Книга: „Најубавото место на светот е тука“ – Франсеск Миралјес и Каре Сантос

1-kniga-najdobroto-mesto-na-svetot-e-tuka-fransesk-miraljes-i-kare-santos-kafepauza.mkЧудно е како некои книги нѐ „наоѓаат“ кога најмногу ни треба, иако можеби не сме свесни за нивната важност во моментот, но по кратко време сфаќаме дека ни помогнале полесно да излечиме некоја болка, ни отвориле нови видици или ни всадиле идеја од која нема бегање и мора да ја реализираме. Миралјес тоа го прави суптилно и не сте ни свесни дека полека ви се вовлекува под кожа.

Откако „Посакувам да си тука“ заврши во мои раце знаев дека повторно ќе му се вратам и мислам дека имав среќа „Најубавото место на светот е тука“ да ја прочитам токму сега.



Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Ирис е триесетгодишна жена која се соочува со ненадејната загуба на нејзините родители, но срамежливоста и стравот цел живот ја спречувале да оформи вистински пријателства и да ја пронајде својата љубов, па низ овој трауматичен настан мора да поминува сосем сама. Осаменоста и монотонијата на секојдневието полека ја доведуваат до работ, сѐ додека еден за малку трагичен ден не наиде на едно необично кафуле, веднаш зад аголот, со уште понеобично име „Најубавото место на светот е тука“. Привлечена од изгледот и името на местото Ирис влегува внатре и после долго време се чувствува како дома. Кафулето нуди некоја несекојдневна атмосфера, музиката е совршена како да ја избрале само за Ирис, стариот шанкер кој што е истовремено сопственик на кафулето и илузионист изгледа како да дошол од некое друго време, топлото чоколадо мириса прекрасно, а во воздухот се чувствува некаква магија.

Таму го запознава и Лука, шармантниот Италијанец кој како да може да ѝ ги чита мислите, кој зборува како да не е од ова време, кој како да ја поседува сета мудрост и сите тајни на светот и за прв пат Ирис чувствува надеж и желба за живот. Кафулето станува нејзино прибежиште каде што се среќава со Лука, секој пат на различна маса, слуша различна приказна за животот, учи нова лекција и со секоја средба нејзиното секојдневие се менува. Како секоја различна маса да има своја магија, по секоја средба со Лука нешто во животот на Ирис се менува на подобро. Стравот од осаменост исчезнува, желбата за промена и за живот во сегашноста, а не во минатото превладува и Ирис полека почнува да се отвора кон светот. Сѐ до моментот кога кафулето едноставно исчезнува, а Лука никогаш повторно не се појавува.

2-kniga-najdobroto-mesto-na-svetot-e-tuka-fransesk-miraljes-i-kare-santos-kafepauza.mk

Иако обработува прилично комплексна тематика за вечното прашање „Што после смртта?“ и ја нема нишката на црн хумор која што можеше да се насети во „Посакувам да си тука“ книгата не е напорна ниту тешка за читање. Напротив, страниците брзо се вртат, а случувањата ве оставаат заинтересирани и будни до крај. Динамиката на настаните е брза, без одолговлекувања и непотребни описи, само чиста емоција и по некоја мудра мисла. Ако верувате во надреалното сигурно брзо ќе се пронајдете, а ако не верувате ќе наидете на една интересна перспектива која ќе ве поттикне на размислување. Заедно со Ирис ќе откриете колку некои нешта кои ни се важни, а се чинат недостижни всушност можете лесно да ги остварите и како да го најдете сопственото „најубавото место на светот“.

„Сето време жалиш по нештата што не си сторила или погрешно си ги сторила во минатото, божем сега имаш некаква корист од тоа. Зошто не си простиш себеси и не прифатиш дека во секој момент си го правела најдоброто што си можела, во секој момент и на секое место? Луѓето имаат право да се поправаат. А годините треба да служат за уште нешто освен за редење бели влакна!“

Книгите на Миралјес се вистински мелем за ранети срца, дури малку и клише на моменти, но сепак блиски и не може да не се пронајдете. Ако ја планирате книгава за летните одмори, понесете си уште една затоа што оваа сигурно брзо и слатко ќе ја „смачкате“.

И да, слично како со „Посакувам да си тука“ веројатно ќе сакате да ги слушате Битлси или Ролингстоунси додека читате, па припремете си добра музичка листа.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 2 јули 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар