7 нешта што не треба да се прават за време на месечниот циклус

Месечниот циклус кај секоја жена е различен, па така секоја за себе најдобро знае што треба да направи, како да се ослободи од болките и кои хигиенски производи треба да ги користи. Но, според гинеколозите, постојат неколку грешки кои жените постојано ги повторуваат кога е во прашање крвавењето. Основно нешто што треба да се направи во тие денови, е да си помогнеме со олеснување на симптомите и секако, да останеме здрави.

7 нешта што не треба да се прават за време на месечниот циклус

Поради тоа, потребно е да се следат препораките на матичниот гинеколог и никогаш ништо да не се презема на своја рака. Што советуваат тие кога се во прашање нездравите навики кои некои жени ги имаат за време на месечниот циклус?

1. Го оставате тампонот предолго

Понекогаш е лесно да се заборави дека воопшто носиме тампон и истиот да остане во нас подолго од што е препорачано, нешто што на гинеколозите буквално им ја крева косата. Секој тампон има одредена апсорбирачка моќ и ако остане предолго во организмот може да предизвика навистина редок, но многу ризичен синдром на токсичен шок. Поради тоа е потребно да се следи упатството што го има на секое пакување.

За да бидеме сигурни дека нема да дојде до токсичен шок, потребно е да се користат тампони со помал апсорбирачки капацитет, а со тоа и почесто да се менуваат, за да се избегне предолго останување во вагиналниот отвор.

2. Не пиете доволно течности

За време на циклусот важно е да се храниме доволно здраво и да ја внесуваме дневната количина на вода и други течности, дури и ако самата помисла на тоа може да предизвика гадење. Треба да се внимава исхраната да содржи помалку сол и шеќер, а основен пијалак да биде водата.

За време на крвавењето се случуваат и хормонални промени кои може да предизвикаат појава на акни, намалена потреба за течности, проблеми со варењето и промени во расположението. Токму поради ова е потребно исхраната во овој период да биде повнимателно избрана, доволно хранлива и секако, да се пие повеќе вода. Само така некои од овие проблеми ќе бидат надминати природно.

3. „Преболување“ на болките

Болките и грчевите се чест симптом кај речиси секоја жена. Контракциите на матката помагаат таа полесно да се испразни, но некои жени имаат исклучително болни циклуси и за жал, не се обидуваат никако да си помогнат.

Во вакви случаи не се препорачува да се избегнуваат лековите против болки или топлите облоги. Напротив, тие можат значајно да ги олеснат симптомите, за да се избегне агонијата од болка. Матичниот гинеколог секогаш може да препорача соодветен препарат со кој животот за време на „оние“ денови ќе биде многу полесен.

7 нешта што не треба да се прават за време на месечниот циклус

4. Игнорирање на невообичаените симптоми

Понекогаш невообичаените симптоми ги припишуваме на промени во климата, во исхраната, во расположението и ги прифаќаме како нормални, но не секогаш е тоа така. Сè што изгледа невообичаено, треба да биде пријавено кај гинекологот, за да може веднаш да се провери од што е предизвикано.

Женското здравје треба да се чува најактивно што може, да се следат сите промени и со тоа да се овозможи навремено дијагностицирање при евентуална појава на заболувања како што се ендометриоза, полипи, нетипични ткива, но и да се избегне анемија поради засилено крвавење.

5. Неследење на циклусот

Постојат повеќе начини да се следи циклусот, како што се водење дневник, следење преку апликација или со помош на хормонски таблети. На тој начин ќе знаете да ги препознаете симптомите на овулација, но и да предвидите кога треба да започне крвавењето во следниот месец.

За оние кои сакаат да забременат, исто така е важно следењето на плодните денови, исто како и кај оние кои сакаат да се заштитат од бременоста. Со запишување на деновите на крвавење, следење на интензитетот и водење дневник за симптомите, лесно ќе се забележи доколку има некоја отстапка од вообичаеното, за која треба да се реагира со посета на гинеколог.

7 нешта што не треба да се прават за време на месечниот циклус

6. Заборавање на редоследот на земање контрацепциони таблети

Многу жени не ги земат плацебо таблетите, мислејќи дека нема да заборават кога треба да започне следното пакување. Овие неколку апчиња служат за потсетник кога треба да се започне новиот циклус на терапијата, а ако се пропуштат, постои можност да се почне ден порано или подоцна, што веднаш може да го наруши воспоставениот ред.

Ако често заборавате да ја земете дозата, наместете потсетник на вашиот телефон или запишете на лист хартија, кој ќе биде оставен на видно место. На тој начин ќе можете да ја земате терапијата онака како што ви е препорачана, без отстапки.

7. Имате незаштитен секс

Бременост може да се случи и во денови кои се неплодни, па дури и за време на слабо крвавење. Исто така, ризикот за сексуално преносливи зарази постои и кога крвавите, а може да се каже и дека во тие денови е зголемен, поради состојбата на регенерација на ткивата.

Поради тоа е важно редовно да се користи заштита, особено ако имате односи со непостојан партнер или пак, со повеќе од еден партнер. Некои сексуално преносливи зарази можат да направат трајна штета, па затоа е важно вашето здравје секогаш да е пред секое задоволство.

Дознајте и дали стресот навистина влијае на плодноста?

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар