3-те најголеми митови за романтичните врски

Сказните кои ни ги читале како малечки наголемо придонеле за оформување на одредени митови поврзани со љубовта и врските. Истите тие сказни сè уште влијаат на нас. Дали и колку овие митови можат да нè спречат во формирањето на стабилна и реална љубовна врска?

Вистината е дека кога еднаш ќе се ослободиме од сите предрасуди и нереални очекувања од љубовните врски, ќе си дозволиме себеси да имаме реална конекција со одредена личност, врска со добри и лоши моменти, но пред сè заснована на вистина, а не на мит.

3-те најголеми митови за романтичните врски

Мит #1: Верувањето дека партнерот е извор на нашата љубов

Веруваме дека љубовта ја наоѓаме во другите кога всушност таа се наоѓа во секој од нас. Љубиме онолку колку што сме способни. Способноста да сакаме зависи од нас самите. Верувањето дека партнерот е извор на нашата љубов и дека постои само еден единствен човек кого би можеле вистински да го сакаме е мит. Нашата љубов не е ограничена и не е потрошен материјал. Можеме да сакаме, да престанеме да сакаме, па да се заљубиме во друга личност. Ограничувањата дека може да се сака само еднаш и само еден човек се формирани под влијание на сказните.

Мит #2: Љубовта и страста треба да останат непроменети од почетокот на врската

На љубовта често ѝ се дава епитетот „вечна“, но тоа не значи непроменета. Сите копнееме по љубов и страст која ќе гори низ годините, но зошто би се стремеле таа љубов да остане непроменета? Всушност, ништо во животот не останува исто засекогаш. Напротив, љубовта некогаш е посилна, некогаш послаба, доживува подеми и падови, со други зборови, се развива и созрева. Љубовта се менува со текот на годините, но тоа не значи дека слабее или исчезнува.

Мит #3: Љубовната врска е главен извор на среќа

Исто како љубовта, така и среќата зависи од нас самите. Очекуваме толку многу од нашите партнери, правејќи ги задолжени за нашата благосостојба и дежурни виновници за нашата несреќа. Иако вашиот партнер треба да се грижи да бидете исполнети и среќни, вистината е дека најголемиот дел зависи од вас самите. Вашата среќа зависи од тоа колку вие сте способни да ги срушите бариерите, да се ослободите себеси и да бидете тоа што навистина сте. Колку и да е прекрасна личноста со која сте во врска и колку и да се грижи за вас, вие нема да бидете среќни доколку, како прво и основно, самите не се потрудите.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар