Необични, но корисни употреби на регенераторот за коса

Необични, но корисни употреби на регенераторот за коса

Сите ги сакаме оние интересни трикчиња и совети кои ни го олеснуваат животот, особено кога станува збор за продукт кој ни е лесно достапен и сигурно веќе го имаме дома. Овој пат ви нудиме 9 идеи како можете да го употребите регенераторот за коса, освен секако за неговата првична намена.

Необични но корисни употреби на регенераторот за коса

1. Отстранувач на лажни тетоважи

Привремените тетоважи се супер, но кога ќе почнат да избледуваат навистина лошо изгледаат. Наредниот пат, наместо да ја триете кожата до болка, само натопете регенератор на памук и задржете го кратко време на посакуваното место. Тетоважата многу полесно ќе ја отстраните, а на крај треба само да го поминете местото со млака вода.

2. Омекнувач на кутикули

Маслата и геловите за омекнување на кутикулите знаат да бидат и поскапи, а добивате малечко шишенце или туба кои кратко траат. Затоа наредниот пат кога ќе правите домашен маникир, слободно на крајот нанесете на прстите и малку регенератор за коса за да ги омекнете кутикулите.

Необични но корисни употреби на регенераторот за коса

3. Отстранувач на шминка

Добро знаеме колку е напорно да се спакува сета козметика за на пат, затоа што иако момците не ни веруваат, нас секој продукт навистина ни треба (добро, не баш секој). Во овој случај можете да се ослободите од класичните отстранувачи на шминка доколку се работи за кратко патување и наместо нив да го користите регенераторот без кој секако нема да излезете од дома. Нанесете мала количина на памук, а потоа задолжително измијте го местото со млака вода.

4. Замена за крема за бричење

Како замена за класичните креми, регенераторот ќе ви овозможи мазно и лесно бричење и ќе ја омекне кожата. Плус, полесно можете да видите низ него дали сте пропуштиле некое делче.

Необични но корисни употреби на регенераторот за коса

5. Заштита од кородирање

Како што регенераторот ја заштитува нашата коса, така може да ни помогне да заштитиме некои предмети по дома од влага и `рѓосување. Нанесете на шарките од надворешната врата, на славината во тоалетот и на други места подложни на кородирање.

6. Безболно отстранување на фластери

Ако имате низок праг на поднесување болка, овој совет сигурно ќе ви се најде во иднина. Многумина го мразат болниот и иритирачки момент кога треба да се отстрани фластер, без разлика колку брзо го прават тоа, па регенераторот тука може да биде многу корисен. Натопете крпа со малку вода и регенератор и држете ја над фластерот кратко време. Лепакот ќе попушти и ќе можете безболно да го извадите.

Необични но корисни употреби на регенераторот за коса

7. Перење на долната облека

За подолго време да ја одржувате деликатната долна облека, потребно е да ја перете на рака и со нежни детергенти. Додадете малку регенератор во комбинација со детергентот што обично го користите и вашата долна облека ќе биде многу помека.

8. Чистење на четките за сликање и за шминкање

Четките навистина собираат многу бактерии и токму поради тоа мора редовно да се чистат. Наполнете сад со вода, додадете малку нежен сапун и малку регенератор, па потопете ги четките во течноста. По кратко време исплакнете ги и вашите четки ќе бидат чисти и меки.

Необични но корисни употреби на регенераторот за коса

9. Враќање на обликот на џемперите

На сите ни се случило да ни се соберат џемперите во машина иако знаеме дека најдобро е да се перат на рака. Без грижа, со помош на овој трик нема да има потреба да се откажувате од омилените џемперчиња. Наполнете сад со вода, додадете малку регенератор (прснете два пати) и потопете го џемперот. Оставете го неколку часа во водата, потоа исцедете го и обликувајте го во посакуваната форма.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар