9 мудри заповеди за шопинг на распродажба

9 мудри заповеди за шопинг на распродажба

Податокот дека во текот на јануарските попусти жените во Велика Британија трошат повеќе од милијарда фунти за облека која нема никогаш да ја облечат, е и тоа како загрижувачки. За да не постанете и вие жртва на распродажбите, проучете ги нашите мудри совети, кои ќе ви заштедат време и пари.

9 мудри заповеди за шопинг на распродажба

1. Ѕирнете во плакарот

Пред да тргнете на шопинг, преуредете го вашиот плакар, со цел да видите што сѐ чувате во него. Можеби имате нешто одамна заборавено во некоја кутија, па непотребно ќе посегнете да го купите во првиот бутик во кој ќе влезете. Добро разгледајте што имате и што ви фали. Дали се тоа секојдневни парчиња облека, класичен капут, чевли, свечена облека или можеби долго посакуваната кожна јакна? На распродажба се достапни сите модни парчиња, а вие треба да ги изберете оние кои навистина ви се потребни, како и во секој стандарден шопинг.

2. Направете список и заштедете

На еден лист, напишете што сѐ ви е потребно да си купите, и понесете го со себе за време на пазарењето. На тој начин ќе го заштедите времето во непотребно лутање по продавниците, а воедно ќе заштедите и пари, бидејќи нема да ги расфрлате на непотребни работи.

3. Одредете буџет

Однапред одредете го максималниот износ кој сакате да го потрошите, за потоа да не се каете дека сте го испразниле паричникот. На пример, доколку сакате да потрошите 6.000 денари, извадете токму толку од вашата картица, ставете ги во паричникот и заборавете дека имате уште пари на неа. Кога ќе го потрошите последниот денар од паричникот наменет за купување, ќе заврши и вашиот шопинг.

9 мудри заповеди за шопинг на распродажба

4. Со испробување започнете пред снижувањата

Облеката која ви се допаѓа, пробувајте ја пред да започне шопинг-лудилото во вашиот град. Кога ќе најдете нешто коешто добро ви стои, запишете од која продавница е и кој број ви одговара. На тој начин ќе заштедите време во чекање пред гардеробите и ќе го зграбите посакуваното парче пред другите. Доколку е веќе доцна за тоа, немојте импулсивно да купувате без да знаете дали бројот ви одговара. Евтино или не, фрлени пари – се фрлени пари.

5. Не го чекајте последниот ден од распродажбите

Со обиколка на трговските центри започнете што побрзо, бидејќи во текот на првите денови кога започнале попустите, повеќето луѓе не се информирани за тоа и плус сите најдобри и најатрактивни парчиња облека се достапни. Во последните денови остануваат само најмалите и најголемите броеви и изборот е многу мал.

6. Заштитете се од манипулативните попусти

На многу бутици пишува дека има 50% попуст, но кога ќе ги погледнете цените, сѐ е прилично скапо. Нека не ве мамат процентите на излогот. Проверете ги цените во неколку бутици и заклучете што е навистина на попуст, а што е измама која ве мами импулсивно да пазарите зашто има голем „попуст“.

7. Старата цена на производот мора да биде видлива

Трговците честопати врз старата цена ја лепат новата, но по правило на етикетата на артиклите треба да е видлива и старата цена, па и процентот за кој производот е снижен. На овој начин, ќе имате увид колку навистина е голема вашата заштеда. Гужвата, гласната музика и еуфоријата може да ве зашемети, но држете ги очите широко отворени.

8. Инвестирајте во детали

Наместо да купувате евтини грди маици, кои ќе ги носите само дома, инвестирајте во сјајни модни детали. Искористете прилика да го купите посакуваниот накит, шал, долна облека, колан или чанта, додека траат попустите.

9. Одберете ги утринските или вечерните часови

Повеќето од нас одат на шопинг по завршувањето на работното време, поради што трговските центри се пренатрупани, а гужвата е неизбежна. Овие фактори влијаат на нашето трпение, поради што сме подготвени да купиме и непотребни производи. Поради тоа, доколку имате можност, избегнувајте да купувате за време на викендите и касно попладне.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. Elica Reply

    vo vrska so broj 7 : nema vrska stara nova cena, ne znaete koja cena koga e zalepena ili napisana. moze da si e redovnata cena 2000 denari a da lepnat za vreme na akcija 3000 denari pa da mislite deka zimate na popust :)))))))

  2. Katerinka Reply

    Mene ne mi trebat niti 9 niti 10 zapovedi za shopping
    😛

Напиши одговор на Katerinka Откажи одговор