12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

Ги имате изгледано сите филмови од серијалот „Хари Потер“ и многу ви се допаднале. Се сметате себеси за голем обожавател на малиот волшебник и до ден денес се сеќавате на сите магични зборови и ликови. Можеби дури и сте си направиле Хари Потер маратон за време на празниците! Сепак, поради некоја непозната причина, никогаш не сте стигнале да ги прочитате книгите. Време е да се смени тоа! Дури и да не сте љубители на читањето, дајте им шанса на овие книги, па којзнае, можеби ќе ви се допаднат повеќе од филмовите! Ова се 12-те причини зошто уште веднаш треба да почнете со читање на книгите за Хари Потер…

12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

1. Книгите се подобри

Сите љубители на читањето секогаш велат дека книгите се подобри од филмовите. Можеби нема да се согласите со нив, но не можете да го знаете тоа додека не ги прочитате книгите. Филмовите не се воопшто лоши, но во книгите, ликовите и заплетот се многу подетално развиени.

2. Филмовите имаат скратено многу важни детали

Сосема разбирливо е тоа што голем дел од сцените се скратени, бидејќи навистина е тешко да се сместат 800 страници во 2-часовен филм. Но, токму затоа многу пропуштате! Не ја знаете приказната за Дамблдор, односите меѓу духовите, не знаете дека Невил е „избраниот“… Филмовите само ја „чепкаат“ површината на волшебниот свет.

12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

3. Книгите не се наменети само за деца

Многумина мислат дека го „пропуштиле возот“ за да ги прочитаат книгите за Хари Потер. Се срамат да признаат дека дури сега почнале да ги читаат книгите за малиот волшебник. Но, тоа е навистина бесмислено! Во универзитетите во некои земји „Хари Потер“ е задолжително четиво и се смета за дел од модерната класична литература. Никогаш не е предоцна да почнете со читање!

4. Филмскиот Рон не е ништо во споредба со тој од книгите

Рон од филмовите и Рон од книгите се два сосема различни ликови. Руперт Гринт е одличен актер, но многу од репликите на Рон се сменети во филмовите. Во книгите тој доживува личен развој и е многу попаметен, похрабар и позабавен. Тој исто така многу често ја брани Хермиона во книгите, додека, пак, во филмовите постојано ја навредува.

12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

5. „Хари Потер и Редот на фениксот“ не ги исполни очекувањата на обожавателите

Сосема во ред е доколку ви се допаѓаат филмовите. Но, мора да признаете дека „Хари Потер и Редот на фениксот“ не е најдобриот филм на сите времиња. Ликот на Амбриџ е добро доловен, но генерално гледано, филмот не ги исполнува очекувањата. Петтата книга од серијалот е исполнета со многу тинејџерски емоции, а во филмот главниот акцент е ставен на дејството што ја уништува магијата.

6. Филмскиот Дамблдор е поинаков

Во книгите, Дамблдор е постојано смирен и грижлив. Неговите слабости и лутина се видливи дури во последните книги од серијалот. Во филмовите, пак, тој вика и го напаѓа Хари уште во четврта година! Тоа не делува многу софистицирано.

12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

7. Во книгите има многу повеќе политика

Филмовите воопшто не ја доловуваат општествената ситуација во која се случува главното дејство. Во книгите, пак, се дискутираат граѓанските права, нетолеранцијата и фашизмот. Дали сте знаеле дека Хермиона морала да се бори со законот за да добие дозвола да има домашен виленик? Или дека Корнелиус Фаџ ги цензурирал вестите? А што е со Волдеморт и неговата цел да постигне етничка чистота? Овие општествени проблеми се многу подетално разгледани во книгите отколку во филмовите.

8. Романтичните делови се поубаво опишани во книгите

Актерите ги добиле улогите кога биле деца, така што сосема разбирливо е тоа што нема многу хемија меѓу нив. Но, сепак, бакнежите меѓу Хари и Џини се навистина чудни и воопшто не ја доловуваат вистинската емоција. Овие романтични моменти во книгите се опишани многу подетално и поубаво.

12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

9. Ликовите од книгите можат да изгледаат како што сакате

Можете да ги читате книгите и да си ги замислувате ликовите како Даниел Редклиф, Руперт Гринт и Ема Вотсон ако сакате. Но, не морате. Во вашата фантазија, Хермиона може да има темен тен на кожата, а Хари да има руса коса. Можеби лузната на Хари нема да изгледа како слатка молња, туку како реалистична крвава рана направена со нож. Додека читате, вие го одредувате изгледот на ликовите.

10. Книгите се лесни за читање

Нека не ве плаши големиот број на страници. Книгите се читаат брзо и лесно. Можете да ги прочитате првите две книги за само неколку дена.

12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

11. Атмосферата во книгите е иста како онаа во филмовите

Можеби не сакате да ги прочитате книгите, бидејќи филмовите навистина ви се допаднале и не сакате да си го уништите впечатокот. Но, атмосферата во книгите е идентична со онаа во филмовите! Режисерот тука завршил навистина одлична работа! Книгите со сигурност нема да ја променат вашата замисла за Хогвартс до толку многу што никогаш повеќе нема да можете да уживате во филмовите.

12. Се работи за Хари Потер!

Постои причина зошто „Хари Потер“ е најпопуларната книга во светот! Луѓето не ја читаат само за да бидат во тек со најновите случувања. Станува збор за приказна која допира до илјадници милиони срца. Можеби сте скептици и не верувате дека тоа е возможно, но дајте им шанса на книгите да ви го докажат спротивното. Конечно ќе го откриете она што сте го пропуштале сите овие години.

12 причини зошто треба да ги прочитате книгите за Хари Потер ако ви се допаднале филмовите

Прочитајте и за непроценливата мудрост на професорот Дамблдор за животот и надежта.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

  1. Potterhead Reply

    Одличен напис.Вистина е дека филмовите се само еден фрагмент од универзумот на Хари Потер и нудат само една визуелна преттстава за истиот. Инаку ликовите се подлабоки , трагичните моменти уште потрагични (смртта на Дамблдор е една од најтрагичните во литературата воопшто барем според мене ), а деталите со кои Џ.К Ролинг го создала тој цел универзум се неверијатни. На почеток можеби изгледа како книга за деца но таа е многу,многу повеќе од тоа.

    • Nekulturen komentar Reply

      Кога пишувате коментар за книга, значи културно е да напишете spoiler alert , пред да коментирате важен настан од книгата, то ест смртта на Дамблдор, за да луѓето што ги читаат коментарите да не им се упропасти цел серијал на книги…

Остави коментар