Среќата доаѓа во мали пакувања

Насмевнете му се на денот нов што се раѓа, на Сонцето кое повторно изгрева на вашиот прозорец, израдувајте се на можноста да дочекате ново утро, можноста за нов почеток и тоа што сте чекор поблиску до остварување на вашите цели! Отворете ги очите, размислувајте правилно и соништата претворете ги во јаве, зашто имате моќ да ги промените работите кон подобро, само ако го сакате тоа.

Среќата доаѓа во мали пакувања

Насмевнете му се на она што го гледате кога ќе погледнете во огледало, а ако не ви се допаѓа, би се изненадиле колкава е вашата способност да го промените одразот.

Бакнете ги најблиските, топло поздравете ги соседите, насмевнете им се на малите дечиња и учете од нив, тие се радуваат на сè без некоја посебна причина! Помогнете им на оние кои се во неволја, отстапете им седиште во автобусот на постарите, израдувајте се на благодарноста која блеска во нивните очи и помолете се да дочекате старост, староста не е лоша, напротив, тоа е смирен период во кој си правите ретроспектива на вашиот живот, му се радувате на секој убав спомен, на сè што сте направиле, а излегло добро, можеби и подобро од очекуваното!

Направете добро дело и бидете задоволни со себеси. Одете гордо и исправено, чувствувајте се удобно во својата кожа, зашто сте убави и блескате, а постојат најмалку десет личности кои во истиот момент би го потврдиле тоа!

Уживајте во слатките мали задоволства, тие му даваат смисла на животот и го прават убав. Убавите мигови „фатете ги“ на фотографија и не дозволувајте ни еден пријатен момент да ви се лизне од сеќавањата. Насмевнете некое натажено лице, прегрнете осамена личност, избришете ги солзите од нечиј плачлив лик, дарувајте среќа и ширете позитивност! Зашто ВИЕ можете сè, ВИЕ сте моќни и ВИЕ, како и сè друго што постои на светот сте ТУКА со ПРИЧИНА!

  • Она што не ви одговара – сменете го.
  • Личноста која ви пренесува негативна енергија – оддалечете ја од себе.
  • На оние кои ве сакаат – возвратете им ја љубовта.
  • На оние кои ги сакате – кажете им го тоа.
  • Тоа што прави да се чувствувате добро – зачувајте го.
  • Предметот кој ќе ве направи среќни – купете го!

Кој ќе ве запре? Кој може да ве запре? ВИЕ сте господари на вашиот живот и ВИЕ управувате со него, кој ќе ви забрани нешто? Кој ќе проба да ја тргне насмевката од вашето лице? Кој би се осмелил на тоа?

Давајте им важност на малите задоволства, на мирисот на вашето утринско кафе, шлапкањето во вирчињата по улиците, јадењето на вашата омилена калорична тортичка, гордиот поглед во очите на вашите родители, новиот цвет кој расцветал во вашиот двор, ненајавената реприза на вашата омилена серија која сте ја пропуштиле минатиот ден, мирисот на вашата постела, прегратката од некој ваш близок, украсувањето на новогодишната елка, игрите во снегот, собирот со вашите најблиски пријатели…

И запомнете, доколку го поминете вашето време во планирање и чекање на нешто големо, ќе ги пропуштите сите оние мали нешта кои ви носат насмевка на лицето!

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Име Reply

    ubavo e da se procita vakva pozitiva na pocetokot na denot

Остави коментар