8 добри причини да одите на кампување

Природата убаво изгледа, убаво мириса и убаво е да се биде таму. Ако ви требаат дополнителни причини да поминете неколку дена во зеленило, размислете за овие неколку.

8 добри причини да одите на кампување

Авантура сама по себе

Излегување од дома и престојување во средина на која не сте навикнати претставува излегување од вашата зона на комфорот. Убавата природа и предизвиците со кои таа ќе ве натера да се справувате го прават кампувањето авантура сама по себе. Сето тоа искуство, едноставно, е возбудливо.

Се поврзувате со природата

Иако бетонот и асфалтот прават многу работи во животот да ни бидат поедноставни, ние луѓето сѐ уште сме дел од природата. Оттаму доаѓа и она убаво чувство додека чекорите по зелена трева, ги мирисате цвеќињата или се бањате во морето. Приготвувањето на храната во природа или спиењето на тревата и будењето со изгрејсонцето можат да ви го дадат истото тоа чувство. Освен тоа, природата е добар учител и може да ве научи неколку добри лекции за животот.

8 добри причини да одите на кампување

Одмор преку исклучување од останатиот свет

Квалитетен одмор е оној којшто ќе ви овозможи да отидете далеку од проблемите кои ве оптоваруваат, да ги наполните батериите и да се вратите посилни против сите предизвици. Поминувањето време во природа значи неможност за читање на мејлови, логирање на социјалните мрежи, па можеби и неможност да се воспостави телефонски повик. Останувањето подалеку од нив ќе ви овозможи да се опуштите и да не размислувате за нив. Па дури и ако не можете, а да не мислите на проблемите, барем ќе имате можност да ги разгледате од дистанца додека земате оддишка од нив.

Поквалитетно време со другите

Ситуацијата во која неколку луѓе седат заедно загледани во своите технолошки направи не се случува за време на кампувањето. За да се помине убаво сите мора да се потпрат едни на други, на темите на кои можат да разговараат, на работите за кои знаат да се шегуваат и на песните кои знаат да ги свират и пеат. Квалитетно поминатото време со другите е последица на самиот престој во природата. Тоа ќе ви дозволи да уживате во оние мали нешта кои ги носи непосредната комуникација.

8 добри причини да одите на кампување

Извонредна забава за децата

Можете да поминете доста квалитетно време и со вашите деца. Тие го обожуваат времето поминато во зеленило. Сакаат да трчаат наоколу, да ги истражуваат цвеќињата, да им се радуваат на пеперутките, да рибарат и да шлапкаат во поточињата. Тие имаат и многу бенефити од престојот во природа.

Изгрејсонца, зајдисонца и ѕвездени ноќи

Изгрејсонцата, зајдисонцата и ѕвездените неба стереотипно се поврзуваат за романтичарите, но дури и да не се пронаоѓате на оваа група, нормално е да ве воодушевуваат. Секое утро, секоја квечерина и секоја ноќ природата приредува спектакл на небото. Штета е да не се ужива во тоа, а кампингот ќе ве одведе многу поблиску до нив отколку што тоа го може градот.

8 добри причини да одите на кампување

Вештини кои влеваат самодоверба

Вештините како палење оган или поставување шатор нема да ви требаат во градот и нема да ви дадат самодоверба кога ќе се справувате со тамошните проблеми. Сепак, кампувањето може да ви даде доверба во сопствените квалитети со тоа што сте биле некаде на отворено, сте ги задоволиле сите свои потреби и задоволни сте се вратиле дома. Ќе совладате нови вештини, со нив ќе ја надмудрите природата и предизвиците кои таа ги поставува. Ќе добиете чувство дека можете да се справите со што било, дека ако можевте да преживеете неколку ноќи во природа, можете да преживеете било каде.

Евтина можност за одмор

На крај, сите овие работи ги добивате за малку пари. Купувањето на опрема за кампување е еднократна инвестиција, а не мора да купите сѐ и сешто и работи кои најверојатно нема да ви требаат. Храна можете да купите од супермаркет и да потрошите исто толку како да сте останале дома. Тешко е да се поверува дека постои поевтин начин на одмор.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар