај луѓето. Понатаму биле избрани првите и последните три типа кои предизвикувале највисок и најнизок степен на вакви чувства, соодветно.

Првиот експеримент бил од типот на дополнување на зборови. На еден дел од луѓето, кои биле дел од експериментот, им биле пуштени првите три типа на музика, додека на останатиот дел последните три. Резултатот бил очекуван: луѓето кои ја слушале музиката која поттикнува моќ вршеле дополнување со многу помоќни зборови отколку оние кои го слушале другиот тип на музика.

(2)-kako-muzikata-mozhe-da-ne-napravi-pomokjni-kafepauza.mk

Како последица на моќта се јавува чувството на нереална контрола врз работите и случувањата. Така, вториот експеримент бил базиран на погодување на бројките кои би се добиле со фрлање коцка, т.е., оние кои ќе погодат би добиле некаква награда. Поголемиот дел од луѓето кои ја слушале музиката која го поттикнува чувството на моќ избирале тие сами да ја фрлаат коцката наместо некој да го прави тоа за нив, поточно имале чувство дека се доволно моќни да исконтролираат на која страна ќе падне коцката.

Третиот експеримент се однесувал на дебатирање. Луѓето кои биле изложени на музика која не предизвикува чувство на моќ одлучувале да започнат први во дебата дури два пати помалку од оние кои го слушале тој тип на музика.

(3)-kako-muzikata-mozhe-da-ne-napravi-pomokjni-kafepauza.mk

Останува прашањето за тоа што, односно кој дел од оваа музика всушност го поттикнува ова чувство на моќ? Истражувањата покажале дека ова чувство не се развива доколку наместо да ја слушаат музиката, на луѓето би им давале да го прочитаат текстот од песната, т.е., зборовите не се причина. Понатаму, се зеле предвид позитивните чувства кои се развивале при слушањето на музиката. Иако моментално слушателите биле среќни и задоволни, овие чувства сепак не биле причината. Следно, предвид бил земен самиот звук, музиката и нејзиниот квалитет, што дало резултати. Имено, нивото на бас во песните се јавило како причина за развивање на чувство на моќ. Кај луѓето кои слушале музика со високо ниво на бас се развивале чувства на моќ и контрола за разлика од оние кои слушале музика со ниски нивоа на бас.

Иако е сѐ уште недоистражена тема, ова сепак претставува интересно поле за експериментирање со цел да дознаеме повеќе за нас и како звуците наоколу ни влијаат. И што е најважно, како тоа може да ни помогне.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар