Како е всушност да се биде пилот?

Повеќето од нас сме сакале да станеме пилоти кога ќе пораснеме. Потоа, се откажуваме од намерата кога ќе дознаеме колку треба да се учи и да се вежба за да се постигне тоа, но денес сите потајно им завидуваме на пилотите затоа што управуваат со неверојатна машина, постојано се над облаците, патуваат насекаде низ светот и се одлично платени. Но, не е сè така розово. Пилотот и фотограф Луис Греем истакнува неколку работи поради кои пилотскиот живот не е толку кул колку што си мислиме и една поради којa сите овие причини паѓаат во вода.

Како е всушност да се биде пилот?

1. Платата не е до толку висока колку што мислиме. Во САД, каде што работи Луис, просечната годишна плата за пилот во мај 2014 година изнесувала околу 75.000 долари, односно нешто повеќе од 6.000 долари месечно. Иако не е малку, сепак е многу помалку од тоа што заработувале во минатото.

2. Ретко ги гледаат своите семејства. Најчесто работат само 12-15 дена во месецот, но распоредот најчесто е таков што тие трошат премногу време во патување од и до работното место, кое честопати е во друга држава.

3. Летаат до егзотични дестинации, но не успеваат секогаш и да ги видат. Честопати времето меѓу двата лета им е доволно само за да се одморат во хотелот со поглед кон аеродромот.

4. И тие ги мразат одложените летови. Така го губат времето да ја видат егзотичната дестинација кон која треба да летаат или го губат времето кое можат да го поминат со семејствата. Загубените часови дури и не им се платени, затоа што платата им се пресметува според времето поминато во летање. Според тоа, одлагањето на летот значи дека тие се на работа без да бидат платени.

5. Поминуваат доста време во сместување наменето за пилоти. Пилотите имаат каде да се сместат заедно со своите колеги во периодите помеѓу два лета или ноќта пред следното утринско полетување. Но, не сакаат да поминуваат време таму.

6. Нема многу пријателства меѓу колегите. Се разбира, постои пријателство, но иако не се многубројни, не сите пилоти се знаат меѓу себе поради тоа што работата не им дозволува да се среќаваат почесто.

Како е всушност да се биде пилот?

7. Не им се патува. Иако можат да патуваат бесплатно во деновите кога не се на должност, ним не им паѓа на памет да влезат повторно во авион и да поминуваат долги часови во него.

8. Не уживаат во празниците. Сите патуваат за празниците, а тие мора да работат за нив.

9. Мора да внимаваат со алкохолот. За пилотите важи правилото дека последната чаша алкохол мораат да ја испијат 8 часа пред да влезат во кокпитот (некои авиокомпании бараат 12). Заради ова, како и заради фактот дека пијачките во хотелските барови се скапи, тие најчесто мора да почекаат да си одат дома за да се напијат.

10. Здодевно им е за време на летот. Патниците можат да спијат, да слушаат музика, гледаат филм или читаат книга за време на летот, но пилотот мора да го насочи целото свое внимание кон кокпитот. Единственото што може да го внесе внатре е прирачник за летање. А ако пилотот и копилотот не си „одговараат“, тогаш летот за нив може да трае цела вечност.

Сепак…

Луис дава и една причина зошто пилотите никако не се откажуваат од својата работа.

„Беше тоа за време на еден ноќен лет од Калгари до Белфаст. Почнавме да го прелетуваме океанот и веќе можевме да здогледаме серија молњи. Ударите на светлина можеа да им парираат дури и на најубавите огномети. И тогаш, без претходна најава, зелено светло почна да се појавува на хоризонтот. Аурора бореалис почна свое шоу. Додека гледавме во овој прекрасен природен феномен кој беше во полн замав, мојот копилот ја прекина тишината од воодушевување и рече: ‘Па, еве зошто го правиме тоа што го правиме’.“

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар