5 нешта кои ќе ги разберат само анксиозните личности

Анксиозност. Многумина ја категоризираат како болест на модерното време или измислена ментална состојба од која лесно може да се излезе само што луѓето сакаат да преувеличуваат. Вистината е дека стресот и брзото темпо на живот ја носи таа анксиозност со која не секогаш е лесно да се справиш. Анксиозните личности се соочуваат со многу грижи, проблеми и очекувања за иднината, чувствувајќи дека нештата лесно би им избегале од контрола.

Денес наголемо се пишува за анксиозноста, но и за справување со неа и нејзино надминување. Овој пат се фокусираме на главните проблеми со кои се соочуваат анксиозните личности. Олеснителна околност е тоа што по читањето на ова ќе сфатите дека не сте единствени, сите ние кои за најверна „пријателка“ ја имаме анксиозноста се соочуваме со овие 5 проблеми.

5 нешта кои ќе ги разберат само анксиозните личности

1. Премногу се грижите за работата

Ова не е новост за вас. Уште од средно и факултет вие бевте преокупирани со резултатите кои ќе ги покажете и со тоа дали сте доволно добри. Дававте и давате сè од себе истовремено постојано стравувајќи дека не е доволно. За некој кој не е запознаен со овој проблем, решението е едноставно – даваш сè од себе и затоа си добар во она што го работиш, тогаш што е проблемот? За сите оние кои го мислат ова, фер е да им кажеме дека и ние се согласуваме. И ние на моменти мислиме дека нашите грижи се глупави, со таа разлика што не можеме да излеземе од таа состојба на мислите.

Знаеме дека е глупаво тоа што се преоптоваруваме, дека ретко кога живееме во моментот и дека по секоја успешно завршена задача ние не му се радуваме на успехот туку размислуваме за тоа што сме можеле да направиме подобро и веднаш преминуваме во грижи за следниот предизвик. Знаеме дека е напорно и дека нема смисла, но сè што можеме да направиме е да почекаме таа неподнослива грижа да спласне малку.

2. Најголемиот проблем е кога ќе завршите некоја задача

Слично со првиот проблем, може слободно да кажеме дека грижите продолжуваат и откако ќе jа завршиме работата. Тука спаѓаат најситните но и најголемите нешта. Не ви се случило да испратите мејл без макар два пати да се вратите во фолдерот на испратени мејлови и да ја препрочитате пораката. Вашата радост на денот на дипломирањето, како и на денот на каков било успех била измешана со чувството дека сте можеле подобро. Во тие моменти повеќе од сè на светот потребна ни е поддршката од најблиските кои треба да ни кажат дека сè е во ред и дека никој не е суперхерој.

3. Размислувањето за иднината е исцрпувачкo

Кога размислувате за иднината веднаш помислувате на сите оние нешта кои треба да ги направите со цел да станете она што сакате да бидете, па помислувате на сите нешта кои би можеле да тргнат наопаку. Најмногу од сè ве плаши губењето на контрола и претекувањето на времето. Како да му помогнете на ваш близок кој се соочува често со ваква анксиозност? Прво, сфатете дека велењето „Сè ќе биде во ред, ќе се наместат коцките“, не помага многу. Иако не можете да ја избркате анксиозноста од луѓето, може да ја направите поподнослива. Помогнете им да минат низ тежок период со тоа што ќе бидете тука за нив.

4. Проблемот не е помал и кога размислувате за блиската иднина

Опседнати сте со пост-ит ливчиња и потсетници и дури и најмалите задачи како подигнување на пратка од пошта може да ви предизвикаат грижи бидејќи сакате да ги планирате. Опседнати сте со планирање на времето и со тоа дека сè треба да мине во најдобар ред. Вашата теорија е дека доколку не ги направите перфектно малите нешта, тогаш што останува за големите?

5. Се трудите да ги задоволите другите

Со намера да бидете најдобри во сè, природно се наметнува вашата желба луѓето да ве сакаат. Давате сè од себе, како некој тоа не би го сфатил? Затоа се трудите да ги задоволите желбите на другите, во што нормално, не успевате бидејќи никој никогаш не успеал да биде обожуван од сите. Како резултат станувате гневни и таа личност ви станува одбивна што го поттикнува чувството на депресија. Натерајте се себеси да сфатите дека обидот за задоволување на сечии апетити секогаш завршува катастрофално. Не секој ќе ве сака или разбира и не секој ќе ве вреднува соодветно, но размислете дали и вие ги третирате сите луѓе како што треба? Престанете да се чувствувате како жртва постојано и сфатете дека едноставно, не секој ќе ве сака. Фокусирајте се на оние кои се фер со вас, кои ве сакаат и прифаќаат.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар