8 работи кои можеме да ги научиме од Кинезите

Филип Мања е од Белград и има дипломирано кинески јазик и книжевност, а за време на студиите се заинтересирал и за кинеската медицина. Така открил многу работи кои можеме секојдневно да ги учиме од Кинезите.

8-raboti-koi-mozheme-da-gi-nauchime-od-kinezite-kafepauza.mk

Во 2008 година, кога престојувал во Кина, тој се запознал со кинеските вештини чи гонг и таи џи чуан, а после три години повторно се вратил во Кина за да пронајде учител со кого би ги совладал овие вештини како и кинеската медицина.

Поминал 8 месеци под кровот на стариот мајстор Дуан Зилианг, за потоа да одлучи својот живот да го помине во изучување на кинеската медицина.

Филип кажува дека премногу научил додека бил во Кина, но патот до знаењето нема почеток и крај, туку постојано се надградува.

1. Фокус и упорност

Кога Кинезите прават нешто, тоа го прават со внимание и не постои ништо што може да им го одвлече. Ако имаат некаква цел, тогаш секој нивен потег ќе биде фокусиран на остварување на целта, без разлика колку време тоа ќе трае или дали е лесно или тешко.

2. Скромност

Скромноста помеѓу Кинезите отсекогаш била високо вреднувана и таа е доблест која никогаш не ја напуштиле, дури ни денес покрај големите промени во модерното кинеско општество. Интересно е тоа што порано во кинескиот јазик постоеле зборови за „јас“ во скромна форма.

3. Почит кон постарите и учителите

Професорите, лекарите, спортистите, луѓето кои нешто постигнале се крајно почитувани во Кина. Со тоа покажуваат дека се благодарни.

4. Поддршка на другите

Според Филип, ако во Кина се изразите на каков било креативен начин – со зборови, со песна, со игра, со слика – секогаш ќе добиете поддршка и тие ќе ви се приклучат во тоа што го правите. Исто како што прават малите деца.

5. Староста не е болест

Кина е рај за пензионерите. Кинеските пензионери се многу креативни и среќни. Наутро или во текот на денот се во парковите, а навечер на плоштадите. Секаде ќе видите група од постари луѓе кои пеат, свират, се забавуваат со игри или се движат за да ја подобрат циркулацијата во телото.

6. Балансирани оброци на време

Кинезите појадуваат наутро околу 7 или 8 часот, ручаат во 12 или 13 часот, а вечераат околу 18 часот. За разлика од кај нас, таму нема оброк кој се состои од огромно парче месо. Зеленчукот доминира, а месото е издробено на мали парчиња. Имаат обичај да зборуваат за храната додека јадат, а тоа е одличен начин мозокот во моментот да се фокусира на самиот процес на јадењето.

7. Вежбањето е патот до здравјето

Кинезите не вежбаат со цел да ослабат, да го затегнат телото, да го подобрат изгледот или да се исцрпат максимално, тие вежбаат за да бидат здрави. Тие практикуваат брзо одење, лесно трчање, флуидни движења и истегнување. Целта им е да ја подобрат циркулацијата на крвта, да го покачат нивото на енергија, да ја стимулираат работата на внатрешните органи, да го истегнат телото и да ги зајакнат тетивите и мускулите.

8. Чи гонг и таи џи чуан

Ова се традиционални системи за статички и динамички вежби со цел да се унапреди физичкото и менталното здравје, да се постигне подобар фокус на мозокот и да се стекнат посебни вештини.

За авторот
Верува во луѓето и сака да ги разбира. Музиката – страст, кафето – љубов. Позитивна личност и ја гледа добрата страна и во најлошите работи. Невозможното е возможно кога ќе се открие вистинскиот пат.

Поврзани содржини

Остави коментар