Низ призмата на Марија Дибиаџо: Македонија не е Америка – подобра е од Америка! - Part 2

Низ призмата на Марија Дибиаџо: Македонија не е Америка – подобра е од Америка!

Македонија е идила за спортување и туризам

Животот во Македонија е далеку од совршен, но затоа, пак, изобилува со совршени нешта како што е недопрената природна убавина. За жал, многу малку си ја познаваме земјата, па не сме ни свесни за сите можности што ги нуди. Марија решила да стори нешто во врска со тој проблем.

„Решив да ја обиколам родната земја со велосипед затоа што сакав подобро да ја запознаам Македонија. Никогаш немав стапнато во многу од градовите што ги поминавме. Освен тоа, сакав да успеам да ја прикажам нашата земја како идила за спортување и туризам. Јас во Македонија претежно поминувам време на село, без куќи наоколу, бидејќи тоа ми ја обновува енергијата. Најомилени ми се планините и можностите за спортување што ги нуди нашата земја“, открива Марија.

Секоја година, одвојувајте по малку време за да ги запознаете волшебните места што ги крие Македонија. Ги има во изобилство, само треба да посакате да ги истражите!

Низ призмата на Марија Дибиаџо: Македонија не е Америка – подобра е од Америка!

Луѓето во Македонија можат да ви ја вратат вербата во човечноста

Обично Македонците помеѓу себе се опишуваат со негативни придавки, како што се мрзливи, зајадливи, љубоморни и прости, но постои причина зошто странците секогаш имаат пофалби за однесувањето на македонскиот народ. Луѓето во Македонија се многу работи, но тие, пред сѐ, се хумани и човечни, а тоа го докажува документарецот на Марија и нејзиното животно искуство.

„Понекогаш знам да залутам со трчање низ села, па луѓето ми нудат вода и храна. Тоа е неописливо и ми ја враќа вербата во човечноста“, вели Марија.

Спонтаноста и топлината на луѓето, како и искрените пријателства, се главните причини зошто Марија, каде и да оди, секогаш се враќа дома.

Низ призмата на Марија Дибиаџо: Македонија не е Америка – подобра е од Америка!

Македонската култура и традиција ни помагаат да останеме приземни

Нема сомнеж дека Марија е многу успешна жена во деловниот свет, но тоа не е нејзината најсилна страна. Скромноста и приземноста се особините што ја издвојуваат од останатите. Па така, на социјалните мрежи многу често може да се видат фотографии од тоа како се занимава со некои земјоделски и традиционални активности, како што е правењето ајвар, на пример. Марија е пример за тоа дека човек не смее да заборави на своето потекло, без разлика колку успеал во животот.

„Првите пари ги заработив токму од селски производи кои ги продавав на пазар кога имав 7 години. Работев за 100 денари, сендвич и Кока кола и бев многу добра во работата, затоа што не враќав кусур туку за тие пари им давав на луѓето плус производи. Сега, сѐ уште ја имам таа навика и сакам да работам на поле“, раскажува Марија.

Многу луѓе, откако ќе станат успешни, почнуваат да се срамат од селскиот живот и да го одбегнуваат. Но, забораваат дека токму приземноста го прави човекот човек во вистинска смисла на зборот, а не материјалните работи што ги поседува. Освен тоа, најубавите македонски богатства потекнуваат од македонската традиција, како што е ајварот. Но, за Марија ајварот претставува нешто повеќе од храна.

„Ајварот ми е најомиленото нешто, затоа што за мене тој е симбол на семејството и квалитетното време поминато заедно со најблиските. Јас колку и да сум успешна, најмалите и најпростите нешта од Македонија се тие што ја цртаат најголемата насмевка на моето лице“, признава Марија.

Убавината лежи во малите работи, се согласувате?

Низ призмата на Марија Дибиаџо: Македонија не е Америка – подобра е од Америка!

Постојат уште многу причини зошто Марија цврсто верува дека Македонија е посебна земја, како што се мајка ѝ која секогаш ѝ се радува, ѝ ги готви омилените јадења и претставува нејзин најголем двигател и инспирација, но и нејзините кучиња и мачиња кои ѝ се единствените пријатели на село.

„Сите овие нешта склопени во едно не може да се најдат во милионските толпи народ низ Њујорк. Њујорк ме мотивира за остварување идни соништа, Македонија ми помага да не се изгубам како личност додека ги реализирам тие соништа. Многу луѓе се реализираат и стануваат успешни, но се губат како човечки битија, а тоа во Америка се случува и без да дозволите, затоа што моќта и парите се над кои било други критериуми“, завршува Марија.

Низ призмата на Марија Дибиаџо: Македонија не е Америка – подобра е од Америка!

Марија Дибиаџо е борбена жена која успеа да го оствари „невозможното“, без да се изгуби себеси. Но, тоа не е толку тешко колку што изгледа. Сѐ што треба да направите е да ги следите своите соништа и да не им дозволувате на туѓите мислења да ви застанат на патот. Притоа, никогаш не заборавајте кои сте и од каде потекнувате, бидејќи токму тоа ја сочинува суштината на луѓето.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар