Летни музички фестивали на Балканот во 2012

Доколку сакате летово да бидете дел од голема маса на весели луѓе кои создаваат еуфорична атмосфера, танцувајќи и врискајќи на ритмите кои доаѓаат од сцената, проверете кои се најинтересните летни музички фестивали кои наскоро ќе се одржат во нашето соседство.Летни музички фестивали на Балканот во 2012

Exit

Од своето основање во 2000 година, па до денес, фестивалот Exit стана еден од најпознатите летни музички фестивали, не само на Балканот, туку во целиот свет. Високото реноме на организаторите годинава им помогна да соберат извонредна екипа изведувачи, меѓу кои најзвучни се: Guns ‘n Roses, Duran Duran, Plan B, Avicii, Erykah Badu и многу други. Се одржува на Петроварадинската тврдина во Нови Сад од 12 до 15 јули. Редовната цена за една влезница е 3.650 денари, а може да се купи и еднодневна влезница која чини околу 2.000 денари. За околу 6.000 денари може да се следат буквално сите настани.

Hideout

На јадранскиот остров Паг се наоѓа прекрасната плажа Зрче за која многумина сметаат дека ја надминува убавината и забавата што ја нуди Ибица. Во рамките на фестивалот Hideout гостуваат многу диџеи кои прават дива денска и ноќна журка на плажата и на сплавовите. Влезниците се доста скапи, за трите дена од 29 јуни до 1 јули надминуваат 120 евра, но и покрај тоа за летово сите се веќе распродадени.

Fresh Island

Со завршувањето на Hideout нема да престане фестивалската атмосфера на Зрче. На 5 јули почнува фестивалот Fresh Island каде што доминираат имиња од хип-хоп музиката, како Nas и Eve. Билетите се доста поеvтини од Hideout, со цена од 40 евра за трите дена.Летни музички фестивали на Балканот во 2012

Spirit of Burgas

Иако првото издание беше во 2009 година, најпознатиот летен фестивал на брегот на Црното Море веќе ги привлекува младите од цела Европа. Благодарение на медиумската поддршка од MTV, годинава меѓу другите ќе настапат и Armin van Buuren, Korn и Richie Hawtin. Ако сакате да се препуштите на еуфоријата и на духот на Бургас, треба да бидете таму од 3 до 5 август со најмалку 30 евра в џеб за еднодневна влезница, додека тридневната чини 100 евра.

INmusic Festival

Овогодишното издание на фестивалот INmusic ќе се одржи од 28 до 30 јуни. На сцената на Островот на хрватската младост на езерото Јарун во Загреб ќе се појават еден куп афирмирани имиња како Franz Ferdinand, Mando Diao, The Cranberries, Plan B и многу други. Цените за влезниците се движат од 50 евра нагоре.

Rockwave Festival

Локацијата на фестивалот Rockwave е во Малакаса, на неколку километри оддалеченост од Атина. За тридневната влезница во износ од 85 евра во периодот од 30 јуни до 2 јули, во живо ќе можете да ги видите Ozzy Osbourne, Iggy Pop and Tthe Stooges, Paradise Lost, Machine Head, The Prodigy и други.

Elevation Music Festival

Звучните имиња кои ќе се појават на сцената во Софија се Sean Paul, Cypress Hill, Kosheen, Fatboy Slim, Erykah Badu и Breakbot ветуваат една од најдобрите забави на Балканот за летото 2012. Elevation Music Festival се одржува од 22 до 24 јуни, а задоволството да се следи чини 50 евра.Летни музички фестивали на Балканот во 2012

Rock ‘n Coke

фестивалот Rock ‘n Coke се одржува секоја година кон крајот на август и почетокот на септември во Истанбул. Организаторите сè уште немаат објавено детали за овогодишното издание, но имајќи предвид дека минатите неколку години тука настапиле Linkin Park, Travis, The Prodigy, Moby, Limp Bizkit, Franz Ferdinand, The Smashing Pumpkins, Muse, The Cure, може да се очекува дека и годинава за цената од 60 евра ќе се добие фантастична забава.

The Garden Festival и Electric Elephant

The Garden Festival и Electric Elephant се два сосема различни фестивали, но поради сличната програма и фактот што се одржуваат еден по друг во Задар, може да се купи една карта и за двата фестивали која чини нешто под 200 евра. Билет за секој фестивал поединечно чини 110 евра. The Garden Festival ќе започне на 4 јули и ќе трае до 11 јули, додека петдневниот Electric Elephant започнува веќе следниот ден на 12 јули. Се пушта главно електронска музика.

Soundwave Music Festival

Soundwave Music Festival ќе се одржи за време на викендот од 20 до 22 јули во малото далматинско гратче Тисно, во близина на Шибеник. Иако редовната цена на влезниците се движи околу 130 евра, жителите на поранешна Југославија имаат можност да ги купат по повластена цена од 80 евра. Помеѓу изведувачите на овогодишносто издание се De La Soul, Fink, DJ Yoda, Craig Charles и многу други.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар