Зошто дел од вашите сеќавања можеби се лажни?

Постои голема шанса дека многу од вашите сеќавања, или делови од нив, се лажни. Искривувањето на меморијата е многу полесно и почесто отколку што мислите.

Зошто дел од вашите сеќавања можеби се лажни?

Елизабет Лофтус, психолог и експерт за нестабилноста на човечката меморија, го докажала ова преку години поминати во истражување и спроведување експерименти. Иако ова можеби изгледа како нешто лошо, постојат начини да се искористи за добра цел, како на пример во борбата против зависноста или дебелината.

Многу луѓе сметаат дека нивните сеќавања ги дефинираат како личност. Ова им го отежнува прифаќањето на фактот дека некои од сеќавањата се лажни. Сепак, ова е психолошки феномен каде што личноста се сеќава на нешто што не се случило, или пак го помни поразлично. Елизабет го посветила нејзиниот живот за да го разбере овој феномен.

Еден од првите експерименти на Елизабет бил во далечната 1974-та година. На испитаниците им биле покажани видео клипови од сообраќајни несреќни. Потоа им биле поставувани прашања за да се одреди што запомниле од видеата. Се открило дека помнењето на испитаниците зависело од начинот на којшто се формирани прашањата.

На пример, кога ги прашувале колку брзо се движеле автомобилите кога се „разбиле еден во друг“, наместо кога се „судриле еден во друг“, одговорот секогаш бил повисока бројка. Една недела подоцна ги прашале дали имало скршено стакло. Луѓето на кои бил употребен зборот „разбива“ одговориле со „Да“, иако немало скршено стакло на видеото.

Дури и ситните детали, како членување на зборот, правеле разлика. На пример луѓето биле прашувани дали виделе скршено светло или дали го виделе скршеното светло. Оние кои биле прашани со член, почесто се сеќавале на скршеното светло, иако тоа воопшто не постоело.

„Најголемата грешка на полицајците е што зборуваат премногу. Тие не чекаат сведокот да зборува. Понекогаш му даваат информации на сведокот што можат да го променат неговото сеќавање за тоа што се случило, кој го направил делото… Сето ова не е вина само на полицајците. Грешните информации се насекаде во реалниот свет. Сведоците разговараат едни со други, го вклучуваат телевизорот или го читаат весникот ако станува збор за познат настан. Ги слушаат сведочењата на другите сведоци. Сите овие ситуации нудат можност за нови информации или менување на сеќавањето. ДНК тестовите покажале дека има стотици и стотици луѓе кои биле обвинети, а биле сосема невини“, изјавила Елизабет.

Во друг нејзин експеримент од 1995-та година, Елизабет собрала 24 нејзини студенти и нивните најблиски членови од семејството. Секој член запишал 3 настани од детството на студентот. Потоа бил додаден и четврти лажен настан без никој да знае за тоа. Потоа студентите ги читале текстовите на нивното семејство.

Секој од нив требало да каже дали се сеќава на 4-те опишани настани и колку е убеден дека настанот навистина му се случил. 7-мина од 24-те студенти се сеќавале на лажните настани, а неколку од нив си додале и нивни детали.

„Навистина беше возбудливо да се гледа како овие здрави, нормални луѓе го прифаќаат предлогот и ги прифаќаат лажните информации што им ги дававме“, изјавила Елизабет.

Разгледувајќи ги резултатите од нејзините истражувања, Елизабет се запрашала дали покрај тоа што може да всади сеќавање во нечиј ум, може и да влијае на туѓото однесување. Доколку ова е вистина, дали може да им помогне на луѓето користејќи лажни сеќавања.

Целта на следниот експеримент била да се убедат испитаниците дека навистина се разболеле како деца откако изеле одреден вид храна. Една недела подоцна испитаниците биле испрашувани за инцидентот. Многу од нив „се сетиле“ на настанот, и тоа во детали. Подоцна се открило дека ова лажно сеќавање всушност имало влијание на нивниот начин на исхрана.

Значи, лажните сеќавања можат да бидат навистина штетни, како на пример, да однесат некој невин во затвор. Но тие можат да бидат и навистина корисни, односно можете да убедите некого дека алкохолот му е одвратен, па на тој начин да му помогнете да се откаже од пиењето.

Нашите сеќавања се кршливи и подложни на промена во зависност од сè и секој околу нас. Истражувањата покажале дека кога им давате лажни информации на луѓето за некое искуство кое можеби го имале, можете да го измените или искривите нивното сеќавање.

Сте слушнале ли за овие неверојатни митови за меморијата?

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар