Книга: „Смртно вљубена“ – Федерика Боско

Пристигна Бриџит Џонс на италијански начин

Наслов на оригиналот: Mi Piaci Da Morire – Federica Bosco

Книга: „Смртно вљубена“ – Федерика БоскоФедерика Боско е родена во Милано во 1971, а на 4-годишна возраст се преселила во Фиренца. После нејзината авантура на пат околу светот, кон средината на 90-тите се враќа назад во Фиренца пробувајќи да се пронајде себеси во одредена професија и да започне да гради кариера.

„Смртно вљубена“ е нејзината прва книга, издадена во 2005. После тоа следуваат и две продолженија на истата, насловени како „Љубовта ме води“ и „Љубовта не е за мене“. Федерика е талентирана авторка со висок степен на јазична зрелост. „Смртно вљубена“ има македонски превод, кој е навистина добар и умешно ги доловува сите комични ситуации во оваа приказна.

Синопсис

Моника е Италијанка која се сели во Америка сакајќи да го промени својот живот на подобро. Таа живее со своите цимери, несекојдневната и откачена Сандра, која сонува да има успешна музичка кариера, и Марк којшто е опишан како типичен геј-лик од филмовите. Но набрзо откако пристигнува во Америка сфаќа дека животот не е како во американските филмови. Таа ниту успева да склопи пријателства како во серијата „Пријатели“, ниту пак го живее животот на Џенифер Лопез. Таа работи кај две стари и здодевни тетки, а љубовта одамна не ѝ оди од рака.

Моника го запознава Англичанецот Едгар, кој има издавачка куќа и е заинтересиран за книгата која таа почнала да ја пишува. Нивниот навидум професионален однос се претвора во искри жар меѓу нив. Но не е сè така сјајно. Едгар се плаши од обврски и тешко може да се врзе после страшната несреќа на неговата поранешна сопруга, а Моника ќе има проблем во процесот на осамостојување и со сфаќањето дека секој е одговорен за своите постапки и за сопствената среќа, дека мора да созрее, да престане да се сожалува и да ја преземе работата зрело во свои раце.Книга: „Смртно вљубена“ – Федерика Боско

Лична критика

Да, книгава спаѓа во чик-лит и е поистоветувана со урнебесната комедија за тромавата баксузна девојка Бриџит Џонс. Да, навидум нејзината содржина изгледа доста плитка. Моника е типична девојка која доаѓа во Америка да го оствари својот сон за одеднаш да добие ладен удар од суровата вистина дека ништо не е како во филмовите. По некој љубовен проблем, другар кој е геј… можеби тоа е и повеќе од типично и очекувано.

Но книгава ќе ве насмее до солзи, верувајте. Начинот на раскажување на Боско е просто урнебесен. Доколку имате потреба од ослободување на умот после испитите, „Смртно вљубена“ е совршен избор. Нема да можете да ја оставите откако еднаш ќе ја отворите, ќе ја прочитате во еден здив, и ќе бидете анимирани од комичниот начин на раскажување.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар