Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Ако се жалите дека во Македонија нема згодни момци, време е да сфатите дека сте во голема заблуда! Денес, многу од мажите внимаваат на својот изглед, редовно вежбаат и се хранат здраво. Тоа е начинот на живот што го практикуваат голем дел од македонските момци, а модните агенции го имаат забележано тоа и се обидуваат да ги „уловат“ сите припадници на машкиот пол што се одликуваат со специфични црти на лицето и добро градено тело. Сигурни сме дека следниве машки модели што ги одбравме ќе им станат инспирација на младите момци и ќе ги уверат девојките дека можат да го најдат својот Кен по улиците во Македонија…

Виктор Пецев

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Висок, црн, со тело украсено со интересни тетоважи. Вака најверојатно изгледа мажот од соништата на повеќето модерни девојки. Виктор Пецев е еден од најуспешните топ модели во Македонија, на кој ние му предвидуваме интернационална кариера. Па, како му почнува денот на Виктор?

„Секое утро ми почнува различно, во зависност од обврските. Кога немам обврски, сакам да си поспијам малку повеќе. Веднаш штом ќе станам, задолжително пијам кафе за да се расонам, потоа најчесто појадувам житарици измешани со овошје и протеин. Се туширам, ја јадам ужината предвидена за тој ден за да ми даде додатна енергија и одам на вежбање. Кога имам ревија или фотосесија, станувам порано и сите овие работи ги завршувам порано“, открива Виктор.

Не се ни сомневавме дека вежбањето е неминовен дел од денот на еден згоден модел како Виктор. Тој ни откри подетално како изгледа неговата фитнес рутина.

„Вежбам 5-6 пати неделно и секој ден вежбам различен дел од телото. Тренингот ми се базира на вежби за гради, грб, рамена, раце, нозе и секако стомачни“, објаснува Виктор.

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Момци, слободно „украдете“ го фитнес планот на Виктор доколку сакате да ги подготвите вашите стомачни за летото, но не заборавајте да обрнете внимание и на здравата исхрана.

„Јадам 5 пати во денот, појадок, ручек и вечера со 2 ужини помеѓу оброците. Најмногу јадам месо, јајца, овошје и зеленчук, а одбегнувам шеќери, леб и газирани пијалаци“, изјави Виктор.

Сигурни сме дека голем удел во изгледот на Виктор има и неговото омилено хоби, а тоа е фудбалот, на кој се посветува секогаш кога има малку слободно време. Покрај тоа, Виктор е голем љубител и на видео игрите, а не пропушта и да го прошета неговото куче низ маало. Пред да си легне, најчесто гледа филмови, но кога уморот ќе го надвладее, понекогаш и филмовите го гледаат него.

Комбинацијата од здрава исхрана и редовно вежбање е тајната на неговиот одличен изглед. Заборавете на изговорите и почнете подобро да се грижите за себе. На тој начин, не само што ќе изгледате, туку и ќе се чувствувате подобро.

Мартин Змејкоски

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Никој не може да остане рамнодушен на дечкото со светли очи и продорен поглед! Мартин Змејкоски редовно ги исполнува страниците на најчитаните македонски списанија, а модните ревии не се целосни без неговото моќно присуство на модната писта. Овој модел е уште еден пример за тоа како треба да изгледа денот на еден урбан и исполнет млад човек. Еве што ни откри тој за неговото секојдневие.

„Секогаш се трудам денот да ми биде исполнет. Станувам рано наутро, некаде пред 7 часот. Алармот секогаш го местам 10 минути порано од предвиденото време за станување, затоа што имам да навика да се излежувам во кревет, пред да го започнам денот“, открива Мартин.

Исто како и останатите момци, така и Мартин не може да си го замисли почетокот на денот без кафе во кое ужива со колегите на работа. По завршувањето на работните обврски, Мартин секогаш издвојува време за неговите омилени спортски активности.

„Во прв план ми е фудбалот, бидејќи се занимавам со тренирање на помладите категории во Фудбалската академија ’Champions’, а и сум еден од основачите на академијата. Освен тоа, 3-4 дена од неделата поминувам во теретана по 1 до 2 часа и на тој начин ја одржувам мојата форма“, опишува Мартин.

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Не се ни сомневавме дека вежбањето е главен дел од секојдневието на Мартин, но покрај тоа, тој се обидува и секогаш да се храни здраво. Неговите рутини не се менуваат многу ниту оние денови кога има фотосесија или ревија.

„Тие денови не се ништо поразлични од останатите, прилично се опуштени и исполнети со дружба со другите модели“, изјави Мартин.

И покрај неговиот исполнет распоред, Мартин не заборава да издвои време за кафе со другарите или некое добро филмче со девојката. Мартин е вистински доказ за тоа дека секогаш може да се најде време за најблиските, без разлика на тоа колку обврски имате.

Продолжете на следната страница за да ги дознаете навиките и на останатите машки модели…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар