Ојмјакон – Најладното село во светот

Ојмјакон е село кое се наоѓа во Република Јакутија, во Русија. Иако името на ова село означува вода што не замрзнува, што е поради топлиот извор кој се наоѓа во негова близина, Ојмјакон е прогласено за најладното село на планетата Земја. Познато уште и под името Полот на студот, во ова село просечната температура е -51°C во јануари, а забележани се рекордни -71°C во февруари, 2013 година.

Живеењето во Ојмјакон не е ни лесно ни едноставно и доаѓа во пакет со некои интересни и предизвикувачки додатоци. Па така, воопшто не би требало да ве зачуди доколку очилата ви се залепат за лицето или, пак, батеријата на светилката ви се потроши за многу кратко време. Таму нема да фатите мрежа за мобилниот телефон, а дури и да постоеше каков било прием, батеријата на телефоните не би го издржала ладното време. Меѓу другото, доколку не можете да го ставите автомобилот во гаража со греење, тогаш ќе мора да го оставите вклучен во текот на целиот ден.

Автомобилите мора да се остават вклучени доколку се паркирани надвор на студот.

Сезоната за садење и одгледување на каков било зеленчук е прилично краткотрајна, па наместо со зеленчук и овошје, луѓето кои живеат во Ојмјакон претежно се хранат со риба, месо од ирваси или коњи или, пак, млеко кое го молзат од животните кои ги чуваат на своите фарми. И покрај недостатокот на витамините кои ги има во овошјето и зеленчукот, овие луѓе немаат никакви проблеми со исхраната.

Рибарењето обезбедува извор на свежа храна за жителите на Ојмјакон.

Во Ојмјакон можете да видите многу уникатни куќи и нивни импровизации. Во моментов таму живеат околу 500 луѓе кои ги набавуваат потребните намирници од една и единствена продавница во селото. Исто така, таму има и само една бензинска станица.

Единствените парчиња облека кои можат да ве стоплат на премногу ниските температури во Ојмјакон се крзнените бунди и чизмите од ирвас кои чинат и до 300 евра.

Иако Ојмјакон е познато по неверојатно ладните зими, во неговата околина има преубава природа која е популарна летна и зимска дестинација за луѓе од целиот свет. Многу компании во текот на летото и зимата нудат тури низ воодушевувачката природа која го обиколува Ојмјакон, како и низ самото место кое претставува единствена дестинација и дефинитивно едно интересно доживување.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар