Долгорочно – до Нова година

Гостински пост: Високо Ц

Недела е ден кога обично моите преморени мозочни вијуги бегаат од реалноста и процесираат беспотребни и небитни информации од типот: слонот не може да скокне, на пример. Сепак, денес не е таков ден.Долгорочно - до Нова ГодинаНоздрите ми ги дразни мирис на чад, а погледот ми завршува врз мајка ми која меша ајвар во дворот. Пикантно лут. Ах тој ајвар. Со лепче и сиренце. Вечен непријател на мојот стомак.

Си мислам, ќе морам малку повеќе да запнам на аеробик утре. Колку калории треба да потрошам всушност?

Ок. Не дека сакам да се ставам себеси во категоријата на луѓе кои бројат калории (тоа се оние кои во супермаркетите секогаш ги вртат и превртуваат производите барајќи го делот Nutrition facts), ама си велам, дај барем еднаш да ги послушам бесплатните докторски совети кои велат дека одржувањето, односно намалувањето на килограмите до посакуваната идеална тежина ќе биде успешно само ако покажете долгорочна посветеност во режимот на исхрана и вежбањето.

Ако е тоа така, да речеме дека сакам да изгледам „најтоп“ за новогодишната вечер. 3 месеци од денес. „Најтоп“ би значело да намалам 5 килограми. Со  режим на исхрана од 1800 калории на ден, аеробик 3 пати неделно би требало да успеам да влезам во омилениот ми цветен фустан (кој е пак во мода оваа есен). Значи, 3 оброци по 500 калории и две ужини по 150. Продолжено еспресо има само 1 калорија. Кафе со млеко и малку шеќер – 80. Ок. Изводливо.

Само, нешто се мислам. Што со сите останати кои не можат да најдат време за вежбање поради брзото темпо на 21-от век, децата, сопругот, домот?

И иако пред некој ден прочитав дека интернетот не прави (извинете!) глупави, морав да побарам решение. Овој пат имав поголема среќа. Очигледно не сум првата која помислила на овој проблем. Значи вака.

За еден час активност:

  • чистење по дома = 210 потрошени калории
  • пеглање или миење садови или пазарување за дома = по 160 потрошени калории
  • подготвување ручек = 140 калории
  • гледање телевизија, читање книга и опуштање = 70 калории

Во основа, потрошените калории од еден час аеробик, се исто како и збирот на потрошени калории при активности низ домот. Единствената разлика е можеби во потрошеното време и мускулатурата, но тоа не ми делува битно кога си во прекрасен фустан, со нова фризура и шминка.

Значи мои драги дами, поставете цел. Во наредните 3 месеци посветете си себеси барем еден час дневно (140 потрошени калории), почнете да вежбате или едноставно придржувајте се до оној режим на исхрана кој вам ви одговара. Едно е сигурно. Ќе се чувствувате позадоволно, поубаво, посреќно и поздраво.

Овој еден час пишувајќи ви, јас потрошив 100 калории. Сега одам да ги вратам назад. Ме чека моето омилено кафе со цимет.

До следното читање, останете ми во добро расположение.

Високо Ц

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Девојката Reply

    :)

  2. Tamawa Reply

    Ова ко јас да сум го пишувала … исто поставив цел, исто сакам да симнам 5 килограми и исто до Новата ни Година. Не сум некој чистач по дома, ама ќе се потрудам :)

Остави коментар