Истражување: Постојат 5 различни видови несоница

Наместо да ги разгледуваат само симптомите поврзани со спиењето, истражувачите од едно ново истражување од Холандија ги зеле предвид и карактерот и емоциите на испитаниците. Благодарение на ова, тие откриле дека всушност постојат 5 видови несоница. Ова откритие може да помогне да се разберат причините за несоницата, како и да се направи личен третман за секој личност.

Истражување: Постојат 5 различни видови несоница

5 видови несоница

Од несоница страдаат речиси 10% од луѓето на Земјата. Најчестите симптоми се тешкотии при заспивањето или будење во текот на ноќта. На пример, луѓето со ова нарушување може да лежат со часови во кревет пред да заспијат, или пак да се разбудат прерано и да не можат да се вртат на спиење. И покрај тоа што сите имаат слични симптоми, секој реагира различно на третманот. Поради ова научниците заклучиле дека можеби постојат повеќе видови несоница.

Со цел да ги најдат подвидовите на ова нарушување, истражувачите анализирале податоци од над 4.000 луѓе кои пополниле онлајн анкета за нивните навики за спиење, како и нивните карактеристики.

Според одговорите од анкетата, околу 2.000 од учесниците страдале од несоница. Според анкетата, тие покажувале симптоми, но немале добиено дијагноза за ова нарушување. За да ги откријат разните видови несоница, истражувачите почнале да бараат подалеку од симптомите поврзани со спиење и земале предвид други фактори како лични карактеристики, расположение, емоции и реагирање на стресни ситуации. Благодарение на ова, успеале да ги поделат испитаниците во пет категории.

  • Тип 1: Луѓето со овој тип имале високо ниво на негативни емоции, анксиозност и грижи, и ниско ниво на среќа.
  • Тип 2: Овие луѓе имале умерено ниво на стрес и грижа, но нивото на среќа и задоволство било воглавно нормално.
  • Тип 3: Овие луѓе имале умерено ниво на стрес, но ниско ниво на среќа и чувствувале помалку задоволство.
  • Тип 4: Овие луѓе воглавно имале ниско ниво на стрес, но се соочувале со несоница поради нивното реагирање на стресни животни ситуации.
  • Тип 5: Овие луѓе имале ниско ниво на стрес, а нарушувањето во спиењето не било предизвикано од стресни ситуации.

Овие симптоми останале исти со текот на времето. Испитаниците повторно ја пополниле анкетата пет години подоцна, и повеќето од нив останале во истата категорија.

Личен третман

Истражувачите откриле дека луѓето со разни видови несоница реагирале различно на третманот и имале различен ризик од развивање депресија. На пример, луѓето со тип 2 и 4 покажале најдобро подобрување откако земале бензодиазепин, еден вид лек за смирување. Луѓето со тип 3 не забележале подобрување кога го земале овој лек. Луѓето со тип 2 почувствувале подобрување по терапија со разговор, додека луѓето со тип 4 немале придобивки од ова. Кај луѓето со тип 1 постоел најголем ризик од депресија.

Овие резултати покажуваат дека одреден третман е најдобар за одреден тип, а идните истражувања треба дополнително да го истражат ова. Покрај тоа, идентификувањето на луѓето со несоница кај кои постои ризик од депресија може да помогне во спречување на развојот на болеста.

Доктор Цујоши Китаџима од Јапонија кој го разгледувал истражувањето, и заклучил дека е можно да постојат овие типови кај луѓето со несоница. Но тој исто така изјавил дека лекарите можеби нема да се согласат со ова бидејќи факторите не се директно поврзани со спиењето. Сепак, тој истакнал дека некои од типовите опишани во истражувањето се слични со претходно прифатените категории на несоница. На пример луѓето со тип 1 и 2 настојуваат да ги чувствуваат симптомите порано во животот – во детството или за време на адолесценцијата. Ова е слично со симптомите кои се појавуваат кај луѓето со таканаречената идиопатска несоница, традиционална категорија на несоница каде што луѓето се соочуваат со нарушувањето без некоја причина.

Китаџима исто така додал дека ќе биде од корист да се потврдат овие наоди и со луѓе кои се дијагностицирани со нарушувањето. Истражувачите истакнале дека испитаниците волонтирале да учествуваат во истражување за спиењето, а оваа група не би можела да го претстави целото население. Исто така постои можност да постојат и други типови несоница кои допрва ќе се идентификуваат.

Пробајте ги овие ефикасни техники што ќе ви помогнат да се справите со несоницата.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар