Книга: „Беатриче и Вергилиј“ – Јан Мартел

Една тешка тема исткаена со мистериозност и метафори и пренесена на неконзервативен, но суштински начин. Ќе сакате да ја прочитате.

Книга: „Беатриче и Вергилиј“ – Јан Мартел

Мора да сте чуле за првиот роман на канадскиот писател Јан Мартел, „Животот на Пи“. Дури и да не сте го прочитале романот, кој патем остана дури 57 недели на врвот на бестселерите на Њујорк тајмс, сигурно сте го гледале ултрапопуларниот филм. После тоа, секако, љубителите на добрите книги очекуваат новиот роман на Мартел да ги „удри од земја“. Обично две нешта се случуваат со делото кое следи по нешто толку популарно од истиот автор: или го надминува првото, или пак е тотално разочарување. Тогаш, во која од овие две групи спаѓа „Беатриче и Вергилиј“?

Ако имињата на главните ликови се алузија на „Божествена комедија“ на Данте, и се всушност магаре и мајмун кои преку пасивни и навидум безначајни дијалози ја отсликуваат најголемата катастрофа во историјата на човештвото, тогаш ова дело може да биде или откровение или сосем спротивно – тотално губење време. Дали станува збор за љубовна приказна, трагична приказна, басна, приказна за деца, реалистична или филозофска или пак фантазија? Сега-засега ќе ве оставам во неизвесност.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


На самиот почеток на романот се запознаваме со младиот писател по име Хенри кој неверојатно потсетува на самиот автор. Хенри минал 5 години интензивно истражување за да ја напише неговата нова книга – флип книга составена од роман и есеј посветени на најголемата катастрофа во историјата на човештвото – холокаустот. На негово големо разочарување, уредниците и издавачите не ја дочекуваат новата книга со ширум отворени раце. Хенри заедно со својата сопруга се сели во друг град и се посветува на други интереси.

Меѓу писмата кои му стигнуваат од обожавателите ширум светот, стигнува и едно интригирачко плико во кое Хенри ја наоѓа легендата за свети Јустинјан Хоспитаторот каде посебни извадоци и параграфи се подвлечени, како и загадочен дијалог меѓу два лика, Беатриче и Вергилиј. Прашувајќи се зошто испраќачот ги подвлекол токму оние делови каде се раскажува за безмилосните убиства на животните, Хенри решава лично да му ја достави картичката за благодарност на испраќачот бидејќи тој живее во истиот град.

Така го запознава испраќачот кој исто се вика Хенри и е препаратор на животни. Во неговиот дуќан ги запознава препарираните Беатриче и Вергилиј, централните ликови во драмата. Набрзо Хенри ја сфаќа поврзаноста на оваа навидум лесна драма со холокаустот и му помага на препараторот да ја заврши и да го усоврши неговиот аматерски стил. Испреплетена со многу метафори, оваа книга ве тера да ја прелистате секоја нова страница за да одгатнете уште една мистерија. Метафорично животните се движат по една голема кошула на риги што потсеќа на облеката во концентрационите логори. Преку поврзаноста со пеколот на Данте, Мартел ги води читателите низ ужасите од холокаустот, но на суптилен и алегоричен начин.

Книга: „Беатриче и Вергилиј“ – Јан Мартел

Дијалозите меѓу Беатриче и Вергилиј напати потсеќаат на апсурдната антидрама „Чекајќи го Годо“ на Бекет.

„Беатриче: Уморна сум. Не можам повеќе.

Вергилиј: Ни јас. Сакаш само да слушаме?

Беатриче: Што да слушаме?

Вергилиј: Тишината. Да видиме што има да ни каже.

Беатриче: Во ред.

(Тишина)

Вергилиј: Слушаш ли нешто?

Беатриче: Да.

Вергилиј: Што?

Беатриче: Тишината.

Вергилиј: И што ти вели тишината?

Беатриче: Ништо.“

Исто како во „Животот на Пи“, и во овој роман животните ја играат централната улога, исто има лик кој неверојатно го отсликува самиот автор, исто е напишана со метафори, скриени значења, но воглавно лесен и разбирлив стил. Навидум басна, навидум детска приказна, во некои сегменти и љубовна, „Бетриче и Вергилиј“ има едно многу подлабоко значење кое се крие под сите тие слоеви. Преку ликовите на магарицата Беатриче и мајмунот Вергилиј – алузија на Дантевата божествена комедија, Мартел ги отсликува жртвите на холокаустот кои исто како и животните, не се способни да зборуваат за себе и да се борат за своите права. Ова е можеби најконтроверзното дело кое сосем излегува од рамките на сè што до сега било напишано за холокаустот.

Како што ќе го читате романот, полека ќе ги одгатнувате скриените значења зад метафорите за да стигнете до крајните шокантни страници кои со по неколку реченици ќе ви го разбрануваат светот. Не заборавајте, ни еден од ликовите не е она што на почеток ви изгледа дека е.

Критиките се поделени, луѓето или цврсто ја сакаат оваа книга или ја сметаат за апсурдна шега. Моето мислење се менуваше како што ја читав и иако може да се насети, некогаш и преголемиот труд на Мартел да создаде уште едно ремек-дело, никој не може да го негира суштинското значење на книгата. Така што, во која од двете погоре споменати групи спаѓа книгава, е многу субјективно прашање и ќе мора да одлучите сами.

„Ти си бербер. Работиш во соба полна со луѓе. Ги потстрижуваш, а потоа ги водат на егзекуција. Тоа го работиш секој ден, по цел ден. Носат нова група луѓе. Во неа ги гледаш жената и сестрата на твој добар пријател. И тие те гледаат тебе и во очите им се јавува радост. Се прегрнувате. Те прашуваат што ќе им се случи. Што ќе им кажеш?“

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 25 јуни 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар