7 неверојатни митови за меморијата кои сигурно не сте ги знаеле

Секој човек има сеќавања. Некои од луѓето велат дека имаат подобра меморија, некои пак се жалат дека потешко запаметуваат имиња, ликови, датуми… Меморијата и способноста на мозокот да памети одредени настани и случки е особено интересна област за истражување. Постојат многу студии кои ја опфаќаат оваа тема, но истовремено има и многу митови во кои луѓето веруваат, а се поврзани со меморијата. Можеби и вие не сте знаеле за овие 7 нешта поврзани со нашите сеќавања…

(1) 7 мита за меморијата кои не сте ги знаеле

1. Нашите сеќавања се само наши

Вистината е дека сеќавањата се општествени конструкции. Секој пат кога споделуваме некое сеќавање со околината, ние го обновуваме. На пример, многу често нашите мемории ги адаптираме или ги правиме позабавни за луѓето на кои им ги раскажуваме. Затоа, добрите приказни со секое ново прераскажување, стануваат уште подобри. Од друга страна, секој пат кога ќе слушнеме нечија верзија за одредена случка, постои можност да ги „украдеме“ сеќавањата на личноста која ни раскажува. Многу често потоа ги вметнуваме во нашата верзија, па дури почнуваме да веруваме дека тоа навистина нам ни се случило. Всушност сите ние сме „крадци на сеќавања“, а не сме свесни за тоа.

2. Лаже оној кој не ја кажува вистината

Личноста која раскажува нешто што очигледно не е точно, не значи дека лаже, туку можеби станува збор за нешто што се нарекува „лажно сеќавање“. Лажната меморија е сеќавање што раскажувачот го чувствува како вистински настан, дури и ако на одреден начин, не е точно. Можеме да имаме лажни сеќавања во врска со мали детали, како на пример погрешно запаметени имиња на луѓе, па дури и цели настани кои не ни се случиле ниту нам, ниту на некој друг.

3. Долготрајната меморија вклучува сеќавања од барем неколку месеци

Кога научниците говорат за „краткотрајна меморија“ тие мислат на информации кои се складираат во мозокот околу 30 секунди. Сè што останува подолго од 30 секунди се смета за „долготрајна меморија“. Оваа меморија може да трае една минута, или цел живот.

4. Се сеќаваме на настани кога сме биле бебиња

Научниците вообичаено тврдат дека не е возможно да имаме сеќавања од возраста до две и пол години. Тоа, како што објаснуваат, е затоа што нашиот мозок до таа возраст не е доволно голем и зрел, да си направи организација на светот што нè опкружува и потоа да ги сними настаните. Овој феномен е познат како „детска амнезија“. Научниците понатаму тврдат дека човекот има „делумна детска амнезија“ на возраста меѓу три и седум години, кога нашата меморија сè уште не е толку добро развиена и долготрајна, како по седумгодишна возраст.

5. Има нешто што се нарекува фотографска меморија

„Фотографската меморија“ не постои. Најблискиот термин до овој феномен е еидетско помнење – исклучителна меморија за настани и слики. Околу 5% од децата имаат ваков тип меморија, но тоа наместо да претставува ментална супер моќ, може да укажува и на некаков проблем во развојот.

6. Сите се сеќаваат каде биле за време на важни историски настани

Кога сме сведоци на важни историски настани, вообичаено секој човек има точна и многу реална слика за тоа каде бил и што правел во тој момент. Од поновата историја, за пример може да ги земеме бомбашките напади во Париз, уривањето на кулите „Близначки“ на 11-ти септември или смртта на принцезата Дајана. Но, тие сеќавања за тоа каде сме биле и што сме правеле, многу често не соодветствуваат со реалноста и не се најточни. Довербата во нашите сеќавања, поврзани со таквите моменти е често на многу високо ниво, што укажува дека токму таа може да биде лош показател за точноста.

7. Имагинацијата и меморијата се две сосема различни работи

Но, всушност и не се. Нашите сеќавања се неверојатно сложени, флексибилни и креативни. Ние ги користиме истите делови од мозокот за да ги замислиме нештата коишто се случуваат преку употреба на нашата имагинација, исто како кога ги паметиме работите. Бидејќи, истите мозочни ќелии можат да се употребуваат за имагинација и помнење, овие два процеса можат да се измешаат. Па така, многу често може да ги измешаме работите кои сме ги замислувале, со нештата кои вистински сме ги доживеале. На овој начин, научниците кои ја истражуваат меморијата кај човекот, можат да ги убедат луѓето дека доживеале одредени емоционални настани, кои всушност воопшто и не се случиле.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар