Ти се восхитувам, значи подобро те сакам!

Заљубеноста е прилично глупава и иако ја доживуваме како почетна фаза на љубовта, таа всушност не е. Почнува и завршува со самата себе и кога ќе се обидеме да сфатиме што толку многу нѐ фасцинирало кај другата личност во која сме биле заљубени, ќе откриеме прилично глупави работи. Сме се восхитувале на телесниот изглед, а тој восхит можеби сме го изразувале кажувајќи некои смешни реченици, како што се „ми се допаѓа твојот задник“ или пак „ми се допаѓа начинот на кој горната усна ти се накривува додека се смееш“, мислејќи дека тоа е ласкав комплимент или пак дека изразуваме нежни чувства. Восхитот е комплексна емоција и не може да ја чувствуваме за задникот или за усните, т.е. можеме, но тоа не е восхитување, туку тоа е хормонско воодушевување.

1-ti-se-voshituvam-znachi-podobro-te-sakam-www.kafepauza.mk_

1. Восхитот ја отвора вратата на перцепцијата

Кога се восхитуваме на некого кого сѐ уште не го познаваме, се восхитуваме на впечатокот кој таа личност го оставила врз нас, од причини кои не можеме точно да ги дефинираме. Но тој впечаток го изострува нашето внимание – ако не подлегнеме на синилото на нејзините очи, ќе забележиме дека се восхитуваме на нејзината смиреност и ќе откриеме дека со истата таа смиреност пристапува во решавањето на проблемите, поради што и другите луѓе ја почитуваат. Можеби се восхитуваме на нечија ведрина и живост, а кога ќе откриеме дека тоа не е само површност, туку особина на нечиј поим за живот, кој опфаќа сè што таа личност прави, тогаш нашиот восхит станува траен.

2. Се восхитуваме на нешто што некој знае да го прави

Некој успева да остане мирен додека сите останати се растревожени. Некој знае да се извлече од секоја потешкотија на необјаснив начин. Или да направи сите околу него да се чувствуваат пријатно, почитувано и прифатено. Или да сослуша нечие неповрзано излагање, да ја сфати суштината и да го направи она што треба додека излагачот сè уште му објаснува за што станува збор. Секој од нас има некоја особина која е достојна за восхит, но не се восхитуваме сите на исти работи.

3. Се восхитуваме на она што е поразлично од нас

Можеби чувствуваме сродност и поврзаност со некој кој умее или пак не умее да направи нешто исто како нас. Но се восхитуваме на она што некој го умее, може, разбира и прифаќа, она со што излегува на крај и она во што пронаоѓа предизвик и смисла, а што нам не ни успева. Се восхитуваме на особините кои нам ни се потребни, за да бидеме во рамнотежа. Затоа восхитувањето е одлична база за љубов, подобра од онаа која се раѓа од сочувствувањето или од потребата некого да заштитиме или во некој да пронајдеме утеха и заштита.

2-ti-se-voshituvam-znachi-podobro-te-sakam-www.kafepauza.mk

4. Восхитувањето ги подига нашите стандарди

Сакаме да му парираме на оној на кого му се восхитуваме. Сакаме тој да се гордее со нас и да има поради што да го возврати восхитувањето. Сакаме да бидеме подобри и затоа сме мотивирани да работиме на себе.

5. Восхитувањето ја поддржува индивидуалноста

Потребна ни е таа граница и после неа некој празен простор, дистанца зад која можеме да се повлечеме од заедничкиот живот во нашата индивидуалност. Кога чувствуваме восхитување и кога предизвикуваме восхитување, таа дистанца е обезбедена и нѐ чува од симбиоза. И секако, ги чува чувствата на восхит да не бидат земени здраво за готово.

Паровите кои се восхитуваат еден на друг, се сакаат подобро, трајно и комплексно.

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар