Како да бидете секогаш на време?

Автор: Александар Ниневски

Точноста е многу важна за градење професионален имиџ и оставање позитивни први впечатоци. Иако сите сме слушнале многу смешни изговори, доцнењето е најчесто последица на нешто обично. Доколку честопати сте се нашле во ситуација да сте во трка со времето, сега е моментот да подзастанете и да размислите што е тоа што ве задржува.

Проблеми со алармот

Дали воопшто не заѕвонил или сте го наместиле во погрешно време, или едноставно цврсто сте спиеле цело време додека ѕвонел – како и да е, избегнете ги ваквите проблеми со малку планирање. Најпрво погрижете се да склопите очи седум до осум саати секоја вечер и наместете два или три различни аларми за да имате гарантирано будење. Може да бидат физички различни направи (мобилен, будилник и сл.) или едноставно различни мелодии на вашиот телефон. Доколку имате проблем наутро да станете од кревет, наместо да го поставите мобилниот или будилникот на дофат до вашата рака, поставете го на другиот крај од собата за да мора да станете за да го исклучите.

Како да бидете секогаш на време?

Спремањето станува хаотично

Каде ви е чантата или ранецот? А клучевите? Ја однесовте ли облеката на хемиско? Овие стресни моменти лесно може да ги избегнете со само малку планирање. Вечерта пред да легнете да спиете, подгответе сè што треба да понесете пред да излезете и ако можете изберете облека за наредниот ден. Исто така пресметајте колку време ќе ви треба за туширање, средување на косата и јадење за соодветно да го наместите алармот.

Како да бидете секогаш на време?

Порака, имејл или повик на телефон

Не дозволувајте случајни работи предолго да ви го одвлекуваат вниманието. Ако ви заѕвони телефонот, јавете се и разговарајте минута до две и потоа прекинете. Ако е битно ќе го продолжите разговорот подоцна. Ако добиете имејл или порака на која треба итно да одговорите, направете го тоа најбрзо што можете и веднаш исклучете го мобилниот или компјутерот пред да започнете да си проверувате Фејсбук, Твитер итн.

Интернетот ви го краде вниманието

Сите знаеме дека е примамливо да го проверувате вашиот мобилен или компјутер на секои 5 минути, но избегнете ги непотребните проверувања кога се брзате за некаде. Зачувајте го објавувањето на вашите статуси за кога ќе пристигнете на вашата дестинација и оставете го бесцелното сурфање за подоцна.

Како да бидете секогаш на време?

Ви избега автобусот

Како што се приближувате на аголот на улицата гледате како вашиот автобус ви заминува пред очи. На сите ни се случило ова барем еднаш, така што не вознемирувајте се. Во зависност од условите размислете и проценете дали е најдобро да повикате такси, да го почекате следниот автобус или да се јавите кај некој пријател. Најдобро е да ви стане навика да одите порано на автобуската станица, за да можете без да задоцните да го почекате следниот автобус, ако првиот сте го пропуштиле или не дошол на време.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар